Блекаут

31 January 2009

Контрацепција кај елфите

Овој смешниов веб-стрип Ирегулар вебкомик има баш смешна епизода:

стрипче со елфката и крадецот

Превод:

Крадецот: Значи, Алвиса, ако елфите живеат по илјадници години, како не сте успеале да се намножите толку да ги истиснете другите раси и да го завладеете светот?
Алвиса: Елвските деца цицаат по дваесет години, забите им растат по 20 години и се неподносливо непослушни по околу 100 години, а им треба и околу 200 години да научат да одат сами по нужда.
Крадецот: Ааа... така.
Алвиса: Да. Елфите развија ефикасна контрацепција уште пред да откриеме како се користи огнот.

Три предлози за подобрување на Кајмакот

Не дека Кајмакот е лош, најдобар е на македонскиот веб, туку предлозиве се за да биде поефикасен. Се работи за функционалности, односно надградби кои сметам дека одлично би го дополниле.

1. Пребарување - за сега недостасува можност да се пребарува низ содржините, по можност со избор да се филтрира по наслови, описи, линкови и коментари.

2. Персонализација на фидовите (RSS) - сакам да ставам модулче на мојот блог со информација за тоа што јас сум гласал за да ги промовирам линковите по мој избор, а не само по категории или најгласаните од други.

3. Проширени опции на корисничките профили - можност за пријавување омилени сајтови, контакт инфо, сликиче, итн. Поврзување со другите свои профили и сајтови. Можност за поставување свој код од Гугл адсенс или Амазон асошиејтс во својот профил и на предложените линкови.

27 January 2009

Македонија, Азербеџан, Киргистан, Таџикистан

На времето...

(...пред како решение за економската криза на национална телевизија сега веќе влијателни личности (Скај нет, Македониум, 8.1.2009) да пропагираат дека нема што да бараме во ЕУ оти западот пропаднал економски и дека еве, Хунзите што нè посетиле летоска ќе ни помогнат да имаме поголем извоз (на месо и индустриски прозиводи, во кој наводно сме биле спречени од Светска трговска организација според гостинот во студио) со нивните контакти со големите држави од исток...)

...многу пореалниот непоправлив оптимист Дарко Ангелов препорачуваше да престанеме да бидеме Калимеро-нација, кога може во однос на полезните аспекти на соработката со Русија да бидеме јагне што цица од две овци или Азербеџан на Балканот.

Арно ама, заедничка особина на Македонија и Азербеџан испадна само дека нема да имаме е-гласање.

Сепак, има други поранешни советски републики со кои може да најдеме заеднички особини, искажани во две стрипчиња од Тед Рал:

Напомена: во сите наведени азиски земји живеат прекрасни луѓе од кои неколку сум имал чест да ги запознаам лично. Како впрочем - и во Македонија.

26 January 2009

Ракот и мобилните телефони

Како надоврзување на постот со кој запрашав дали мобилните телефони се штетни за децата, пренасочувам до два написи на Македонскиот портал за ракот:

Накратко, тековниот заклучок од истражувањата е дека не може да се откријат негативни влијаниа врз возрасните, но мора да се биде претпазлив во однос на изложувањето на децата на било кој вид зрачење, па и на тоа од мобилни телефони.

Препорачувам почесто користење на овој корисен веб-сајт, кој не случајно е овогодишен претставник на Македонија за изборот на Наградата на Светскиот самит во категоријата е-здравство и животна средина.

25 January 2009

Акција: 28 јануари, Меѓународен ден за заштита на приватноста (January 28: International Privacy Day)

international-privacy-day.jpgНа 28 јануари се прославува годишнината од донесувањето на Конвенцијата за заштита на податоци (бр. 108) на Советот на Европа, најважниот меѓународен закон за приватноста. Од 1981 г. досега ја ратификувале над 40 земји, меѓу кои и Македонија, но за многу поголем број е важно и тие да ја поддржат (особено САД).

Поддржете го Меѓународниот ден за заштита на приватноста на 28 јануари и придружете се на глобалното движење. Барајте и Вашата влада да ја заштитува приватноста на корисниците на интернет!

