Блекаут

19 August 2010

Додека ти се чудиш какви глупости слушаш...

…тој што ги кажува ти ги зема парите од џебот.

Или ги троши јавните пари, кои се исто така и твои.

Окно денес објави одличен текст на Копач насловен „Демократска репродукција на дебилизмот или Зошто сме тука?“, за кој гласав на Пинг.мк. Еден мал цитат:

…најдиректен можен интерес на политичките дрматори е да расте бројката на апатичните и аполитичните, оние кои се гадат од политиката, оние кои не сакаат да се дел од политичкиот циркус и оние кои не ни помислуваат да земат некаво учество во јавниот живот, а камоли да гласаат. Што повеќе апатични има, толку помалку работа за партиите во однос на поединци и групи кои треба да ги контролираат, убедат, вработат, потплатат, искорумпираат, навлечат во разни активности и слично. Стеснувањето на обемот на граѓанството кое зема учество во јавните работи е нивен вистински сон на кој, гледаме, континуирано работат.

И додека ние џагориме ли џагориме, и им се смееме на нивните детски расправии и се чувствуваме супериорни, тие продолжуваат да го репродуцираат системот за дебилизација кој им ги зачувува позициите на моќ во општеството. Тивко ни се смеат за возврат, задоволни од тоа како лесно успеваат да ни ги продадат своите ефтини приказни.

13 August 2010

Внимавајте кои лични податоци ги давате кога барате донации

Сабајлево преку Фејсбук и Пинг.мк дознав за потребата на едно семејство да соберат пари за операција на тумор на мозокот на нивната двегодишна ќерка, вест која многу добронамерни луѓе, меѓу кои и Надежна, ја имаат пренесено како линк или целосно ископирано во пост на блог.

За мене најпогоден начин за донирање е преку СМС оти претпоставувам дека мобилните компании ги проверуваат ваквите барања пред да дадат број. Тоа е овозможено во случајов и ве поканувам да се придружите.

Родителите исто така навеле и банкарски сметки за оние донатори кои можат да бидат поширокогради. При тоа го навеле и матичниот број (ЕМБГ) и некои адреси (можеби се од банките, можеби од кај нив дома). Обете работи нема потреба да бидат објавени за некој да им уплати. Кога се уплатува доволно е да го знаете бројот на трансакциска сметка и податоците за банката, а не и ваквите осетливи лични податоци.

За ова се консултирав и со правен експерт од Дирекцијата за заштита на лични податоци.

Препорачувам да ја симнете многу полезната е-книга „Коментари на Законот за заштита на лични податоци“ кое од неодамна е бесплатно достапна, а содржи детални објаснувања напишани така и неправник како мене да ги разбере…