Блекаут

31 December 2010

Омилени цртани филмови на син ми (деновиве)

„Со Шиљо и клави[р]чето“ е снимен во времето на Големата депресија и во него јунаците на Дизни се претставници на работничката класа кои го изгубиле домот оти немаат пари за кирија, па се обидуваат да го спасат мебелот од властите кои сакаат да им го стават на аукција.


„Со музичарите“ го предизвика најчудното барање за подарок што сум го чул: „Тато, купи ми бура! Голема, да си иг[р]ам со неа.“


М, да. :-) СНГ на сите!

29 December 2010

Би сакале инвеститори од Северна Кореја, ама нема кандидати за промотори?!

Цитат од вест за економските промотори од МИА што ја пренеле Иди види и МТВ (мој болд):

За одредени земји како што е Северна Кореја тешко се наоѓаат кандидати од аспект на возраст, познавање јазик или образование воопшто. Засега ротирање на промоторите не се планира зашто евалуацијата се уште не е завршена.

Новинарот Борис Георгиевски од чиј профил на Фејсбук дознав за оваа чуден, но не и невозможен податок (за македонски услови), смета дека најверојатно се работи за грешка на новинарот на МИА кој ги „помешал северот и југот“.

Зошто веста е чудна, може да согледате и од текстот за тоа како конзумеризмот навлегува во Северна Кореја што денес го објави Он.нет.

27 December 2010

Викиликс - тема на вестите на А1 од 19 часот

Поканет сум вечерва на вестите на А1 на муабет за Викиликс.

Би сакал да ги претставам мислењата од блогосферата. Ваши сугестии и насоки?

25 December 2010

Промоција на книгата „Лицата на невидливиот град“

Денес (сабота 25.12.2010) во 20 часот во ГЕМ-клубот (Менада во Стара чаршија) ќе биде одржана промоција на книгата „Лицата на невидливиот град“ од Иван Блажев и Владимир Јанковски.

24 December 2010

Историја: Македонски „протекувања“ наспроти Викиликс

Денес на панелот на Центарот за истражување и креирање политики кажав дека не се сеќавам дека во македонската историја имало случај да се смени нешто преку правење документи достапни до народот во нивната целосна и изворна форма, како што тоа го прават Викиликс. Низ дискусијата беа споменати неколку случаи на протекување, но сите беа на доставување до медиуми, кои потоа објавувале делови или можеби и цели. Подоцна дознав дека и Александро објавил негова топ листа на протекувања.

Не се согласувам дека овие случаи се споредливи со Викиликс. Денес ниеден од тие документи не е јавно достапен. Исто има разлика ако се каже достапен „на јавноста“, односна на една мала група новинари, наспроти до било кој заинтересиран. Второто нешто е овозможено токму со Интернет - и беше скоро невозможно претходно. Прво ќе наведам како ги сфаќам карактеристиките на Викиликс, а потоа да видиме кои наизглед слични случувања од Македонија ги задоволуваат критериумите.

  • се објавуваат цели документи (освен прецртани лични податоци)
  • документите/записите се достапни и за обичните граѓани, не само за медиумите
  • за корисникот е лесно да дојде до копија од документите (Интернет)
  • содржините укажуваат на корупција и други злоупотреби
  • изворите се веројатно поединци, инсајдери од институциите кои ги контролираат тие документи
  • изворите не бараат пари (колку што знаеме)
  • посредник меѓу изворот и јавноста е невладина организација која промовира идеали

Еве ги случаите што досега беа споменати од Александро:

  • Афера „Сина птица“ (1992) - политичка партија емитувала снимки направени од тајни служби
  • Афера „Дувло“ (1992) - политичка партија вади документи - докази дека била прислушкувана од МВР
  • Афера „Големото уво“ (2001) - политичка партија вади документи - докази за прислушкување од МВР. Дел од транскриптите мислам се појавија на веб, по форуми?
  • Афера „Латас, српски шпијун“ (2010) - весник цитира документи од странски тајни служби за државјанин на РМ.
  • Афера „Водство на ОНА/ДУИ, српски шпијуни“ (2010) - извори блиски до политички партии доставуваат фотокопии од наводни документи до медиуми и државни органи. Вториве ги прогласуваат за фалсификат.

На дискусијата Роберто Беличанец ги спомена и:

  • Лични записи од висок воен старешина (1996?) за недостатоците на раководителите на касарните кои некој службеник му ги зел од фиока и ги предал на неделникот Фокус. По нивното објавување посочените како пијаници и србомани биле тргнати од одговорните позиции, а државата иако се заканила, не тужела.
  • Документи за ТАТ од МВР објавени во весникот Дневник (1997).

Барем во првиот од овие случаи беше посочена клучната улога на информаторот (свиркач, позитивна тужибаба) што го прави сличен со Викиликс, но повторно во обата случаи немаме широка јавна достапност на оригиналите. Дури и ако биле објавени како факсимили или преписи во весниците, нема нивна копија на веб.