Активности предложени од Паблик војс (The Public Voice):

1. Зачленете се во групата на Фејсбук „International Privacy Day - 28-01-2009“ и поканете ги познаниците да се зачленат и да се вклучат во кампањата.

2. Блогирајте на тема „28 јануари: Меѓународен ден за заштита на приватноста: реални проблеми, реални решенија“ (January 28: International Privacy Day. Real Problems, Real Solutions) и прославете ја годишнината од донесувањето на Конвенцијата за заштита на податоци.

3. Дискутирајте за вистински проблеми поврзани со приватноста (на пр. задржување податоци) и вистински решенија поврзани со приватноста (на пр. техники за нејзино зголемување).

4. Поканете и други блогери да пишуваат за 28 јануари и за вистински проблеми и решенија поврзани со приватноста. Поврзувајте ги постовите преку линкови.

5. На Фејсбук, објавете го линкот до настанот на вашиот профил (Share > Post to Profile).

6. Промовирајте со банерот „Privacy – January 28“.

7. Објавете видео-клип поврзан со приватноста на вашиот блог или профил.

8. Организирајте кампања во вашата заедница.

9. Гледајте филм за приватноста со пријателите. Некои од нив се „Гатака“, „Државен непријател број 1“, „Животите на другите“, „Орловско око“.

21 January 2009

Белата куќа почна да користи Криејтив комонс

Од вчера, содржините на веб-сајтот на Белата куќа се објавуват според лиценцата Криејтив комонс наведи извор 3.0.По тој повод, журка:

Повеќе за лиценците на македонски јазик може да дознаете на Порталот за авторски содржини од Македонија објавени под Криејтив комонс, а за целото движење на веб-сајтот на глобалниот Криејтив комонс кој е на англиски.

Веропоука наместо веронаука

Со оглед на тоа што веронауката сепак нема врска со наука (веро-наука), дисциплина која се потпира на користење на научниот метод (scientific method), предлагам за тој предмет да се користи многу поточното име веропоука. Ем е точен - се работи за пренесување религиски поуки, ем не создава забуна.

Полезно е да се потсетиме на интервјуто за веронауката со д-р Зоран Матевски (6.9.2008), професор по социологија на религиите:

Вест: Уставниот суд ниту ја прифати ниту ја одби веронауката во школите. Владата побрза и го искористи вакуум просторот додека Уставниот суд не се комплетира. Вие бевте поканет како експерт да дадете ваше мислење. Дилемата на Уставниот суд беше дали верската настава во школите ќе претставува и верско дејствување?

Матевски: Јас мислам дека нема да биде верско дејствување, под услов ако не се вршат верски ритуали во училниците. Не смее да се дозволи наизуст да се учат молитви.

Вест: Ако наставата почнува со Оче наш или молитва кон Мухамед, дали тоа значи верско дејствување? Која е границата на дејствување и настава?

Матевски: Ако свештеникот наместо да ја објаснува молитвата, ја практицира, тогаш тоа е ритуал. Или, пак, да ги тераат децата да се клањаат или наизуст да кажуваат молитви. Тоа никако не смее да се дозволи. Тоа може да се прави само во верски објект. Но ако професорот објаснува што значи Оче наш, тоа не е дејствување. Мора да има граница.

Ден претходно, Жарко од Зомбификација извести за формите на верско дејствување присутни во планот за настава по веронаука. Меѓу другото:

Методи и активности:
„Часовите започнуваат со молитвата „Оче наш...“ (за почеток учителот ја кажува молитвата, а во следните часови учениците читаат заедно со него.“
...

20 January 2009

Пушење „и по реду и по закону“

Една позитивна последица од спроведувањето на законите против пушењето беше враќањето на „чаршискиот дух“ во Скопје.

Имено ако тргневте пешки низ центарот во периодот пред ептен да фати ладното гарант ќе наидевте со десетина познаници кои прават пуш-пауза пред фирмите во кои работат. Па ќе падне некој лаф-муабет барем на минута, најнови вести кој кај што и оп... ептен корисно социјално вмрежување, дури и без Фејсбук.

