Блекаут

21 August 2019

Поддршката за СЈО не значи приврзаност кон идоли, туку кон идеали

Држава е збир од институции, а секоја институција е многу повеќе од збирот на поединците што работат во нив.

Можеби авторитарните личности на кои им е страв да живеат без да бидат дел од нечив култ на личноста не може да сфатат дека поентата на #ШаренаРеволуција не беше создавање нов идол (наспроти ткн. „Пастирот“ ), туку поддршка на мисијата на #СЈО како институција која е дел од борбата за владеење на правдата и законите.

Таа поддршка за воведување праведен систем не зависеше и не зависи од тоа кои личности во даден момент ја претставуваат институцијата. Не зависеше и од фактот што 2015 г. изборот на раководителка беше направен од политичките партии (со гласови и на СДСМ и на предлог од ВМРО-ДПМНЕ и поддршка на Груевски), наспроти други кандидати и низа несовршености.

Затоа прилично глупо изгледа кога поддржувачите на режимот на Груевски се ситат со покажување слики од маичките со симболот - лого со трите фигури на обвинителки од СЈО, или пароли од некогашните демонстрации за поддршка. Ја промашуваат темата.

Поддршката за СЈО не значи приврзаност кон идоли, туку кон идеали.

Затоа пролетта 2016 година десетици илјади луѓе по своја волја застанаа зад вработените во СЈО, како јавни службеници кои го застапуваат јавниот интерес. При што никој од учесниците во протестите не си замислуваше да ги подига на пиедестал како некакви божици, како што тоа го прават партиските послушници со своите идоли.

Поентата на Шарената Револуција беше и е дека никој не смее да биде над законот, да престане неказнивоста.

Ако некоја индивидуа која што во даден момент имала улога на симбол на доброто, докаже дека не го заслужува тоа место во јавноста, дека ја има злоупотребено довербата, очекувано и обврзно и нормално е да си ги сноси последиците, па ако кршела закони да биде предмет на соодветна постапка: истрага, апсење, судење и соодветна казна.

Тука е разликата меѓу шарените револуционери и груевистите од сите бои - во сфаќањето дека никој не е незаменлив или недопирлив.

Дека сите граѓани имаат еднакви права и должности и државните функционери не се ништо подобри, ниту полоши (презумпција на невиност) од сите други луѓе. Дека се избрани да одработат одредена работа, која е подложна на оценка од нивниот работодавец - граѓаните.

Верувам дека на многу од посиромашните поддржувачи на Н.Г. не им е баш по кеиф што „лидерот“ избега во Будимпешта и на забави со порно ѕвезди ги троши украдените народни пари (кои се и нивни), што можеби обвинетите криминалци какао С.М. и О.К. можеле да наместат и/или корумпираат разни личности (и со нивните пари) за да го саботираат судството. Ама понекогаш гордоста е грда работа, ги тера луѓето да се прават дека се непогрешливи (иако токму тие биле измамените од партиската пропаганда) и затоа да прифаќаат работи кои се и против општиот и против нивниот долгорочен интерес. Оти оваа држава ќе биде добро место за живеење и за нив само ако биде јасно дека сите се еднакви пред законот.

Ама немам чуено ниту еден поддржувач на СЈО да жали дека и К.Ј. (ако е виновна) наместо во притвор требало да биде прошверцувана сосе парите (и мебелот?) до Будимпешта во гепек. Бидејќи нивната лојалност не е кон мафијаш што се дограбил до политичка функција и злоупотребил државни ресурси за да ги им ги купи душите, туку е лојалност кон идеалите на правда и владеење на законот која не може да се купи ни со пари, ни со вработувања, ни со тендери, ни со други привилегии. И сметаат дека секој што ја изневерил таа лојалност заслужува соодветна законска постапка. Толку. Секој е заменлив.

23 June 2019

Што знае(в)ме и што не знаеме за Чернобил?

Се сеќавам беше топло пролетно попладне кога, на балконот кај баба ми, на малото транзисторче ги слушавме вестите кои предупредуваа да не се јаде зелена салата и да не се пие свежо млеко. Се прашував дали е подобро да влеземе внатре или не. Не се сеќавам како сето тоа влијаше на традиционалната прослава на 1 мај, а богами и на 2 мај. Немаше голема паника, барем не околу мене.

На долги патеки некако испадна како не било важно. Иако во СФРЈ имавме разработен систем на цивилна заштита, кој беше со помал степен на распад од тој на СССР, во периодот потоа како да преовладуваше некаков фаталистички став дека нема што многу да се стори. А можеби бев премал за да допрат до мене сите информации. Еве Љубомир Костовски потсетува на некои сеќавања од тоа време во текстов на „Вистиномер“.

А сепак, било важно. Ако во моментов немаме јавно достапни информации за тоа колку радијација од Чернобил допрела до нас, колку е останата, анализи какво било нејзиното влијание во претходниве 33 години, тоа значи дека сме имале и до ден денешен имаме системски проблем. Помал од оној на тој пеколен дел во Припјат 1986 година, но сепак проблем.

Дополнителен проблем се дезинформациите. На Путинова Русија не 'и одговара СССР, за чија наследничка се смета, да ја задржи репутацијата на криминална негрижа за сопствените граѓани комбинирана со неспособност која доведе до Чернобил. Најавиле и снимање на руска серија во кој ќе ја промовираат теоријата на заговор дека ЦИА била крива за хаваријата.

Многу про-путиновски официјални и прокси пропагандисти и „корисни идиоти“ (комунистички термин за оние кои пренесуваат пропаганда без да се свесни дека им штети и ним) - истите оние кои го криват НАТО за радијација што ја нема - се доста активни во обиди да се дискредитира серијата.

Radioaktivni vampir, str. 28.
Страница од „Радиоактивни вампир“.
Затоа сум му благодарен на Филип Видиновски што потсети на фактот дека на СССР му требаа неколку дена да одлучи да признае дека има проблем и дека светот (и обичниот, веќе озрачен народ во СССР) за радиоактивниот облак дозна кога тој веќе беше дојден до Шведска.

Хаваријата во Чернобил не беше некоја честа тема во јавниот дискурс во претходниве три децении. Во нашата култура се сеќавам само на две дела кои имаа врска со него. Епизодата на „Алан Форд“ наречена „Радиоактивниот вампир“ која во Италија била објавена скоро „веднаш“ во октомври 1986 година и е во духот на класичните аланфордовски сатирични коментари на современи состојби. Во СФРЈ излезе неколку години подоцна (еве ја цела на хрватски - „Radioaktivni vampir“).

АНТОЛОГ - Книжевен центар во 2017 г. ја објави „Чернобилска молитва“ од белоруската нобеловка Светлана Алексеевич, која е користена како еден од изворите за серијата. Книгата е одлична, ја препорачувам, ама и за неа не се сеќавам дека поттикна јавна дебата кај нас.

И... толку?