Блекаут

30 November 2008

Неандерталци, научници и дивјаци

Го препорачувам октомврискиот број на хрватското издание на Нејшнал џиографик (National Geographic Hrvatska, listopad 2008) кое од неодамна го има во македонските трафики (240 денари). Прво, заради одличната сторија за реконструкцијата на изгледот на светлооката и црвенокоса неандерталка (на сликата), како и за сторијата за откривањето на неандерталците во Крапина во 1899 година.

Тогаш од општината го викнале докторот по геологија да ги провери остатоците на местото каде што копале песок.. и веднаш ја прекинале таа економска активност кога се потврдило дека навистина има фосили. А кај нас кога во 2005 година во рудникот Суводол најдоа фосилизирани остатоци од мастадонт, копањето на истото место не ни прекина, со што веројатно во печките на РЕК Битола се изгорени многу други фосили.


Rekonstrukcija Kennis &Kennis
Rekonstrukciju snimio Joe McNally
Во истиот број многу интересни се и репортажите за загрозените китови, племето што живее на дрвјата и автопатот низ Индија.

Што бидна со „Куќата на стравот“ или „Замокот“?

Од Зомбификација дознав дека имало пожар во таканаречената „Куќа на стравот“ или како што Жарко ја нарекува „Замокот“. Куќата требаше да служи како ликовна галерија. Дали Сител ја нарекува „собиралиште на наркозависници“ по инерција? Колкава е штетата? Ако треба да се руши опожареното, кој „предузимач“ ќе „омасти брк“?

29 November 2008

Првиот (!?) македонски веб-стрип: Светот на Владо

Конечно, еден македонски автор ја користи приликата што ја дава интернет и започна со објавување веб-стрип.

Се работи за уметникот Владо Јаневски чии иронично-автобиографски стрипови, на англиски јазик, може да се најдат на неговиот блог. Досега има објавено неколку каиши, кои ги нарекува „стрип-колумни“ „Во светот на Владо“:

Иако вицот во пола од стриповите зависи од својствата на англискиот јазик (на пр. тоа што името Буш значи „грмушка“), сепак би предложил авторот да објави и македонска верзија.

Воедно би сакал да предложам да се додаде категорија „Стрип“ во официјалната таксономија за постови на Блогерај.

Коњите и цивилизациите

Во коментар на постот „Македонците се поголеми коњољупци од Бугарите“, Коин изјави:

Според мене нема народ кој не ги почитувал коњите во минатото, имајќи во предвид дека истите биле најквалитетно превозно средство, воено орудие и оридие за работа. Така да сите народи на светот биле коњољупци со исклучок на староседелните Американци кои не знаеле за коњи Smiling

И само не знам дали во Австралија имало коњи пред да дојдат Европјаните. Иначе коњот е универзална придобивка на цивилизацијата.

Коин, се согласувам дека коњите биле средство и симбол на моќ за сите култури кои ги познавале. Да се чува воен коњ било (и е) многу скапа работа, така што критична маса на богатство која доаѓа од општите економски услови во заедницата била основа за вклучување на коњот во воената машинерија (двоколки, коњаница).

Во однос на распространетоста на коњите, претколонијална Австралија и цела Океанија биле без коњи, а би рекол и субсахарска Африка.

Инаку коњите потекнуваат од Америка. Среќа што дел од нив се преселиле во Азија и Европа пред да дојдат предците на Индијанците, кои ги изеле сите коњи, камили, мамути таму. Во предисторијата коњот бил деликатес и во Европа.

Не се согласувам дека коњот е универзална придобивка на цивилизацијата (= култура способна да гради градови), не само поради неодминливите американски цивилизации, туку и поради тоа што скоро сите антички цивилизации почнале без коњи. Главен погон биле човечките мускули.

Во Сумер, Египет, кај реката Инд цивилизацијата започнала пред „официјалното“ припитомување на коњите од страна на номадските (= нецивилизирани) жители на степите во Средна Азија.

Фараонот Ахмос I ги победува Хиксите (откако ја усвоил нивната коњска технологија)Мислам дека во Египет коњите стигнале впрегнати во двоколките на Хиксите во време на првата индоевропска преселба/инвазија, па потоа биле прифатени како дел од локалните култури. Слично и во Индија. Во Сумер, односно Месопотамија имале припитомени магариња пред да им дојдат слични коњаници.

20 November 2008

Фридом хаус: Македонија последна во Европа за слобода на здружување

Неодамна објавениот извештај на Фридом хаус за состојбата со слободата на здружување укажува дека ова право се нарушува низ целиот свет во последните четири години, бидејќи „владите преземаат пресметани активности да ги ограничат невладините организации, групите за човекови права и независните синдикати“.

Целиот извештај е достапен под наслов „Слободата на здружување под закана“ (Freedom of Association Under Threat, ПДФ од 1,03 МБ).

Во извештајот се користи скала од 0 до 12 да се оцени состојбата во разни земји. 0 е најлошо и е карактеристично за тотално распаднати системи како Сомалија или диктатури како Саудиска Арабија, а 12 е најдобра оценка и се однесува на земји во кои државата обезбедува граѓаните несметано да си го користат правото на здружување, како на пр. во Шведска или Финска.

Македонија и Турција имаат најниска оценка во Европа - 7, што на глобално ниво е само малку полошо од Замбија и Сијера Леоне, кои имаат 8.

Десекуларизација: МВР има светец!?