Беа споменати и „протекувања“ кои изгледаат дека не се направени не од поединци, туку од центри на моќ за дискредитација или рокади. Во последните година и пол за таа намена се користи Јутјуб, па демек не може да се дознае кој ги качил, нема ниту една судска разрешница или макар информација за резултати на истрага. Објавени беа претежно извадоци.

  • Снимени телефонски разговори на директорот на пазарна инспекција и дискотеките
  • Снимки од сведочења на/за судењата за воени злосторства во Хаг
  • Афера „Надеж“ - извадоци од презентации или извештаи нарачани од претходниот претседател
  • УЈП-ликс, мислам не на Јутјуб туку на Фејсбук - со објавување лични податоци

Кога сме кај тема дискредитација, мислам дека треба да се спомене и случајот на книгата „Крив правец“, за која се прошири глас дека е забранета заради споменување на политичари. Таа некаде околу 1997 година масовно се фотокопираше, особено „бесплатно“, од службеници по државни институции. Да се прогласи нешто за цензурирано или скоро испродадено е познат маркетиншки трик, недостапноста ја зголемува привлечноста.

За мене, има два случаи во кои дигиталната технологија е клучна, кои би биле невозможни без неа. И тие ги немаат повеќето горни карактеристики, но сепак...

  • Пред 5-10 години се зборуваше дека на Автопазар за 100 денари може да се купи ЦД со именик со телефонски броеви, според една верзија наводно копиран од украден хард диск од телекомуникациски оператор. Ова е апла анти-викиликс стил, оти се работи за лични податоци на обични граѓани.
  • Протекувањето енциклопедијата на МАНУ како е-книга (2009). Прво еден бивш премиер кажа дека фајлот со графичката подготовка кружи низ Скопје, го продаваа на ДВД шиткачи на пиратски дискови за 100 или 150 денари, потоа на веб осамна ПДФ во верзија од гига и кусур на линк проширен преку Фејсбук, па Вечер и Сител го промовираа линкот, па се појави и пооптимизирана верзија од околу 60 мега на некој ewarez.com.mk сајт што сега не работи, ама фајлот веројатно лесно се наоѓа по разни сервери... Во поглед на примена на технологијата 0ва веројатно беше случај наблизок до Викиликс, но повеќето алки во синџирот не ми личеше дека постапуваа од алтруистички побуди (шиткачите, медиумите). И ова протекување не смени нешто во аферата, тиквата веќе беше пукната од оние кои имале пристап до печатеното издание, само овозможи обичните граѓани да се уверат во точноста на обвинувањата за фушерај и тенденциозност и да се забавуваат со наоѓање пропусти за теми и области кои им се интересни. (Забелешка: за МАНУ е најдобро ако веќе прави енциклопедија да примени вики софтвер и јавен процес кој ќе биде многу поефикасен... Или едноставно да почнат соработка со Википедија на македонски...)

Треба да се спомене и случајот на Филип Петровски кој на својот блог/Скрибд кој во последниве неколку години има поставувано скенови од официјални документи, кои подоцна беа промовирани и преку Фејсбук. Мислам дека се работеше за документи од неговата (бивша) партија стари неколку години, во функција на давање историска перспектива на случувања во неа, неговата и улогата на други современи функционери, со импликации за тековните политички процеси.

Комерцијализирано истекување - плус инфо по денешниот панел за Викиликс

На брзинка ќе изнесам податоци кои денес на панелот ветив дека ќе ги објавам на блог, а понатаму планирам да објавам малку поопширни постови за тој настан и вчерашната дебата во ГЕМ-клубот.

Споменав дека истекувањето информации не е нов концепт, дека постои и комерцијална примена во Русија, за која дознав од Вајерд (16.08) од јуни 2008 г.:

[Сергеј] Горшков го води kompromat.ru, страница за скандали со која од 1999 го има здобиено непријателството на владеачката елита и која го има направено еден од врвните интернет личности во земјата. Тој не објавува негови сопствени стории туку линкува кон истражувачки репортери чија работа инаку би била превидена или замолчена. Во текот на годините Горшков објавил засрамувачки експозеа за некои од најмоќните членови на руската влада. Линкувал до написи со кои функционери на Кремљ се обивинуваат за пренос на државни пари на лични офшор сметки, обвинувања за Борис Јелцин за криење на аутистичниот внук, или наводи за тоа како Владимир Путин наредувал политички атентати како директор на Федералното биро за безбедност (ФСБ). Ваквите индискреции на комопромат.ру му носат месечна публика од над милин руски новинари, политичари, бизнисмени и одбрани медиумски мршојадци. Од 2000 година, полицијата вршела упади кај неговиот интернет провајдер, цариници ги одземале неговите лаптопи и снагатори од ФСБ неколку пати без најава го посетувале неговиот стан.