19 January 2009

80 години Тинтин


Пред некој ден (14.1.2008) со објавување на огромен мурал во железничка станица во Брисел е прославен осумдесеттиот роденден на стрип-јунакот Тинтин. Една од важните вредности истакнати во изјавата за ТВ од настанот беше дека за младите луѓе е многу важно да можат да патуваат, како што тоа го прави новинарот Тинтин во своите авантури.

На фотографијата се „официјални“ фигурички за колекционери со ликови од стрипот снимени во излог на бриселскиот аеродром. Ги има и три пати поскапи... но за тоа друг пат.

Водици - остварување на повеќегодишниот сон

Мило ми е што годинава на главната прослава на Водици во Скопје е прифатена идејата на фаќачот на крстот наместо телевизор да му се додели компјутер, за која се залагав и во 2006 и во 2007 година, а на која годинава потсети Новица.

Според написот во Дневник од 17.01.2008, „Стотина верници ќе скокаат по крстот во Вардар, на прославата на Богојавление - Водици во Скопје. Архиепископот на МПЦ, г.г. Стефан, в понеделник напладне ќе го фрли осветениот крст од Камениот мост. Среќникот што ќе го фати крстот ќе добие компјутер од годинашниот кум на овој чин, Михајло Герасимовски...“

При тоа, морам да истакнам дека „мојата“ идеја не е особено оригинална или пророчка, оти преку Најди! најдов напис од Утрински весник за тоа како кумот во Нерези давал компјутер уште во 2004 г. Нека им е со среќа на добитниците и новодобиената моќ да ја користат за арно.

„Чија е оваа песна?“ на интернет

Во пост на Археолошки дневник беше објавен филмот „Чија е оваа песна“, кој поттикна и дискусија на Кајмакот. Филмот е хостиран на Гугл видео и ако не ви се пушта од прва направете рефреш.

Авторката на филмот во делот со Албанија кажува дека ќе се врати таму, а тоа навистина се случило со нејзиниот следен филм „Развод на албански начин“. Дали и тој може да се најде на интернет?

Е за вакви работи зборував кога го барав македонскиот Мајкл Мур. Бонус: Џумерко.

18 January 2009

Македонците од Топлификација - медиумски мистерии

Злочко ја поврзува неодамнешната фалбаџиска изјава на Македонците од Топлификација дека добро се снашле со тоа што од гас преминале на мазут со нивните претходни оправданија дека зголемените цени биле поради покачувања на цените на нафтата. Ако претходно трошеле гас, зошто била зголемена цената? (За постот дознав од Кајмакот: Што согорува Топлификација.)

Важен елемент е што во оваа нетранспарентна ситуација, надлежните органи и медиумите не буричкаат и истражуваат повеќе за тоа колкав всушност е уделот на гас и мазут во трошоците на оваа монополска компанија.

Ова директно го засега џебот и на граѓаните кои добиваат страшно покачени сметки во последно време и на оние што плаќаат на слично ниво како порано.

Башка што мора да се разјаснат обвинувањата дека во првиот случај најпогодени се оние кои живеат на локации каде што имало многу исклучувања.

А терминот „Македонците од Топлификација“ е аналоген на Австријците од ЕВН. Мотивите и начинот на воведување на вториот исто може да биде тема на ептен важно истражување. Неконзистентноста на медиумите при идентификувањето на инвеститорите е индикативна, оти не се зборува за Грците од Жито Лукс, Бугарите од Кејблтел, Швеѓаните од Сведмилк, Грците од Окта, Германците од Македонски Телекомуникаии, Грците или Германците од Космофон, Словенците од Он.нет итн. Истражувачки новинари, каде сте?

17 January 2009

Секој ден, во секој поглед, напредуваме сè повеќе

Очекувам наскоро Берово да биде прогласено за град со најголемо количество на кислород во светот, или макар, Европа - барем за домашна употреба.

Патриотското самозалажување настрана, иако обата извори не нудат врз основа на кое мерење се добиени податоците, интересно е ако планинско место со 986 m надморска височина навистина има висока концентрација на кислород во споредба со пониски места во земјава, ако се земе предвид дека „Колку повеќе се качуваме во височина, количеството на кислород се намалува и атмосферата станува се понеподнослива за дишење“ (Википедија: Атмосфера).

