Блекаут

14 November 2003

Од јавно, појавно

Списанието „Граѓански свет“ го објави мојот коментар насловен „Ќуп со злато чека на крајот на информатичкото виножито“. Учествував и во емисија на радио Скопје на ИКТ тема. Ако продолжи вака, може да станам вообразен или безобразен. За среќа, тука е благотворната поука на Ефраим Кишон.

03 November 2003

Ова треба некого да убеди да се разоружа?

Шиз а дрими!Го глеам спотот „со девојките“ од кампањата за разоружување и секојпат останувам со знак прашалник.

Не се работи за идејата. Појдовната точка на авторите е сосем во ред. Во Македонија владее некој вид на сиромашка снобовштина, при што „модата“ односно „што е шемата“ навистина го диктираат однесувањето на голем број на луѓе. („Сноб - подгурљив назив за бескорисне људе који се у свему поводе са модом“ - дефиниција од Микијев алманах.) Секако, поради сиромаштијата (и економска и духовна), снобовштината во Македонија се сведува на избор на лого, локација и тип на локање.

Нејсе. Прават кампања и тоа за пари. За тоа има методологија. Прв чекор е одредување на целна група. За кого е наменет овој спот? За тринаесеттогодишни вуд-би снобчиња што не пипнале женско, кај кои што основна вредност е избор на шампон и бербер за оставање на прв впечаток? Дали такви кмичеа во рововите над Тетово? Зар крајната цел на „јунаците“ и „мачениците“ од кампањата за етничко чистење „Полог и липковско - 2001“ била да се допаднат на некои скопски моми што искачаат во Журнал? И другите спотови од кампањата се воглавно снимени во Скопје. Да не има склад за нелегално оружје под шанкот на КТК, побогу?

Зошто ниеден спот не прикажува некое село и благодетите што селаните би ги добиле со разоружувањето?

Прашање е и дали албанските националисти воопшто може да се поткупат?

Спотот заслужува и награда што во толку кратко време успеале да вклопат толку технички пропусти, од „глумата“ на втората девојка (бирани според стереотипот „убава и поинаква“?), до успехот да се уфрли и извади онолкав микрофон во толкацок кадар. Веројатно добиле малку пари, па не им се исплатело да се пресними сцената - може им снемало лента.

06 October 2003

„Он ги флешуе“

Попладнево на Канал 5 ја гледав втората половина на филмот „Будење на животот“ (Waking Life). Баш беше добар, уживав и во употребата на анимирани елементи ала трејс битмап во Флеш, и во интензивноста на дијалозите и во начинот на доловување на состојбата на сонување. Топло го препорачувам.

04 October 2003

Октомвриски документ

Слободен софтвер Македонија се обидуваат да изнајдат аргументи против договорот помеѓу Мајкрософт и Владата. Ја поддржувам намерата на авторите документот во линкот погоре да го надополнуваат со додавки и ревизии... бездруго му требаат.

02 October 2003

Мајкро и Славко

По Романија и Србија, и Влада на Република Македонија (наречена БЈРМ/FYROM во сите продукти од МС) потпишува за Мајкрософт. Мајка Индија, пак, ги откачила. Изгледа не сакаат да (о)станат успешна нација на полето на извоз на информатички продукти.

20 September 2003

Нова Стрипотека - со Торгал

Излегла новата „Стрипотека“, во која има комплетна епизода со Торгал („Помеѓу земјата и светлината“) и некои други куси стрипчиња. Цијена: ситница - 80 денари. Ја има по трафики.

Според мене, Торгал е еден од најдобрите тековни европски стрипови, и по цртеж (Росински) и по свежината со која сценариото (Ван Хаме) третира мотиви кои се веќе видени уште од времето на Принц Валијант. Во оваа епизода Торгал и семејството се сеуште во Америка, меѓу индијанците, обидувајќи се да си отидат во нивната викиншка татковина. Главен проблем им е како да го спасат синот Јолан од самобендисаност, бидејќи индијанското племе го има поставено за бог.

Џендер елементот го запазува повторно згодната, а и способна и безмилосна Крис де Валинор, авантуристка што стално им се плетка. Е сега, изгледа дека „Стрипотека“ пропуштила да објави една епизода, продолжение на претходното издание со Торгал од минатиот април. Затоа, ми останува нејасно од каде момава ги нашла воловите да и’ ја влечат колата со златото што го заработила... Чунки такви волови во Америка, па уште како домашни животни за влечење кола... со тркала... потешко се наоѓале во раниот среден век.

17 September 2003

Блогот на Аниа надмина десет илјади посети

Најпознатиот, најдолготрајниот, најличниот и нај*.* македонски блог, дело на Аниа, во моментов има постигнато 10016 посети. Честитки! :-)

16 September 2003

Агора на Но лого

Сајтот Но лого (www.nologo.org) на Наоми Клајн го објави македонскиот превод на текстот „Наследството од 11 септември: војната како франшиза“, изведен од Хана и оригинално објавен на Агора. Достапен преку линкови на првата страна, во рубриката „диспечиз“ и во самиот текст. Јее! :-)

15 September 2003

Ах, Казаа, Казаа, шегобијци

После неколку... секунди... размислување... решив да видам дали долуспоменатата песна се пронаоѓа со Казаа, тековниот главен пи-ту-пи (P2P) фраер у маало за ширење на пиратска музика. И таму (моментно) ја немаше.

