Блекаут

23 August 2008

Силеџиски срамотилаци, национализам наспроти патриотизам


Картман: „...Сите знаеме зошто сме овде и мислам дека сите знаеме што треба да се направи... Но, мислам дека е најдобро да не зборуваме на глас за тоа, додека повеќето од нив не се натоварени во возовите упатени кон логорите...“

1. Срамота е еден строен македонски маж да испраќа закани со тепање до млада жена со чии ставови не се согласува. На било која возраст, да го правиш тоа на некој што не е физички посилен од тебе е чисто кукавичко силеџиство.

Дали е навистина строен не знам, блогерот Трн освен мала сликичка нема храброст да го користи своето име и презиме, иако во постот се осудува да ги употребува тие лични податоци за својата жртва. Башка, ако некој се претставува како борец за Македонија, мора да ги исполнува највисоките стандарди на чесност и витештво. Заканата со тепање е кривично дело според законите на Република Македонија, а со секое нивно кршење или желба за кршење државата ослабува.

Колку што сватив, Трн не можел да најде аргументи со кои ќе ги оспори пишувањата на Благица Иванова против национализмот, па си ја применил и својата омраза кон жените (мизогинија), попат со хајката глорифицирајќи го и семејното насилство.

2. Спротивен пример во врска со национализмот. Не се согласувам со Лавот кој се обидува да ги приближи поимите патриотизам и национализам. Има причина зошто се различни - првиот се однесува на љубов и должност на одбрана на својата заедница и потекнува уште од античко време (patria = татковина на латински), додека вториот е деветнаесеттовековен концепт кој е во тесна врска со романтизмот, а се однесува на создавање и водење нации-држави преку етничка хомогенизација, изведена со асимилација, етничко чистење или геноцид. Фашизмот е краен резултат на романтизмот и национализмот.

Без разлика на несогласувањето го почитувам и неговото право на изразување и аргументираното претставување на своите ставови, па мора да предупредам дека не треба сите десничари (или левичари, или било кои) да се ставаат во ист кош.

3. Во постов како илустрации поставив клипчиња од една од според мене најдобрите епизоди на Саут Парк - Страданието на Евреинот (The Passion of the Jew), во која се разобличуваат разни стереотипи. Ги посветувам на сите оние кои се спремни храбро да погледнат пошироко од своите желби и да ги надминат своите сосем човечки ограничувања.

Национализмот во суштина е ирационален и доведува до парадокси и контрадикции - мешање на религија со идеологија и извитоперена и недосфатена наука, декларирани христијани да воспеваат пагани кои во библијата се опишани како негативци, декларирани муслимани да воспеваат христијани кои се бореле против исламот, луѓе чии предци биле жртви на фашизмот да воспеваат фашизоидни тенденции, луѓе од народ кој е еден од ратките во Европа без дамка на холокаустот да промовираат антисемитизам и теории на светски заговори итн. По неминовниот пораз потоа се чудат и вината ја префрлаат на други...

Тоа што Македонија е жртва на национализмите на соседите нема да се реши со зголемување на македонскиот национализам. Ајнштајн не рекол за џабе „Не може да ги решиме проблемите користејќи ист начин на размислување што ги создал“.

Пред да почнете да пишувате коментари, ве молам да ги прочитате следните текстови од луѓе кои сепак се истакнале надвор од своето село како разумни мислители:

22 August 2008

Битола: Апел за помош на потенцијален блогер

Изутринава по телефон ми се јави еден постар господин од Битола, пензионер кому му се свидела мојата изјава за ТВ Сител дека има потреба од поаргументирани расправи на интернет. Тој од патриотски причини имал подготвени пишани материјали--аргументирани отворени писма--на оваа тема, па ме замоли да му помогнам со тоа што јас би ги објавил на интернет.

Според правилото дека е подобро да научиш човек да лови риба отколку да му дадеш едно рипче, сметам дека е подобро тој да се оспособи самиот да го користи интернет за вакви намени, па преземав обврска да испитам на кој начин може да се изведе тоа во Битола.

