Блекаут

30 October 2008

Како нè признава Кенија?

Во сите муабети во врска со американските претседателски избори и судбината на Македонија по нив, еден податок ми недостасува:

  • Под кое име нè  има признаено Кенија?

Нели Барак Обама е по потекло од таа земја, во која живее и баба му по татко, кој е починат.

Дали ставот на (како што велат во дијаспората) „стари крај“ ќе влијае на неговата надворешна политика не знам, но навистина е штета што списокот на земји што ја признале Македонија под уставно име Министерството за надворешни работи го има прогласено за класифицирана информација, па не е достапен за јавноста ниту со примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Таквата долгогодишна пракса на нетранспарентност оневозможува и да им заблагодариме на пријателите, ама можеби причината за тоа е да им се отежни работата на грчките дипломати кои одат по светот директно да ги промовираат своите интереси при букирањето летови.

25 October 2008

Страв од сиромаштија

Поттикнат од очекуваните последици на тековната светска економска криза, Џон Долан на Егзајл објави „Упатство за нови сиромаси“ (Tips for New Paupers).

Еве и линк до постар есеј под наслов „Што е сиромаштија?“ од Џо Гудвин Паркер, исто така врз основа на американско искуство.

Обата текста се особено корисни за сваќањето на неколку работи - дека сиромаштијата не е божја казна за мрза и дека во такви околности може секој да упадне, а и за подигање на емпатија за луѓето во такви услови, услови кои многу влијаат на личноста и однесувањето.

23 October 2008

Автоцензура на Саут Парк за Франција

Ако сакате да гледате цели епизоди од официјалниот веб-сајт на Саут Парк во Франција, наместо флеш-плеер во поп-ап прозорчето се појавува следното известување:


Не пишува зошто е применета автоцензура во однос на посетителите од доменот .fr. 
Линкот за клипови на француски води кон сајт на МТВ.

Забелешка: достапноста на епизодите на времето ја најави Калина.

Шутинг вор

Шутинг ворПариз, 23.11.08 - Денес во книжарница видов француско печатено издание на стрипот „Шутинг вор“ (Shooting War). Го имав подзаборавено, а за него првобитно дознав од Вајерд пред две години. Името е игра на зборови од англискиот јазик и може да се преведе како војна со пукање и/или снимање.

Стрипот комбинира политика, научна фантастика и анализа на медиумите. Успешно.

Наградно прашање: Зошто досега се нема појавено македонски веб-стрип?

21 October 2008

Париз: Улични протести против кратење на буџетот за образование

Во неделата низ париските улици се одржаа протести против одлуките на Владата на Р. Франција да се скратат средства за образование, а истовремено Владата дава пари од буџетот за банки под изговор дека се помага во средување на финансиската криза.

 На настанот учествуваа разни политички партии, синдикати и други главно левичарски групи. Интересно ми беше што составот на учесници беше многу разновиден и по пол и по возраст, а се обидов да ги документирав разните техники на ширење на пораки со ова мало видео:

 Меѓу другото, текстови од песните што се пееја и слоганите беа делени на учесниците, имаше и групи од барабанџии (купечки и направени од канти), а најинтересна и ефективна форма на транспаренти ми беа балоните. Од логистика, имаше и комбиња што продаваа сендвичи на учесниците, како и друга логистика. Маршот траеше со километри, низ повеќе главни булевари на Париз.


Всушност, најефективно изразно средство достапно на индивидуален човек ми се чини дека беа ѕвонците за крави, како овие на сликата. Се слушаат ептен далеку и гласно. 

08 October 2008

Слобода наместо страв (Freedom Not Fear) на 10 и 11 октомври

freedomnotfear_logo На 11 октомври, 2008 г. ќе се одбележи Меѓународниот ден на дејствување за демократија, слободен говор, човекови права, граѓански слободи; против цензура, масовен надзор, масовно задржување на податоци.

Меѓународниот ден на дејствување „Слобода наместо страв“ ќе се одбележи во сите европски главни градови и градови од целиот свет, како протест против целосното задржување на телекомуникациските податоци и против другите инструменти за надзор.

Сакаме да се потсетиме на историското достигнување на граѓанските права и слободите како наследство од Периодот на просветителството и да ја зајакнеме довербата во безбедноста на нашето слободно општество.

Македонија (под уставно име - прим. Ф.С.) се придружува на оваа меѓународна акција преку активности кои ќе се одржат во Скопје на 10 и 11 октомври;


Во тек на првиот настан (петок) реномирани правни и други експерти ќе одржат јавна дискусија, паралелно со активностите за дистрибуирање информации на студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во текот на вториот настан (сабота) ќе се врши дистрибуција на летоци и постери, како и извадоци од Законот за заштита на личните податоци на Република Македонија. Ќе биде поставен штанд на кој граѓаните ќе може да добијат повеќе информации и ќе имаат можност да снимат изјави за нивното мислење за надзорот, што потоа ќе бидат објавени на интернет.