Арно ама, кога го пуштам програмот, не пропушта да ме насмее нивниот воведен екран во кој се раскажува дека се заштитени со меѓународни закони за копирајт, тоест:
Copyright 2002-2003 Sharman Networks, Ltd.
Protected by international copyright laws.

Песна на денот: Отишо је свак ко ваља
...Otišo je
svak ko valja
neki vani
a neki ka nebu
ostala je samo
fukara i raja
i mi s njima
na bjelome lebu
- Рамбо Амадеус

МП3 клипчево е снимено во МКЦ, Скопје во 2002.
(И јас се дерев таму. Секако, поздрав и до тогаш присутната Александра. :-))

За жал, ни на Носталгија ја нема целата песна, ама најдов акорди. Таму кај прашалниците треба да стои: „лаке забаве жедном мњењу“.

01 September 2003

Блиц-толпа: првиот унгарски флешмоб

Тако млада, а већ МађарицаНапис за новиот сајбер-феномен (и мода) што го објавив на Агора. Се работи за движење што ги користи дигиталните медиуми за да ја насочи енергијата на инаку неповрзани луѓе на сличен начин како што ласерот ја насочува инаку расфрланата светлина.
Тренирање притисок

WБуш и НВО секторот - нов напис на Агора, од Наоми Клајн, познатата „антиглобалистка“ (ама таа не сака да ја нарекуваат така, дека смета дека антикорпорациската глобализација е вистинската).

14 August 2003

Несомнено ќе има уште вакви

Не знам која е побезвезна форма на интелектуално позерство: матриксовски филозофи или толкиновски фанатици што не прочитале ниедна друга книга освен некое дело на Толкин. Овие вториве сепак прочитале нешто, па можеби забележале дека основно правило за пишување на странски имиња на македонски јазик е да се напишат како што се изговараат, а не со оригиналната азбука и на матичниот јазик.

11 August 2003

Огледалце, огледалце мое

Пак за Терминатор 3:

1. Данта ми посочи еден детал што ми беше криво што не го приметив сам. Имено, по исклучително глупавата тепачка во јавното ве-це меѓу Терминаторот и Терминаторката, типкава тргнува да ги брка Џон и Кејт, ама на излегување подзастанува за да се погледне во огледало.

Да, да, таа си е. Разиграна, распеана. Како Вардар ќе дотече!Значи, жени, дури и да сте убиствен робот направен од „течен метал“ што совршено прецизно знае каде и како и’ стои секој молекул и може да го контролира по желба (вметнатата реклама за Викторијас сикрет), не пропуштајте да посветите уште малку внимание на својот изглед. Козметике никад доста. (Противотров!)

2. Ако Скајнет е софтверот што „избега“ за да „живее“ на компјутерите по целиот свет (не централизирано), зошто би ги уништил баш тие компјутери преку предизвикување нуклеарна војна. Еден од понепознатите ефекти на нуклеарна експлозија е создавање на силен електромагнетен пулс кој ги уништува токму машините базирани на прецизна електроника.

PS
Еве што вели Еберт за Т3.

06 August 2003

Нови текстови на Агора

Да не се повтори!

Сеќавајки се на Хирошима и Нагасаки
од Дејвид Кригер

Како да направите жерав од хартија.

05 August 2003

Пак сум славен! :-)

Он.нет објави пофален линк до уште една инкарнација на мојата игра Лонгбоу (долг лак). Благодарам за љубезноста!
Збор на денот

Што е тоа интегритет?

03 August 2003

Ексклузивни фотографии

Галичка свадба, 13 јули 2003 г.

31 July 2003

Како си поминав на Терминатор 3

Мене Матрикс 2 ептен ми беше тапа, и тајно се надевав дека барем Т3 кје понуди нешто ново, па ме разочара што имаа копирано Матрикс финти, од Шварценегер што застана во Киану-поза со новите наочарчиња, до коли и камиони што летаат во воздух при брканица на автопат (тоа го има и во најавата на "Бед бојз два", Матрикс им е на цел Холивуд како коловодец), бесмислените тепачки, до целото промовирање на тема судбина, неизбежна иднина и победа на моќните и зли машини. (Колку роматнично!)

Т-серијалот беше пооптимистичен дури и во времето на најголема технофобија. Т1 (1984) беше баш на нејзиниот врв (појавата на персоналните компјутери по домовите), ама пак имаше акцент на човечката способност да се снајде и најде решенија. Ова Т-ројкава беше тотален блек-аут: не вреди да се бориш, што и да праиш, помоќните од тебе кје го свртат во твоја корист. Затоа плаши се и криј се ко ставор! Исто ко Матрикхс.

Имаше и неколку поарни моменти: во Т3 не беше промовирана „афирматив екшн“ расната квота, за разлика во Матрикс 2 светот. Русокоса убавица (можеа да направат подобар филм само со неа како се шетка, ем ќе ушпараа на специјални ефекти ). Смешките на тема на претходните филмови (и очилата со ѕвездички), благата иронија - за што М се има покажано прилично неспособен.

Инаку, тие Матриксовците ме нервира што се обидуваат да го надуваат својот „концепт“ во некаква „филозофија“, па дури имаат и таква секција на официјалниот сајт, а богами имаат и стрипчиња (моќно оружје ;-)) со „бекграунд“ приказни. Според мене, суштина на нивниот концепт е маркетиншка сондажа на пазарот во САД (огромен број на христијански фундаменталисти) и затоа имаат вметнато библиски „асоцијации“ во „приказната“.

PS
Т и М муабети од Ружица и Трендо.

30 July 2003

Сефте. :-)