…Најдобрите проценки укажуваат дека компромат.ру носи околу 1 милион долари годишно. Горшков не сака да го потврди тоа, но смета дека неговиот бизнис вреди 15 милиони. „Кога луѓето ми го читаат сајтот, замислуват личност која е лута на сè и секого, активист, идеалист. Но јас не сум таков. Ова е само бизнис…“

И тоа мистериозен бизнис. На сајтот нема огласи, од каде доаѓаат парите? Горшков признава дека прима пари за да објави некои од линковите, нудејќи услуга за плаќање по пост за сите кои сакаат ефтин начин со кој ќе ги дискредитираат противниците без да се знае кој го сторил тоа. Горшков не сака да дискутира за деталите, но неговата цена е меѓу 600 и 800 долари по парче, зависно од нивото на ризикот од тужби за клевета. Околу половина од околу дузината постови дневно на сајтот се проценува дека се заказука, сленг-збор што означува платено, „нарачано“ новинарство – иако е невозможно да се каже која половина.

Горшков ја брани својата практика како форма на слободен говор. Тој вели:

„Никогаш не заземам страни. Освен тоа, природата на бизнисов е таква што кога една страна на конфликтот ќе нарача напис, нивните противници неминовно одговараат, обично истиот ден. На овој начин, сите страни добиваат видливост и се одржува објективноста.“.

Случајот со МАРНет и wikileaks.mk е опишан од IT.com.mk.

Продолжуваат муабетите за Викиликс

Интересот за аферата Викиликс во македонската јавност не стивнува. Неделава веќе поминаа два најавени настани, Сподели кино во галерија 7 и една дебата „Зборно место“ во ГЕМ-клубот, а денес треба да се одржат панел дискусии во Клуб на новинари.

Надоврзувајќи се на претходниот пост за онлајн дебатата за Викиликс*, еве уште неколку линкови.

На барање на читателите од постот за стрипови за Викиликс*, еве линк до една карикатура за „првиот викиликер“.

Еве и верзија на документарецот Викиребелс кој бил прикажан на Сподели кино објавена на Јутјуб.

21 December 2010

Бугарски и македонски писатели без комплекси

Окно има објавено текст од бугарскиот поет Румен Леонидов за неговите искуства од подготовката на антологии на современа македонска и бугарска поезија на обата јазици.

Леонидов, во рамките на ограничувањата кои сите ги имаме со нашиот светоглед и образовна историја, ги промовира човековите права и европските вредности, наспроти тесни националистички погледи на светот.

Со оглед на популарноста на ваквите расправии на платформата Блогерај, мислам дека е исклучително поучно да се прочита текстот, во варијанта која ќе ви овозможи подобро разбирање – по можност на Вашиот мајчин јазик.

20 December 2010

Продолжува дебатата за Викиликс и во Македонија

Од блогот на Јасна Котеска дознав дека дала изјава за Ал Џезира на тема Викиликс. Целиот прилог е многу информативен и го препорачувам.






Во текот на неделава во Скопје ќе има два три јавни настани на кои ќе се дискутира на оваа тема

Во видеото на Ал Џезира, познатиот сајберлибертијанец Џон Пери Барлоу вели:

…Ова е војна за тоа дали ќе биде дозволено киберпросторот (сајберпросторот) да остане отворен или ќе стане затворен. Овде просто не се работи за угледот на г. Асанж или Викиликс. Вистинското прашање е дека ако можат да го исклучат Џулијан Асанж, може да ве исклучат и вас. Затоа треба да бидете подготвени да го браните и својот интерес.

Дополнително во врска со дискусиите во Македонија:
[Дополнето: Овој дел содржеше пренесување претпоставки за кои не беа прашани сите засегнати страни наспроти можностите. За да се намали можноста блогов да се користи за етикетирање решив да ги оставам само линковите до други блогови кои беа поставени од претходно, телеграфски.]

Како и

Остануваат прашањата

  • Дали ширењето на оцрнувачки (дез)информации може да се сфати и како подготвување терен во јавноста за намалување на ефектот од евентуални неподобни информации што се очекува да протечат.
  • Би било интересно да се прашаат политичките партии и претставниците на државата кој им е официјалниот став во врска со работата на Викиликс. Тие бездруго по прес конференции се произнесуваат за најразлични прашања од земјата и светот.
  • Иако верувам дека со вакви медиуми како нашиве, локалниве моќници немаат потреба многу да се грижат. Немам видено ниту еден весник ниту телевизија од Македонија да ја пренесе интегрално и целосно содржината на дипломатската преписка што се однесува на Македонија.