15 January 2009

Со хумор против злото на расизмот и шовинизмот

Надоврзувајќи се на дискусијата за злоупотребата на традицијата и идентитетот, споделувам линкови до два интересни написи чија цел е идентификација и спротивставување на апсурдите:

За оние што не може да се погледнат во огледало како терапија, а за другите како потсетување на подобрите времиња, следи и инсерт од филмот „Мојата голема дебела грчка свадба“ во која таткото објаснува како зборовите од сите јазици на светот потекнуваат од грчкиот. Нели беше ептен смешно кога првпат го гледавте? :-)

Превод:

Другарката: Во ред г. Портокалис, еве на пример зборот „кимоно.“
Портокалис: Аха, кимоно... Кимоно, кимоно, кимоно. Аха! Секако, кимоно доаѓа од грчкиот збор химона што значи зима. А што носите во зима за да се стоплите? Наметка! Гледате, наметка - кимоно, ете ви.

Расистичкиот видео-клип прикажуван на МРТВ

Дали сте го виделе видео-клипот во кој „се обраќа Господ и вика дека од Македонците почнала белата раса“, прикажуван на нашиот јавен сервис МРТВ?

Клипот пред некое време беше посочен на Кајмакот како „рунтава семакедонштина“. Ако ви треба противотров на брзинка, ѕирнете го клипчето од „Шовинистичка фарса“ (чии елементи неодамна ги ремиксуваа Еднооки).

Арно ама, би сакал да ве потсетам и на еден мој коментар од летоска во написот за контроверзата со Хунзите и заштитата на „македонскиот генетски код“:

...Но можеби треба да дојде до некакво соочување со таквите кои стануваат мејнстрим во Македонија... оти со вакви искревени логики се уништува способноста за критичко размислување кај нашиот народ. А токму таа способност ќе ни треба повеќе и од порано во наредниов период, за решавање на проблемите со вистинските светски кризи кои надоаѓаат.

Споредете ги содржините од спотот и праксата на селективна „пресметка“ со паганството со поуките на Умберто Еко:

Оваа нова култура требала да биде синкретистичка. Синкретизмот не значи само, како што вели речникот, „комбинацијата на различни форми на верување или делување“, туку и дека таа комбинација мора да толерира и контрадикции. Секоја од првобитните пораки содржи зрнце од вистината, и иако личи дека тие кажуваат различни или некомпатибилни нешта, сите тие демек, во основа, алудираат, алегориски, на истата примална вистина.

Како последица, ваквите култури не дозволуваат напредок во учењето. Според нив, вистината е веќе искажана, еднаш засекогаш: најмногу што може да сториме е постојано да ја интерпретираме истата порака.

Бонус линк: напис за Калашите објавен во Вест 2003 г. Тоа се сограѓаните-конкуренти на Хунзите, потомци на оној другиот војник на Александар што заостанал по пат кои се „погрчиле“ пред да ги „откриеме“ и воведеме „во шема“.

Новорегистрирани македонски домени

Ова е навистина интересно: Георги Станојевски - Глиша, се надоврзува на претходната активност поврзана со водење евиденција за развојот на македонскиот доменски простор, па има направено апликација поставена на сајтот domejn.ot.mk за следење и известување за новорегистрирани .МК домени.

За обата линка има дискусија на Кајмакот.

14 January 2009

Мобилните телефони штетни за децата?!

Франција ќе забрани рекламирање на мобилни телефони на деца поради наводните стравувања дека мобилните телефони може да предизвикаат рак и други заболувања.

Често имам слушано „кафеански муабети“ за штетноста на зрачењето од мобилни, но без некој научен или медицински аргумент. Дали недостатокот на вакви податоци кај нас е резултат на моќта на телекомуникациските компании, или на неразвиеноста на научниот сектор кој можеби воопшто не чепка во оваа област на здравството?

Забелешки на тазе родител

Кит Најт ги пренесува своите впечатоци преку стрипче (на англиски)

Кит Најт за бебиња

...како и претходно.

13 January 2009

Каде се Владините реклами на интернет?

