Блекаут

20 November 2007

Најава: Трета меѓународна конференција е-Општество.Мк

Третата меѓународна конференција „е-Општество.Мк“ ќе се одржи во Скопје, Македонија на 29 и 30 ноември, 2007 г. Оваа година фокусот на конференцијата е креирање и обезбедување на околина за инклузивна е-власт, во Македонија и регионот.

Процесот на пријавување за учество на конференцијата е отворен до 16 часот, 26 ноември 2007 година (понеделник). Пријавувањето се врши преку формулар поставен на веб-сајтот на конференцијата.

18 November 2007

Ти нам нова технологија, ние тебе сексуална робинка

Новата реклама за сокови од Вива се пренесува и порака која е сосем во согласност со тековните случувања кај нас (Младите сè повеќе се впуштаат во проституција, а сексуалните работнички се меѓу најдискриминираните општествени групи):

Сиромаштијата и неможноста на родителите да ги задоволат потребите на своите деца е основната причина за проституција помеѓу младите.

Адолесцентите на возраст од 13 до 25 години прво даваат сексуални услуги за подарок, а не ретко стануваат жртви во ланецот со трговија на луѓе.

Во рекламата, група Индијанци доаѓаат во „каубојски“ град и на шерифот (маж на педесетина години, со побелена коса) прво му нудат 50 коњи, а потоа и една млада девојка за да им ја каже „тајната на напивката“. Девојката со чие тело се тргува е згодна и заводлива и на крај сите се среќни.

Во сабота вечерта на Телма го даваа филмот „Малиот голем човек“, со Дастин Хофман во главната улога, токму на тема геноцидот врз последните слободни индијански племиња - малку поинаква слика од идиличната реклама. Ептен препорачлив! До душа, преводот беше толку лош, што цело време одвлекуваше внимание од содржината со апсурдноста на грешките.

И во реалниот живот имало „напивка“ за навлекување на Индијанците, но не било сокче, туку алкохол. Алкохолот на многумина од луѓето чиј начин на живот бил уништен заедно со голем дел од роднините, а во наредните неколку генерации биле затворени во своевидни концентрациони логори (резервати) им претставувал утеха и причина за побрзо лично уништување...

17 November 2007

Препорака за Канализација: Сабота на хоророт...

Читајќи го постот на Канализација: Сабота на хоророт и на даунлоудот ми текна дека има еден одличен филм за атмосферата што ја опишува Владо: „Ноќна стража“ (Ночной дозор, Night Watch) на Тимур Бекмамбетов, познат и како прв руски филм со специјални ефекти по холивудски стандарди.
Night Watch review 1 Night Watch review 2
Она што особено ми се допаѓа во филмов, покрај одличните костими, е и користењето на елементи на (условно речено) словенска митологија - детали што додека ги гледав ми се чинеа благо познати и асоцираа на бајките што се одвиваат по шуми. Наспроти тоа, „Ол муви“ вика дека филмот „не е за деца“.

PS
Постои и истоимена слика од Рембрант, од пост-витешко време. Луѓето на неа се „обични“ граѓани членови на холандска „територијална одбрана“.

15 November 2007

Ќе ги сотреме, како и другите....

Како поминува времето, така бројот на приматите - роднини на нашиот вид Homo sapiens sapiens, или во превод „Ептен паметен човек“ се намалува. До пред неколку десетици илјади години сме ја делеле планетава со други хоминиди, како неандерталците, ама набргу откако стапиле во контакт со нашите директни претци, „ги снемало“.

Слично е со наредниот степен на генетско сродство, братучедите „големи мајмуни“ (анг. apes), а и малите (мonkeys) во последниве неколку децении. Ги ловиме поради нивното месо или ги истребуваме затоа што ни треба нивната територија. Во некои случаи, постојат сомнежи дека нивните убиства се дел од разработена шема за манипулација со медиумите и искористување на наивните душегрижници.