19 December 2010

Стрипчиња за Викиликс

Од многуте, овие две стрипчиња ми се видоа доста интересни. Обата се на англиски:

18 December 2010

Аргумент на МОФ: Јавни дебати за образованието и Скопје 2014

Пред некој ден бев во публиката на настанот Аргумент на МОФ (#ArgumentMOF) и имајќи компјутер при рака решив да блогирам фатам белешки (немаше вајфај). Беа организирани две дебати за две тези: процесот на реформа во образованието и влијанието на проектот Скопје 2014 на македонското општество.

Во воведот на настанот организиран од МОФ во рамки на проектот Младинска независност, Марјан Забрчанец повтори еден од слоганите на МОФ „без структура и аргументи, дебатата не е ништо повеќе од улична расправија“. Структурата се огледаше во прецизни временски рамки и сценарија за кога кој што прави. Можеби ќе беше интересно да се даваат на крај оценки, како на дебатни турнири, или да се гласа за тоа кој бил поубедлив, но тоа не се случи. Во таа смисла активноста беше ревијална, помалку техничка.

Освен двете дебати, на настанот имаше културно-забавни содржини – точка со пантомима/танц претходно, како и пуш-пауза за кафе (прилика да се види како изгледа Скопје од 11 кат на Соравија), а на крај концерт на Фолтин.

Центарот на Скопје Симболична дебата

Лазар Поп Иванов играше улога на конферансије и истакна дека еден аргумент треба да има три дела: тврдење/наслов, објаснување/суштина и поддршка – соодветни примери/аналогии и статистики. Ова треба да биде поврзано во целина и да се истакнат последиците – влијанието врз заедницата. Според правилата на МОФ, ако се напаѓа противникот лично наспроти тезата, се губи дебатата. (Ама се добиваат гласови – прим. Ф.С.)

Модератор на првата дебата под наслов „овој дом верува дека образов анието во Македонија (не) им нуди работни вештини на младите“ беше Дона Костуранова, која даваше поучни насоки и забелешки. На оваа дебата учествуваа два тима дебатери од МОФ, кои прво ги изнесуваа своите ставови, па потоа имаше говори од експерти/видни лица на истата тема како зачин и извор на дополнителни информации, па на крај повторно дебатерите да дадат свои заклучоци.

@malaovca moderira debata za obrazovanie na nastanot Argument... on Twitpic

Дебатерот Георги Велковски посочи дека образовниот процес во РМ е во стагнација, без да одговара на потребите на пазарот на труд, оти бара само учење на памет без поттикнување креативност плус праксата не ја бива. На вежбите се повторува она што се учи на теоретските предавања, а праксите по фирмите не нудат практично знаење оти служат само за добивање печати, без мониторинг и ментори.

Наспроти него, Бранкица Георгиевска укажа дека образовниот процес (системот на јавно образование организиран од државата?) не е единствениот актер кој е виновен за стагнацијата на образованието. Како други фактори таа ги посочи и неформалното и формалното образование.

Марија Мирчевска од афирмативната страна како виновник го посочи „образованието како такво“, чија функција е да продуцира кадар потребен на пазарот на труд и во денешно време треба да се „инкорпорираат теоријата и праксата како такви“. Не е проблемот во работодавците, кои не се мобилизирани од образованието.

Стефан Ристовски, вториот говорник од негацискиот тим, рече дека ќе се обиде да покаже повторно дека не е вината во образовниот систем, туку и кај други играчи кои треба да се погрижат за младите да имаат повеќе вештини. Меѓу нив, студентите, како индивидуи кои треба да ги користат новите технологии и праксите. Работодавци – бизнис сектор и јавна администрација – треба да ги прифатат студентите и да ги искористат праксите за да добијат од нив добри работници за неколку години. Вработувањето со партиски книшки и роднински врски во јавната администрација ги демотивира студентите да стекнуваат работни вештини.

Сите овие дебатери имаа доста добро држење и компонирани говори, ама имав впечаток дека негативистичкиот тим имаше потешка задача, да игра улога на адвокат на ѓаволот за прашање за кое општото мислење е спротивно на нивниот став. Инсистираа на други фактори, а можеа да зборуваат за оправданија зошто образовниот систем не функционира, односно да истакнат елементи што функционираат наспроти некои тешки услови, некои позитивни резултати или ненанесување штети и сл.

Потоа настапија експертите. Проф. Зоран Поповски од Земјоделски факултет објасни дека сега се обидува да ги убеди своите студенти дека веќе нема земјоделски комбинати, како и дека го мачи фактот што сега високото образование е вулгаризирано со дисперзираните студии. Во неговата 20-годишна кариера имал само по едно барање од компанија и од општина во врска со потребите за кадар од неговиот факултет. Од една страна има незадоволна бизнис-заедница од квалитетот на образованието, а од друга страна нема социјален-, односно бизнис-дијалог. Ако не се дефинираат знаењата и компетенциите со кои се излегува од факултетите, се добиваат студенти кои не може да одговорат на прашањата на работодавците. Кога во деведесеттите како асистент направил анонимна анкета со студентите, добил одлични оценки за него, арно ама тоа било џабе, оти на последното прашање „дали сте спремни со ова знаење да работите во лабораторија“ сите одговориле не.