Да живее во Скопје би ми било можно да посветам неколку часа да го упатам во основите за користење, но со оглед на ситуацијата, се бара:

  • битолски блогер кој би бил спремен да пренесе дел од своето знаење
  • НВО чии активисти би биле спремни да помогнат, меѓу другото и со отстапување на своја опрема за оваа мини-обука. Дали ЗБМ има членови во Битола?
  • вработен во битолско интернет-кафе кој би сакал да помогне
Дали во Битола функционира бесплатен интернет-клуб на Владата? Тие се наменети токму за овозможување постарите лица да користат интернет, па ми треба контакт со нив за човекот да може да се поврзе директно. Истото би важело и за некоја фирма која изведувала обуки во рамки на владиниот проект ИКТ образование за сите.

17 August 2008

Војната против видео-игрите


Една епизода од стрипот „Бундокс“ од Арон МекГрудер од 2000 година што ја најдов преку стамблапон укажува на еден од аспектите на војната против видео-игрите (или компјутерските игри) кои демек поттикнувале вооружено насилство меѓу младите. Како што вели ликот Рајли:
Со кого ти попрво би се закачал - некој компјутерџија што прави видео-игри или некој тип со полно складиште калашњикови?
Претходни постови на темава:

Аферата со Стиховен калибар

Стиховен калибар ја обвинува „музичката мафија“ за негативно влијание на анкета на која негова песна водела. Ова може да стане многу интересен развој на настани на неколку нивоа:

  • ако Стиховен калибар реши да си го заштити својот углед кој е нарушен со падот на рејтингот по судски пат
  • ако организаторот на анкетата реши да го заштити својот углед кој е нарушен со обвинението исто по судски пат - дали за да се покаже дека е клевета ќе се извадат на суд технолошки докази, логови, ај-пи адреси, бројачи...
  • дали оваа информација ќе се прошири по блогосферата и каков ефект ќе има тоа на случајот - ова е поврзано и со прашањето за блогерска солидарност: еден од нас вели дека е угнетен! Високиот рејтинг на анкетата делумно се должеше токму на ширење на информацијата за неа по блогосферата.
  • дали информацијата ќе се прошири по традиционалните медиуми и дали тоа ќе има некаков ефект - дали во случај на автоцензура блогосферата ќе има сила да ја рашири веста до доволно многу читатели (неблогери)
На оваа тема пиша и Кими, а дискусија има на верзијата на блогов на Блогерај.

Националистички препукувања - изјава за Сител

Благодарност до Кими што го откри мултимедијалниот напис од Славица Арсова на Сител со веста за националистичките препукувања на интернет во кој и јас дадов изјава.

Првиот дел од веста, дека некои Македонци се фалат дека хакирале грчки државен сајт, не можам да го коментирам, оти не беа понудени докази дека тоа се случило.

Во врска со мојата изјава, ќе понудам неколку дополнувања и објаснувања:

Грците пак под разни псевдоними речиси комплетно го освоиле просторот на најновата интерент енциклопедија Кнол која деновиве ја лансираше Гугл. Под поимот Македонија се наоѓаат само текстови во кои стои дека Македонија е регион во Грција, Фиромјанците се Бугари, бугарската азбука ја надградил тито и го создал актуелниот јазик.

Ова не е нова појава но станува се поагресивна - вели Филип Стојановски програмски координатор во Метаморфозис и долгогодишен блогер. Вели дека на Македонците им недостасуваат научни податоци за да бидат поприсутни на интернет.

Уште од 1995 година стотици ентузијасти работат на оваа проблематика, од луѓето кои се бореа за канали на IRC, како #macedonia на Андернет и автори кои поставуваа информации за Македонија на лични сајтови, до авторите на поенциклопедиски сајтови како Virtual Macedonia, Macedonia FAQ или малку поновиот History of Macedonia. Во тоа време јас имав скромен придонес на темата со ставање преписи на документи и потсајтови како еден за поделбите на Македонија кој не е преживеан, но гледам дека некои слики направени специјално за него сеуште се вртат по интернет, дури и по некои блогови...