Некои од нив се обидуваат да возвратат. Други, се обидуваат да избегаат од концентрационите логори кои ги нарекуваме зоолошки градини - безуспешно, изрешетани од полицијата. Пред повеќе од три години запишав:
Ако набрзо не еволуираат и го преземат светот, нема да има дела (од потомците или преживеаните,) како „Корени“ или „Ноќ“. Кога ќе ги испоубиме, ќе правиме компјутерски симулации со кои ќе ги интерпретираме нивните животи, или тажни филмови како за американските Индијанци. Да ја добиеа нацистите Втората светска војна, дали „чистите ариевци“ од нивната далечна иднина ќе пишуваа тажни приказни и ќе снимаа трагични филмови за проклетите но романтични „раси“ на „подлуѓе“?

11 November 2007

Убав, моќен... со неоригинална реклама

Новата реклама за Беемве (BMW) има повеќе смисол ако го имате гледано цртаниот филм Јуранесик, реклама од француското студио Гобелинс направена за фестивалот за анимација во Анеси од 2002 година:


Што бидна со дебатата за мега-издавачките проекти?

13.10: Владата објавува дека ќе даде поддршка за три издавачки проекти
14.10: Развигор советува проектот да го насочат како за 21, а не 19 век и преку дигитализација да се поштеди некоја шума
15.10: Букарски праќа отворено писмо до Премиерот на темата...
15.10: ...и добива поддршка од Јанко, Вуна, Фемгерила, Рибаро и неколку други блогери (чии постови не ми се отвораа, па не ги линкам)
30.10: Коља предупредува „ситнопиљарска логика“ да не се меша со „висока култура“
30.10: Букаро чека одговор од Премиерот...

И? Испадна нешто од оваа дебата?

Баш внимателно ја следев ТВ-рекламата која трае мнооогу минути и тој „средношколецот“ што личи постар од сестра му апсолвентка, иако рече дека: „...парното поефтини, а струјата е субвенционирана за сите...“ не го вброи издавачкиот проект во владините постигнувања.

Телефонски кодови од разни земји

Ви се случило да добиете повик или смс од странство, а да не знаете кој ви се јавува, ниту од која земја?

- Одговор на второто прашање може да добиете од списокот на меѓународни телефонски кодови, односно повикувачки броеви по земји. Кога сте веќе тука, пишете им на авторите да не нè фајромизираат.

06 November 2007

Почит за ѓубреџиите (на патот кон ЕУ)

На фотографијава е полица со играчки од продавница во Ајндховен, Холандија. Ми се виде интересно што два од трите најдобри европски брендови за играчки во вид на човечиња, Плејмобил и Лего, во својот асортиман имаат вклучено ѓубреџии.


О, како и третиот, Папо, и тие два имаат и играчки на секакви други теми, од природонаучни, преку историски до научнофантастични. Она што ме импресионира е дека се застапени и секојдневните професии, со ликови меѓу кои има и жени и деца, овозможувајќи им на децата да здобијат далеку пошироки воспитни придобивки.

На времето (околу 1979 г. кога имав пет години) во Македонија беа достапни Плеј-биг, згаснатиот конкурент на Плејмобил, кои одеа со сличен пристап - се сеќавам дека имав работник на патишта (сосе крамп, флуересцентно пончо и оној конус за сигнализација). Сметам дека би било од национален интерес на децата на Македонија да им се овозможи пристап кон ваквите егалитаристички играчки, наместо само такви кои служат за романтичарско-милитаристичко индоктринирање.

01 November 2007

Википедија влегува во македонскиот мејнстрим

А1 објавиле дека Википедија влијае врз перцепцијата на статус за јавни личности, што веројатно ќе придонесе за дигање на свеста. Пријателката што ме извести за ова додаде:
„Сеа одма ќе видиш сите политичари ќе се изредат на вики.“
Јас уште на времето (март 2006) промовирав позитивен пристап во оваа насока: „Елена на Википедија (М2, кај сте?)“, арно ама не се сетија одговорните да поддржат.

Деновиве ми се интересни некои не-баш стандардни форми за користење на „вики“ во светот, како за оживување на „мртви“ јазици или промовирање на мали земји на англиски јазик, преку контролирана уредувачка политика.