Љупчо Зиков, основач и сопственик на Капитал смета дека резултатот на дебатите во нашето општество доведува до конформизам и бутање под тепих на сите проблеми кои се покренати со дебатата. Како пример го спомена говорот пред студенти на бизнисменот Гордон Геко (Мајкл Даглас) од филмот Вол Стрит 2 кој почнува со „вие сте сјебани“ – во контекст на почетокот на светската економска криза околу 2008.

Според Зиков, најголем проблем на македонската економија е непостоењето на индустрија и земјоделство. Кој да прави компании кога имаме образовна структура од 60% со основно и недовршено средно. Кој ја прави атмосферата за развој на економијата? Лидерството во Македонија недостасува 20 години, не само на политичка партија туку секој во својата област, почнувајќи од образование. Инвестирањето во компании е клучниот момент, оти тие ги креираат работните места. А во моментот македонската економија не генерира компании, поради недостатокот на лидерство, почнувајќи од лидерство на државата.

Во делот за прашања од публика, Катерина Тодоровска потсети на моментот дека професорите во високо образование не даваат доволно фидбек за делата на студентите, почнувајќи со конструктивна критика за семинарските и други индивидуални задачи.

Петар Лазаров го праша проф. Поповски во врска со стипендирање студенти, кој појасни дека Градежен факултет обезбедува стипендии од градежни компании. Поповски рече дека се паднати критериумите и за избор на наставници, кои се поклопени од огромниот број студенти и излегува дека навистина нема време за директен контакт професор-студент. Евалуациите на крај година се начин да се реши ова, но не се воспоставени механизми за наградување и казнување според оценките на студентите.

За Зиков, образованието и формално и неформално е производ на пазарната економија, која ја прават компаниите и некој создава атмосфера за нивна работа. На пр. половина од Буџетот на РМ од 2,6 милијарди евра е наменет за плати за државна администрација. Во недостаток на реален сектор, проблемот е каде ќе одат оние контингенти кои се вработуваат во јавна администрација на 24 години кога ќе им се јави природна потреба да излезат.

Имаше и уште неколку прашања или ставови од публиката: Дејан Манев смета дека треба самите да се погледнеме во огледало и процесот на подобрување да го почнеме од самите себе.

„Дечкото во сината маица“ Мартин Штонемугочувпрезимето праша дали образованието во МК нуди работни вештини на младите, сметајќи го тоа како должност на државата која не може да се компензира со курсевите кои луѓето сами треба да ги платат или се организирани од НВО и други неформални облици.

На крајот, резимеа: Георги Велковски сумираше дека образовниот систем не нуди вештини и креативност потребни за решавање проблеми и справување конфликти кои се барани од работодавците. Бранкица Георгиевска искористи податоци од истражување на МОФ кое наскоро ќе биде објавено дека една четвртина од младите во РМ во иднина се гледаат како вработени во јавна администрација, а скоро половина во странство.

Втората дебата беше на тема „овој дом верува дека проектот Скопје 2014 (не) го унапредува македонското општество“ со по двајца претставници на афирмативниот и негацискиот тим со по 5 минути од говорник, најавени дека ќе искажуваат свои лична мислења. Лазар Поп Иванов за да стимулира дебата ја цитираше колумната (на Елена Михајлова) од Дневник (6.2.2010):

…Тоа е лажен лек, бидејќи сугерира мртвило, статичност, замрзнатост и вечност, кои постојат само во смртта. Според зборовите на Ниче, во таа состојба тежиштето на животот на толпата е поместено во оностраното, „отаде стварноста“. Толпата верува во слики, зборови-копчиња што носат спас. Наместо здрав импулс на жив организам, се буди смртен инстинкт на популистичко лажно смирување…

Првиот афирмативен говорник Илија Димовски (познат како претставник на Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ) кажа дека проектот Скопје 2014 е мал дел од проектот Македонија 2014 од кој дел се многу владини градежни инвестиции низ целата земја: патишта, реставрации, универзитети, како и градење згради за државни институции што ќе овозможи враќање на инвестицијата од заштедата од кириите што до сега ги плаќале. Според „многу економски аналитичари“ во период на криза „државата треба да гради“, па така Македонија ја пребродила кризата. Неговиот говор беше доста добро компониран, со драмски ефекти, повторување клучни зборови – подоцна дознав дека тој на времето бил искусен учесник во дебатната програма.

При претставувањето на наредниот говорник Поп Илиев пак мавна контра со укажување дека при критикувањето на Скопје 2014 најчесто се критикува целосно, наместо да се сегментираат неговите елементи.