Се обидував, но не успеав да најдам видео-записи со рекламите од Владата на Република Макеодонија на интернет. Особено ме интересираат оние од кампањата „Ти си Македонија“, но и од другите кампањи, и тековни и минати.

Ако знаете каде би можело да се најдат, пишете ми по е-пошта или ставете коментар со линковите.

Порнографијата и Романија - сагата продолжува

Ако сте подолго на интернет може веќе ви е позната приказната за тоа како во Романија е донесен закон за заштита од порнографија на интернет во 2002 година, кој истовремено бил и неприменлив и неприкосновен од политички причини.

Продолжение на приказната е дека минатиот месец романската Национална агенција за комуникации побарала од интернет провајдерите да го блокираат пристапот до 40 веб-сајтови хостирани во Романија, бидејќи не ги исполнуваат критериумите од Законот за спречување и борба против порнографијата. Овој обид за филтрирање/цензура повлекува гужва на разни полиња во земјата која има над 1000 интернет провајдери.

Нови опции на Time.mk - пребарување

Пренесувам дел од известувањето што го добив од TIME.mk оти мислам дека е многу полезно за сите кои се занимаваат со следење на нашите медиуми кои објавуваат на интернет. Сајтов досега само прикажуваше тековни вести, но воведена е и многу потребната опција за пребарување:

Внесете ги клучните зборови во полето за пребарување и кликнете: Пребарај мрежа

TIME.mk автоматски ги преведува клучните зборови од латиница во кирилица и обратно, а исто така и пробува да најде страници со клучни зборови кои се слични на внесените.

Доколку сакате да пребарате некој специфичен сајт, (на пример on.net.mk) после клучните зборови додадете site:site_name (на пример site:on.net.mk)

Овој систем за пребарување специфични сајтови е сличен како на Најди! и е релативно едноставен, но може и понатаму да се автоматизира. Препорачувам да се воведе и посебна страница за пребарувања во која на пример со чек-боксови би можело да се избираат изворите, наместо да се пишуваат рачно.

12 January 2009

Ave! за блогот за Римското царство

Статуа на Цезар од Лувр, ПаризСо задоволство утврдив дека неодамна е отворен блог за Римското царство, оти сметам дека Стариот Рим е неодвоив и исклучително важен дел од македонскиот идентитет.

Бонус линк: дали знаете дека постои и Википедија на латински?

Нов вирус на Скајп

Внимавајте при добивање понуди да примите нешто од пријатели на Скајп.

Деновиве е актуелен еден вирус што кога ќе се закачи го тера домаќинот да препраќа автоматски неколку фајлови одеднаш со имиња поврзани со сексови и наставки .pif, .com, .exe и слично. Симнувањето и кликањето го активира вирусот кој се вгнездува во Скајпот.

Во таков случај кликнете „Cancel“ и прашајте го пријателот или пријателката дали навистина ви праќа нешто за вас. Може да не знаат дека го имаат префатено вирусот.

Како се гали мачка

Галење мачеУпатство за галење маче од веб-сајтот Катмас.

09 January 2009

Тајминг на светските медиуми како фактор (и Газа)

Во својата колумна „Хамас не е Хезболах“ Гери Бречер укажува на медиумскиот аспект на тековните операции во Газа кои започнаа на 27 декември 2008:

Израелците нападнаа токму во овој момент поради два невоени циклуси: циклусот на вестите и претседателскиот циклус. Ова е како војните што во минатото се воделе по совет на астролози: ѕвездите треба да бидат во точно определена позиција пред Апачите да почнат да дигаат во воздух и да настапат тенковите Меркава.

Најважниот циклус е циклусот на вести. Оваа војна започна во текот на „мртвата недела“ за меѓународните медиуми, помеѓу [„католички“] Божиќ и Нова година. Обичните луѓе се или пијани, или мамурни или затрупани во снег, а луѓето кои се важни, главните играчи во медиумите, се на одмор во Канкун или Пукет, си цуцаат рум со исклучени блекбери телефони. И тие нема да остават да им пропаднат парите кои веќе ги инвестирале во кол-герли со тоа што ќе гледаат вести од Газа.