Од една вест за владиката Иларион (оној што се залага жените да немаат право да располагаат со своите тела) дознав дека тој на 8.11.2008 „по покана на началникот на СВР – Штип г. Звонко Каширски, присуствуваше на Патронот и Заштитник на Македонската полицијата светиот великомаченик Димитриј како и на свеченото отварање на Прес-ценатарот на СВР – Штип.“

Немам чуено за реакции на припадници на полицијата што не се православни христијани на тоа што официјални органи наметнале религиозен карактер на оваа институција која треба да им служи на сите граѓани. А башка за реакции од граѓаните и други релевантни тела.

Внимавајте дека има разлика меѓу тоа што во некоја религија постои светец заштитник на дадена професија и тоа институција да си постави светец од една религија. На пример, едно е ако Католичката црква на 1 мај го слави Св. Јосип Работникот (хрв. Sv. Josip Radnik) како заштитник на работниците, а друго е ако што знам, некој синдикат или министерство за економија или труд го прогласи светецот за свој. Со второто јасно се става на знаење дека припадниците на таа организација се припадници само на таа и таа религија.

Иронично е што најголемо дело на одбраниот светец е легендата дека по својата смрт им помогнал на Византијците кои зборувале грчки да го одбранат Солун од Словените од чиј јазик потекнува денешниот македонски. Во македонските цркви иконите најчесто го прикажуваат Св. Димитриј на коњ како победува еден брадест варварин. Потомците на токму тие варварските напаѓачи сепак се населиле околу тој град во доволна мерка за после некој век Св. Кирил и Методиј да го знаат словенскиот јазик - кој не ја знае приказната од „Панонски легенди“, срам да му е, но ова е веќе преобемна дигресија.

Исто така, радо би дознал што мисли владиката Иларион и кој е ставот на МПЦ за појавата жени да имаат проблеми на работа заради тоа што се трудни. Нели би било одлична тема за новинарско прашање?

19 November 2008

Упатства во видео-формат

Го поздравувам појавувањето на упатства за бркање разни работи во видео-формат на македонски јазик. Мислам дека тоа е важен придонес за развојот на толку потребните локални е-содржини. Досега знам за две:

18 November 2008

Графитари

Ми упадна в очи написот во „Шпиц“ за најавената акција за отстранување на графити од страна на општините, закажана за 21 ноември 2008 година, која ќе биде платена со пари на граѓаните од општинските буџети. При тоа како примери за графити се наведуваат оние неколку подуховити од Скопје, па дури се потенцира дека:

Нов момент е што веќе не се испишуваат политички графити, а пред десетина години тоа било честа појава, што не било добро.

Мојот впечаток е дека младешки графити се сепак малцинство и дека низ Скопје доминираат остатоци од политичките пораки од најразлични поранешни избори. Некои се сеуште читливи, а некои се дополнително вандализирани од спротивниот табор да не може да се прочитаат, при што буквите се направени како ишкртани коцки.

Со оглед на тоа што таквите графити, како и плакатите, се форма на рекламирање, мислам дека општините може во голем број случаи да идентификуваат кој се рекламирал со нив, и да побараат отштета за отстранување од соодветните политички партии или политичари. Така ем ќе се заштедат пари од граѓаните, ем ќе се укаже дека нема привилегии за политичката елита, наспроти младите креативци.

17 November 2008

Женомрството без одговор од државата

Најидикативно во врска со неодамнешниот црковен напад против правото на жените да располагаат со своето тело олицетворен во текстот „Беседа против абортусот“ е отсуството на реакција од државата, која ако е секуларна треба да ги брани ваквите фундаментални права на граѓаните.

Имаше реакции од експерти и од невладините организации, при што особен впечаток ми оставија прашањата на Жарко Трајаноски:

...на православните борци за правата на ембрионите би им поставил неколку прашања. Ако се толку убедени дека животот на човекот почнува по зачнувањето, зошто тогаш го слават како Рождеството Христово денот кога Исус излегол од утробата на мајка му? Зошто не ги слават своите родендени на денот на зачнувањето, туку на денот кога „дошле на свет“? Ако и ембрионот е дете со право на живот, зошто тогаш нема ниту право на крштевка ниту право на црковен закоп?

но како што посочи Мирјана Најчевска во коментар кај Фемгерила (кмкт):

Ниту една пратеничка не стана и не реагираше на ова. Не се возбуди женското лоби во Собранието на РМ. Не се возбуди ниту една од комисиите за родова еднаквост формирани во општините. Не се возбуди ниту посебниот сектор за родова еднаквост во МТСП. И не се притисна црвеното копче кај народниот правобранител кој наводно има посебна задача да внимава на можна дискриминација.

Сличното го забележа и Горан Михајловски од Вест (кмкт):

Се потепаа жените да имаат квота во Парламентот. Не слушнав дека некоја од нив излезе да ги брани женските права. Утре можеби истиот владика ќе побара забрана на абортусот. А тие ќе го поддржат затоа што така ќе им каже партијата.

Не е ни чудо што во последните три години Светскиот економски форум бележи константен пад на индексот на рамноправност меѓу жените и мажите во Македонија (кмкт).

07 November 2008

Големата слика (The Big Picture)

Големата слика е неодамна отворен блог кој обработува општествени теми на интересен начин и со комбинирање информации од разни извори.

04 November 2008

Борба против корупцијата преку е-власт

Интернеш’нал хералд трибјун вчера објави пофален напис (Fighting corruption through e-government) за проектите за е-влада кои УСАИД ги спроведува во Македонија (на англиски).

Линкот го пријавив и на Кајмакот, можеби (и) таму ќе се развие дискусија на темава. А ако ви се допаѓа може и да го гласате (да влеземе во денешниот филм на браќата Американци).