Како прв негациски говорник настапи Гордан Георгиев (еден од потпретседателите на СДСМ) кој изјави дека на крајот ќе укаже дека проектот Скопје 2014 на некој начин го унапредува македонското општество, но дека сепак се спротивставува на три нивоа. Архитектонско-естетско, за кое не е стручен, но смета дека поголемиот дел од претставници на тие струки (освен оние со конфликт на интереси) искажале негативни ставови. Вториот е коруптивниот, дека проектот е „пералалница на пари“ и на крај, третиот психолошко-колективниот.

Како пример за коруптивноста ги посочи тековните афери во Министерството за култура и цените на спомениците, во споредба меѓу нив (Св. Климент од сто и кусур илјади евра наспроти лавовите од по милион и кусур евра) или цената на цел нов плоштад во Струмица (со подземен премин) во споредба со триумфалната капија. Не стигна да изнакаже сè што сакаше, оти му измина времето па остави да се доискаже во текот на дискусијата.

Бранејќи го афирмативниот став, ликовниот уметник Ацо Станковски имаше понеформален пристап. Прво го цитираше Сем Хернандез со „болката поминува, а убавината останува“ сметајќи дека ќе помине дебатата меѓу левицата и десницата и дека при тоа најдебелиот крај ќе го извлечат уметниците. За него обидот на владеачката партија да направи нешто со Скопје е долго очекуван и во согласност со нејзината конзервативна ориентација. Она што се прави не е барок или ренесанса, туку е во согласност со постмодернизмот, наспроти депласираната модерна. Според него, иако Македонија има богато културно наследство (отоманско) кај најголем дел од населението кое во претходниот систем не било дел од образованата елита на група фамилии имало желба за надокнадување на пропуштените уметнички периоди, при што како доказ е користењето на гобленот кој е квазибарокен елемент. Наспроти соседите кои такви архитектонски постигнувања оствариле до втората светска војна…

Георгиев укажа дека со бранењето на постмодерната позиција „anything goes“ Станковски—познат „промислувач“ и противник на тоталитаризмот—наседнува да поддржи не само модерен, туку еден предмодерен, империјален проект на власта. Станковски одговори дека не се работи за империјализам, оти ние сме мултиетничко општество и дека во Скопје 2014 постепено се внесуваат и ќе се внесат елементи од сите групи. Според него Бит Пазар треба да се претвори во плоштад на кој би имало споменик на турски великан како Ататурк или Сулејман Величествениот.

Одговарајќи на провокацијата за кои елементи сепак им се допаѓаат на негаторите на тезата, писателот Ким Мехмети кажа дека посебен впечаток му оставаат лавовите, кои најдобро му укажуваат „што глушецот би сакал да биде“, оти кај сите балкански народи има потреба да се покаже дека иако се мали, се големи. Тој исто така рече дека оној што гради споменици всушност сака нему да му се градат споменици. Да можеа општествата да напредуваат преку спомениците, тогаш најверојатно социјализмот немаше да исчезне – оти тој систем бил најдобар во тоа. Полза на ваквите утнати проекти е дека на авторите им текнува што друго треба да се надокнади, како улици, стари градби и сл. Основната утка на проектот Скопје 2014 е моноетничкиот пристап заради кој Ахмети требало да плаче кај Груевски да се прошири со елементи од албанскиот идентитет.

Ким Мехмети посочи дека потребата да се потсетува премиерот за постоењето на Албанците е индикатор за поделбата на Скопје, која е предуслов за поделба на Македонија. Според примерот на некој радикален Албанец кој (веројатно од националистички мотиви се залагал за отцепување на дел од земјата) во последно време молчел оти сметал дека нема потреба веќе да се залага, Мехмети заклучи дека со ваквата политика им оди во прилог на непријателите на Македонија.

Според него, градењето на споменици наеднаш со волкав обем и со владин декрет по се случува само во кралства до XIX век, а денес во диктаторски и/или постсоцијалистички држави во кои не е вкоренета демократијата и добросостојбата на народот не е приоритет.

Гордан Георгиев постави интересно прашање – кој е авторот на проектот, оти според него на тоа прашање од владеачката партија сите одговарале „не сум јас“, а наоѓањето на одговорот ќе докаже авторитарна реалност.

Ацо Станковски беше испровоциран да го демантира Георгиев дека е владин службеник (за што Георгиев потоа се извини), па кажа дека неговото членување во Советот на култура е „чисто волунтаристичка (sic) работа“ и дека не е вработен во Владата, нема свои проекти како дел од Скопје 2014, туку се залага по свое убедување и во „име на уметниците кои добиваат џобови (sic) прв пат во 30 години“.