- Нашите соседи се многу поактивни во академската средина. Малку се Македонците кои пишуваат. Академските институции треба да бидат поттикнати да објавуваат научни факти на интернет па така младите наместо да пцујат ќе можат да се служат со аргументи - изјави Филип Стојановски.

Недостатокот на аргументи ги прави дискусиите по националните прашања вулгарни и ирелевантни. Стојановски сугерира отворен пристап - обврска за академските институции финансирани од државни пари да ги објавуваат своите сознанија и интернет изданија на и онака бесплатните учебници.

Вовед во отворен пристап има на сајтот на Метаморфозис, а на таа тема имам пишувано и за Википедија, па и на Википедија.

Од искуството како блогер вели дека Бугарите се најчести посетители и коментатори по македонските профили на кои се водат сочни националистички дискусии.

Ова е очигледна појава.

14 August 2008

Шмизла точка емкеј

Шмизла - блог за една супкултура која е многу раширена, а малку кодификувана. Всушност една од нејзините карактеристики е избегнувањето на стандардизирање и канонизирање, оти секоја шмизла се замислува дека е посебна... Барем такви беа во она време кога имав амбиции да ги сфатам.

Блогов би било добро да има и информации за авторот/авторката и можности за директен контакт. Може да затребаат и на посетителите и на сопствениците. Тоа е прва грешка на која укажува Јакоб Нилсен во неговите насоки за употребливи блогови.

Интересно е што во текстовите зборот шмизла на места го пишуваат и со она „руското“ е, како шмиэла. Тоа изгледа многу симпатично, но од аспект на привлекување посетители преку машини за пребарување (читај: Гугл) е малку несаглам. За подобар рејтинг е важно текстовите да го содржат токму терминот кој посетителите би го внеле самите.Во крајна линија би препорачал наизменично користење на двете форми на пишување на зборот.

И за овој линк дознав преку Кајмакот.

12 August 2008

Пак за Осетија и Грузија

Преку коментар на постот за историјата на Осетија, Џаман го препорача новиот текст на Гери Бречер со анализа на воените аспекти на конфликтот во Јужна Осетија. Џаман веќе пишувал за таа ситуација, како и на тоа како нашите медиуми ја искористуваат за сензационализам.

Многу е интересен и текстот за поврзаноста на МекКејн и Грузија, во кој се споменуваат некои од пропагандните методи кои грузиските власти ги користат за лобирање и застапување. На пр. грузискиот премиер и поранешен банкар Ладо Гургенидзе, одржал конференциски повик со над 50 директори на американски финансиски институции и главни аналитичари, кои потоа ги пренеле главните пораки до своите вработени, за потоа да се прошират низ медиумите...

Обата нови текста далеку поексплицитно ја пренесуваат информацијата која во блага форма ја дава и анализата на ЦНН за грузиската „погрешна проценка“:

Истовремено, европските дипломати прифаќаат дека Михаил Саакашвили ги започна воените дејствија со цел да ја поврати грузиската контрола врз сепаратистичката провинција Јужна Осетија, можеби надевајќи се дека ќе ја консолидира својата надмоќ додека светот е преокупиран со Олимпијадата.

10 August 2008

Македонците се поголеми коњољупци од Бугарите

Во дискусијата околу научниот текст за Каменот од Розета, која толку забега што стана предмет на обемна анализа забележав дека како навредлив термин за Бугарите покрај „Татари“ се користи и „коњољупци“ - како алузија дека нивните предци биле номадски коњаници.

Филип и еден белгиски коњМи се виде доста чудно гордиот термин „коњољубец“ да се користи пежоративно, не само затоа што е многу убаво да се сакаат животните, особено коњите, туку и поради тоа што доаѓа од луѓе кои ја глорифицираат античката македонска држава. Овде се најдов и лично засегнат, оти моето име, Филип всушност го има токму тоа значење - оној што ги сака коњите, или скратено коњољубец.