Акцијата ќе се организира во центарот на главниот град од страна на Фондацијата Метаморфозис, Дирекцијата за заштита на личните податоци, Форумот на студенти на европско новинарство, Фондацијата Институт Отворено Општество - Македонија, Европското здружение на студенти по право во Македонија, Младинскиот Образовен Форум, Македонскиот центар за европско образование и Интернет хотлајн провајдерот Македонија.

Извор: Метаморфозис.

Придружете се на трибината или на плоштад, а може да помогнете и со тоа што ќе го препратите линкот до ваши познаници, или ќе гласате за него на Кајмакот.

07 October 2008

Семејно стебло, а не „фамилијарно дрво“

За онаа реклама на ТВ кога покажуваат бастун со препорака да не дозволиме да не биде тоа нашето „фамилијарно дрво“.

Семејното стебло на приматитеПокрај тоа што зборот „стап“ во македонската култура има сосем определена симболика и значење некомпатибилна со целта на рекламата, користењето на буквален превод на англискиот израз (family tree) за нешто што си постои сосем убав македонски--семејно стебло--делува дополнително одбивно.

Кога веќе Владата на Република Македонија троши неброени милиони евра за реклами, би требало да се потруди барем квалитетот на македонскиот јазик во нив да биде како што треба. Сепак, тие агенциите што профитираат од буџетот може да споделат дел од профитот, цените на лектура по страница се доста прифатливи.

Фушерајот со парите на граѓаните е двоен фушерај, особено за производ од професионалци кои сакаат да ја пикаат придавката „креативно“ како дел од титули.

05 October 2008

Како помина Денот на слободен софтвер во Скопје?

Фотографијата е од подготовките на најавените активности за Денот на слободен софтвер во Скопје. Снимени се активистите од Слободен софтвер Македонија, во придружба на колеги блогери и блогерки, како го распнуваат платното на кое дополнително се сликаше.

Фото: Филип Стојановски. Лиценцирана со лиценцата Криејтив комонс наведи извор 2.5.
Кликнете на неа за поголема верзија.
Creative Commons License

Ги поканувам присутните да ги споделат своите впечатоци од настанот, особено да видиме како испаднало колаборативното дело на крај.

Нова Македонија за лажните постхумни профили

Нова Македонија од 4 и 5 октомври 2008

Денешната Нова Македонија објави напис на Бисерка Велковска-Блажева насловен „Тоше и Александар Македонски воскреснати на „Фејсбук“?!“ поттикнат меѓу другото и од мојот пост „Морбидна покана“.

Како што е ред и професионално, побараа и добија дозвола да искористат содржини од постот. Написот е најавен и на насловната страница на печатеното издание (најгоре лево).

04 October 2008

Една историја на американскиот стрип

ДоугНа Том д денсинг баг беше претставена историјата на американскиот стрип преку фиктивниот лик на глодарот Доуг

За споредба, мојата студија за историјата на стрипот и анимацијата, исто на англиски.

03 October 2008

Ден на слободен софтвер 2008

Слободен софтверСлободен софтвер Македонија организира прослава на Денот на слободен софтвер на 4.10.2008 година (сабота) со презентации за слободен софтвер и слободна култура во Скопје, од 12 часот во КЦ Точка и од 14 на плоштадот Македонија.

Со Светскиот ден на слободен софтвер се слави човековата креативност, правото на избор и здрава конкуренција. Повеќе информации и дискусии на:

Солидарност со Битола за фестивалот „Браќа Манаки“

Милтон МанакиСе согласувам со Молика и Букарски дека Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ не треба да се сели од Битола. Во знак на солидарност ги бојкотирам сите проекции во Скопје оваа година.

Мислам дека сите фестивалски настани сосе премиери треба да си се одвиваат во Битола, а во други градови (меѓу кои и Скопје) може после да оди ревија со некои или сите филмови, како деновиве пред години.

Исто така, на официјалниот веб-сајт на фестивалот покрај описите на филмовите (на кои им треба лектура, како побогу можеа да го преведат „Другата сестра Болејн“ со користење на типично англиската конструкција „Другата Болин сестра“) да има и време и место каде ќе се прикажуваат.

Свесен сум дека работите не се црно-бели, како што укажаа Елена, Гемиџи и Јанко, но ако Битола не го сака фестивалот како дел од својата традиција, подобро е тој да умре отколку да се зомбифицира по Скопје. Ако на Скопје му треба уште еден филмски фестивал, нека си почне нов и нека го крсти според првиот скопјанец кој користел филмска камера.

02 October 2008

Најтапа песна на сите времиња? Онаа од Кид Рок...

Кид Рок пееНа Крек’д.ком има една убава критика на песната на Кид Рок „Ол самер лонг“ во видео-формат, која е аргментирана на смешен начин. Ѕирнете.

Веб-сајтот на Македонска радио телевизија повторно не работи

На оваа тема веќе пишував, а пред малку една читателка ме извести преку коментар дека веб-сајтот на јавниот сервис Македонска радио и телевизија повторно не работи.

Би било добро традиционалните медиуми да испитаат што е проблемот. Поради неговата повеќејазична природа, тоа е сепак еден од најзначајните сајтови за информирање на светот за Македонија.