Почнувајќи го делот за интеракција со публиката, конферансието конкретно го праша Илија Димовски кој е авторот на проектот. „Си има начин на кој се носи одлуката… Можеби подобро прашање би било кој е авторот на спомениците на транзицијата, на Алумина, Порцеланка во Велес, од почетокот на деведесеттите…“. Ова избегнување ми го наруши впечатокот што го имав до тогаш за Димовски како најдобриот дебатер на вечерта, според критериумите поставени од МОФ. На овој начин Димовски испадна дека ги потврди обвинувањата на Георгиев.

Една жена од публиката изјави дека спомениците биле неквалитетни оти бронзата на Гоце Делчев позеленела. Ацо Станковски објасни дека создавањето на патина на бронзата е природен и очекуван процес што се случува на сите статуи, а дека ваквата забелешка укажува на непознавањето на прашувачката.

Исто имаше прашање/тврдење во стил „дали говорниците се свесни каде живееме“, во смисла дека Скопје било градено и претходно. Ако не било градено и доградувано по земјотресот во него би имало место само за 100 луѓе луѓе, а не за 500-600 илјади. Станковски изјави дека претходната верзија на Скопје била базирана на бетонски коцки и тоа влијаело на начинот на размислување на луѓето, како и тоа дека еве тој лично живее 42 години во кула во Автокоманда и неговиот „пролетерски статус е забетониран“.

Од публиката една девојка праша дали ВМРО-ДПМНЕ смета дека се единствени што треба се да испоизградат и да не остане за други. Овде Димовски поентира со изјава камо да имало и други елити што граделе. Според него токму затоа таа партија 12 години по ред победува во општина Центар.

Неда Коруновска постави прашање до афирмативниот тим – дали објектите ќе бидат самоодржливи оти нејзе и се чини дека нивната форма ја негира суштината, на пр. депоата во зградата на уставен суд кои се во заштитна зона на реката за кои стручната јавност укажа дека се нефункционални.

Станковски укажа дека проблемите укажани од стручната јавност може да се решат со квалитетна градба и ако е така направено нема да протекува, наспроти зградите на МСУ и МОБ кои биле фушерајски направени и нивните нефункционални покриви прокиснувале.

Неда исто така постави прашање до негативистичкиот тим, во врска со поддршката што Скопје 2014 во Советот на општина Центар ја имало добиено од „левичарски“ советници. (Во медиумите податоци за тоа како се пазареле разни советници и давале гласови.) Георгиев не одговори нешто посебно на ова, а Димовски објасни дека ВМРО-ДПМНЕ има добиено потребно мнозинство со гласови од советници на ЛДП кои тие ги сметаат за десни. (Дали партии што се дефинираат како централни се всушност десница?)

Тука Димовски направи уште еден гаф, кога изјави: „Скопје 2014 како проект не постои, веројатно е новинарска конструкција“. (Ова ми се виде прилично чудно, оти самиот поим беше воведен во јавноста преку истоимената анимација нарачана и платена од власта, со цена од околу 150 илјади евра. Повторно како на гледач добив впечаток дека овој потег одеше во прилог на сликата што ја создаваше неговиот партиски опонент.)

Членот на публиката Мартин Наник во врска со антикризни и развојни мерки праша зошто парите не се трошат на градење автопатишта, особено Коридор 8 и 10, наспроти споменици и симболички зданија. Димовски изјави дека сеуште не стигнале и дека тоа ќе почне наскоро, оти во моментот кога ја презеле власта (пред скоро 4 години!) во Министерството за транспорт и врски не нашле ниту еден проект за изградба на потребните инфраструктурни проекти. Ќе почнеле наскоро.

Еден човек изјави дека во Македонија не ни требаат споменици од големи луѓе, туку нивниот ум. На пример Никола Тесла, да ги примениме и надградиме неговите иновации. Кои вредности се пренесуваат со градење споменици на освојувачи, како Александар и Сулејман. Станковски одговори со наводен цитат од Буда дека секој пред себе го гледа она што е во него.

Во заклучокот, Станковски се пожали дека општеството е премногу поларизирано и дека треба проект на општо помирување, а трупање на негативна енергија води кон поголеми негативности. Ова е синергија меѓу електоратот и владетелот. Ние треба да ја истражуваме нашата култура, меѓу другото и праисториската уметност. Дури и Американците кои извршиле геноцид врз Индијанците сега ја реафирмираат нивната култура.

Мехмети кој некако вон структурата на дебатата да кажува зајадливи досетки цитираше некој од „прочистените“ вмровци му рекол дека ја гледа Македонија како наседната од еден голем задник од кој излегуваат споменици…

Арно ама официјален заклучок за негативистичкиот тим даде Георгиев со тоа дека тие што сакаат да бегаат од тема на политика и партии грешат оти проектот Скопје 2014 е во суштина политички и дело на владетелот. Проектот го унапредува македонското општество само поради тоа што со жилет го има расечено и со тоа ги има разоткриено нештата под површина и со тоа поттикнал јавна дебата. Да не бидеме наивни дека внесувањето разни форми наеднаш од типот на барок и сл. се само естетско прашање.