Истото значење го има и името на Филип II Македонски, од грчките зборови филос (сака) и хипос (коњ) - заедно Филипос (Φίλιππος). Тоа име го носеле и други антички македонски кралеви, кои ги искористиле рамничарските предели на нивната земја да одгледуваат коњи. За разлика од грчките градови-држави кои ја немале оваа предност, античка Македонија можела да развие комбинирана армија составена од пешадија и коњаница, која служела да го зададе решавачкиот удар откако двете војски ќе се вклештат, како на пр. на Нултиот Илинден, битката кај Херонеја.

Љубовта кон коњите во македонската традиција не се огледа само во фактот дека коњот Букефал е една од најзначајните личности во митовите за Александар, туку и од народните песни, во кои коњот Шарец има скоро рамноправна улога со Марко Крале - кој со него дели дури пола од својата пијачка.

Поради сите овие причини, апелирам терминот „коњољубец“ да не се користи како синоним за „Бугарин“, оти со така се отвора можност за злоупотреба, со проста логика: ако Филип = коњољубец и коњољубец = Бугарин, тогаш следува дека Филип = Бугарин.

Со овој апел би сакал да го спречам потенцијалното изедначување и на личните именки „Филип“ и „Бугарин“, бидејќи имам развиен македонски идентитет кој се темели на свеста дека Македонците и Бугарите чинат посебни етнички заедници. И сакам да си ги сакам коњите на раат!

09 August 2008

Гејмерите, пак - препорака

Од Кајмак.от дознав дека на блогот Баба ми Трајанка има нов напис во врска со прогонот на гејмерите по македонските медиуми:

...Имајќи предвид оти заедно со гејмерите, во ист кош се ставени и „оние кои со саати седат на интернет и четуваат“, веќе полека може да се насети задната намера во конкретнава кампања.

Факт е дека се ближи денот кога централизираните медиуми прво ќе ја загубат моќта, а потем полека и ќе згаснат...

Мои претходни написи на темава во кои има линкови и до постови од други луѓе:

Осетија - историска забелешка

Текстот на Гери Бречер од 2004 година во кој раскажува за конфликтот во Јужна Осетија на својот карактеристичен стил без влакна на јазикот доби на актуелност со интензивирањето на војната за оваа територија.

Старовремски коњаник во степата од играта Рим: тотална војнаТекстот е интересен и за љубителите на старовремската историја што не сметаат дека меѓу 323 г.п.н.е. и 2006 г.н.е. не се случило ништо посебно, односно дека светот со мали исклучоци почнува со нив. Секако имињата на Аланите, предците на етничките Осетијци, кои биле сарматиско (сарматско? сармаќанско?) племе и играле голема улога во Големата преселба на народите може да не им значат ништо на оние кои занемарувајќи ги доказите негираат дека таква преселба воопшто се случила, па дури и дека се одвивала во спротивна насока.

Во модерната популарна култура Сарматијците се појавуваат во:

  • филмот „Крал Артур“ од 2004 година, во кој првите британски витези се претставени како бивши сарматијски јаничари во служба на Стариот Рим. Во филмот нивниот воен повик е „Руус!“, што можеби е ехо на непотврдената теорија дека Русите настанале со мешање на Роксоланите и Словените.

Од аспект на поновата историја тековната ситуација во која грузиската армија која е обучена и снабдена од САД/НАТО напаѓа на руските интереси и „мировници“ два дена откако Путин изјавува дека Русија планира пак да се приближи на Куба предизвикува паралели со ситуацијата поврзана со Кубанската ракетна криза. Во тоа време САД имале советници и пружале помош на армијата на Јужен Виетнам... Дали почетокот на овој бран насилства е независно дело на осоколениот Грузиски претседател кој не се надевал на масивниот руски одговор, или дел од поголема шема, што би рекле Србите: „живи били па видели“.

Дополнително: написи во кои се споменува Осетија на Балканлизис.