Како позитивен пример Георгиев ја посочи Франција за која се надоврза на претходната изјава на Мехмети дека многубројните барокни споменици и градби се граделе со векови и во соодветен контекст а не наеднаш. Георгиев укажа дека за разлика од Скопје, новите париски градби како Центарот Жорж Помпиду, пирамидата во Лувр се израз на современиот момент и антитеза на реакционерната традиција. Како друг пример го посочи Музејот на колонијализмот во Париз, кој откако Франција се извинила за таа практика сега е преименуван во Музеј на африканската уметност.

Георгиев заклучи дека проектот Скопје 2014 треба да се гледа како целина заедно со неговото политичко значење, а одговори и директно на почетното прашање дека тој смета дека некои елементи како зградата за Филхармонија и одредени споменици се потребни и неопходни.

На крај домаќинот Лазар Поп Илиев се заблагодари на сите учесници и публиката за која рече дека брои 140 луѓе, за на крај да повтори дека дебатата е единствен начин за демократски општествен напредок.

(Од настанот има кратка снимка на А1, а и МОФ најавија дека ќе објават свој видео-запис наскоро.)

12 December 2010

Претставување на аферата со Хунзите пред светот

Овој пост е достапен и на:
македонски на Блогерај · Претставување на аферата со Хунзите пред светот
English @ Razvigor · Introducing the Hunza Affair Abroad

English at Global Voices (short version) · Macedonia: Introducing the Hunza Affair

Анастас Вангели, познат како Вуна, на блогот Националности од перспектива на ориентализам ја анализира (анг.) тековната македонска политичка афера на побратимувањето со „народот Хунзи“ од пакистанските планини, кои тврдат дека потекнуваат од војниците на Александар Велики.

Насловна страница на книгата „Ориентализам“ од Едвард Саид (1978)

Веќе имам пишувано на оваа тема * и ќе повторам дека ми е баш жал што наместо реално запознавање со културата на тие луѓе и научно, лингвистичко и историско истражување со примена на модерна генетика, кај нас имаме само некакво профитерско политикантство.

Сте забележале дека досега во владините медиуми немало ниедна снимка на која Хунзите зборуваат на својот мајчин јазик, или за тоа како живеат реално? Само се вртат некои стари фотки и тврдења од нивните промотори.

Она што го забележав е продолжувањето на стереотипизирањето не само од критичарите, туку и од промоторите на реунификацијата со Хунзите. Почнувајќи од Јанко Илковски кој на времето во „Јади бурек“ ги „оправдуваше“ дека практикувале некоја „лајт верзија на исламот“.

Последниот пример звучи баш како пренесување на рекла-казала директно од Хиндукуш, како кога во филмот „Човекот што сакаше да биде крал“ селата меѓу себе се кудат дека комшиите им се валкани гадови кои намерно им мочаат во потокот за да им го загадат. Извадок од веста на Канал 5 (мое задебелување):

Хунзите живеат во северен Пакистан, административно се дел од пакистанската држава од 1974 година, но го задржале кралот. Освен Хунзите кои бројат околу 50.000 за потомци на војската на Александар Македонски се сметаат и племето Калаши. За разлика од Хунзите кои се исламизирани и образовани, Калашите се неуко племе.

Токму тој факт го користи и соседна Грција која отвори културен центар кај Калашите, а донира и значајни финансиски средства, за наобразба на лозата на Александар Велики.

Ѓоа „нашиве“ Хунзи бликаат од образованост, човек ќе помисли кујзнае колку универзитети и други научно-образовни институции имаат… Исто така истакната е супериорноста на верската ориентација на едните наспроти другите, што е класично ширење меѓуверска омраза.

04 December 2010

Каде е конкурсот за Евросонг на МТВ?

Минатата недела наводно МТВ објавил конкурс за „Евросонг 2011“, односно за избор на македонски претставник за Евровизија. Дневник известил:

- Македонската телевизија е задоволна од интересот што засега го пројавуваат авторите и изведувачите. Победникот од фестивалот ќе ја претставува Македонија на 55-то издание на Евровизија, кое ќе се одржи во Германија – пишува во соопштението од МТВ.

Прилично е тешко да се најде конкурсот на новиот официјален веб-сајт на МТВ, оти го нема во делот „Конкурси“. Го нема ни во „Соопштенија“, и најнакрај се појавува линк дури ако се пребарува по клучен збор „евросонг“.

Ова чисто како вежба за вадење на површина на информација која би требало да биде од јавна појавна, ама од некоја причина е закопана и тешко достапна. Не дека планирам да се пријавам. Но можеби вие ќе сакате?