06 August 2008

Цртани филмови за сигурност на интернет

Авторот на блогот за е-Бизнис Мијалче Санта го препорачува новозеландскиот веб-сајт Нетсејф нетбејзикс кој користи цртани филмови да поучи за ризиците на интернет. Благодарност до него, оти и пристапот и анимациите се одлични! А и интересно е како го викаат она „www“ - „даб-даб-даб“. :-)

Во Македонија, оваа тема ја третира сајтот Безбедно на интернет. На свој начин, за сега без анимации.

04 August 2008

Тетовката

ТетовкаОд Илина дознав за книгата „Тајниот музеј на човештвото“ од триесеттите години на дваесеттиот век. Таа ја споменува фотографијата на жена од Тетово, па решив да ставам директен линк.

Описот вели дека е „модерна муслиманка“, но украсот на нејзините гради ептен личи на крст. Уште една мистерија.

+ дискусија

03 August 2008

Ниско ниво на развој на е-трговија во Македонија

Во тековниот број на неделникот „Форум“ објавен е напис на Кристијан Стојчевски во кој меѓу изборите се вброени и три лица кои се занимаваат со таа област од разни страни, а истовремено се и блогери

Текстот под наслов „Е-трговија во е-Македонија: е-банка...!?“ сеуште не е поставен на веб-сајтот. Во него се разгледуваат разните причини за неразвиеноста на оваа стопанска гранка кај нас, а и се посочува на разни чекори кои треба да ги преземат релевантните фактори за да се подобри ситуацијата.

Во мојата изјава, како аргумент дека има простор (пазар!) за ова кај нас се повикувам и на истражувањето за употреба на ИКТ на Метаморфозис од 2004 година, кога 55 % од сите испитаници (вклучително и оние кои не користат интернет) се изјасниле дека би купувале преку интернет. Исто така изјавив и:

Верувам дека, ако Владата воспостави инфраструктура со која ќе овозможи користење дебитни и кредитни картички за (плаќање на) нејзините услуги, тоа ќе придонесе не само за зголемување на довербата во е-трговијата, туку ќе даде импулс и за приватниот сектор. На граѓаните им е доста од чекање пред шалтери и сакаат замена за таксените марки и нивните нефискализирани препродавачи кои ги има пред речиси секоја владина институција.

Од блогерски аспект, исто така е многу интересно и интервјуто со Ана Пејчинова во истиот број.

02 August 2008

Коментари за МАНУ и аферата со Каменот од Розета

На постот со кој линкувам до постот на Граммата со научен текст за јазикот од Каменот од Розета има многу коментари, и на Блогерај и на Блогспот. Иако намеравам да одговорам на сите читатели, мислам дека од најголем интерес за јавноста е да се потенцира следниот, оставен од за мене непознатиот Љубо поради новите информации со кои придонесува во расправата:

Драго ми е што нашиот најголем жив лингвист академик Петар Хр. Илиевски „стигна“ на блогосферава после сите обиди за негово замолчување и несфатливото игнорирање од страна на медиумите или во најмала искривување и „кастрење“ на неговите изјави.
Морам да се пофалам со мојот мал придонес, имено јас сум иницијаторот на идејата и „кривецот“ што го стави текстот во .pdf на интернет. Од немукает!
Барем интернетот сеуште не може да се цензурира кај нас.

Еве и линк до оригиналната локација:
http://www.manu.edu.mk/Prilozi_MANU_OLLN_XXXI_1.pdf

Многу ми е драго што гледам вакви постови и бидејќи испаднав слаб промотор ширете понатаму (како што тоа го направи и авторот на овој блог и проф. од блогот ГРАММАТА) па да спасиме барем малку образ што ни остана.
Секоја чест!

Овозможувањето текстот да се симне од официјална локација многу влијае на перцепцијата за интегритет и кредибилитет.

PS
Љубо пиши ми мејл на развигор ет џимејл да ги испитаме можностите за унапредување на ширењето научни знаења.

01 August 2008

Три банана („Три банани“)

...нив ги чува еден страшен аждер.
Плаши се од него!

tinyurl.com/tribanana