Во остатокот на колумната Бречер го изложува мислењето дека другиот фактор е смената на претседателот на САД. Израелскито дисидент Ран ХаКоен го поврзува тајмингот на операцијата со претстојните избори во Израел.

Сеад за сељаштвото (простаклукот)

Она што Сеад го нарекува сељаштво јас го нарекувам простаклук, ама во основа се однесува на исто, што би рекол тој „дефицитот од социјална интелигенција. Тоа е нешто како разбирање на другиот и човечка способност да го видиш светот и од поинаква перспектива од твојата лична, и секако да се грижиш во одредена конвенционална смисла за другите околу себе.“

Или, недостаток на емпатија. Намерно, а со време и автоматско, игнорирање на информациите од и за другите со цел промовирање на краткорочни и кратковиди сопствени интереси на штета на градење асални меѓучовечки односи.

Во секој случај, препорачувам читање на неговиот пост.

Фајромизација во изборот за светски чуда

Реагирајќи на поттикот за учество на изборот на светски чуда, Жарко Трајаноски изнесува една многу валидна забелешка:
Ако гласам „патриотски“, како што препорачуваш, тогаш практично треба да се согласам на името „Republic of Macedonia (FYROM)“.
„Некронимот“ FYROM е изум на грчката пропаганда со која се понижува нашата држава, па оттаму сите „патриоти“ што ќе го притиснат копчето на кое стои „FYROM“ ќе станат жртви на непријателска пропаганда.
Тој предлага директна акција со која на организаторите на настанот, но и на други нешта со кои се промовира фајромизација - како Мајкрософт кој македонскиот јазик во своите производи го нарекува бившојугословенскорепубличкомакедонски (FYRO Macedonian), ќе им се укаже зошто треба да ги исправат ваквите пропусти или провокации.

Во некои случаи навистина може да се работи за пропусти, оти во недостаток на македонскиот глас на светско ниво, се користат туѓи информации или информации од меѓународни организации во кои (сакале нејќеле) членуваме како БЈРМ. Затоа, било да се организираат петиции, акции преку е-пошта или социјални мрежи, од огромна важност е да се задржи нивото на комуникација од кое може да зависи дали аргументите ќе бидат прифатени или отфрлени.

08 January 2009

Поддршка за промоција на нашите природни убавини

Две локации во Македонија - Охридското Езеро и пештерите Врело кај Матка се пласирале во вториот круг за избор на нови светски чуда на природата.

Ова е убава прилика за мобилизирање околу промоција на нешто што е заедничко на сите наши сограѓани, без поделби по етничка или партиска основа, ами со вистински патриотизам.

Затоа ја поддржувам иницијативата и ве поттикнувам и (повторно) да гласате на официјалниот сајт за избор на нови 7 светски чуда и да ја ширите веста преку постови на вашите блогови или со зачленување, активности и канење пријатели во групата на Фејсбук.

07 January 2009

Исправка за Хари Потер

Во претходниот пост направив ненамерна грешка, оти освен за рапот и хип-хопот, ми недостасува и знаење во врска со Хари Потер. Третиот дел од серијалот што ќе биде прикажан вечерва на А1 е „Затвореникот од Азбакан“, а не „Полукрвниот принц“.

За тоа се извинувам на читателите, а причината е веројатно аверзија оти „на прва“ ми се чинеше дека Џ.К. Роулинг има плаг... преземено и разводнето премногу идеи од Земјоморје - особено она со школото за волшебници, досега ги немам прочитано сите книги и изгледано сите филмови од серијалот.

06 January 2009

Фантастика (на телевизија) за време на празниците

Во текот на празнициве А1 ги прикажа целата филмска трилогија „Господар на прстените“, пократката верзија. Преводот во овој случај беше прилично добар, барем во очигледните примери како сцената со принцезата Еовин и кралот-вештер.

Истата телевизија ги прикажува и Хари Потер, со третиот дел (со „полукрвниот принц“) најавен како премиера вечерта на Божиќ. Ме чуди што луѓето на кои им пречат паганските обичаи сврзани со палење огнови во зима се немаат побунето поради оваа закана за институционализираните религии во земјава.

Забележително е што православните христијани на кои им пречи паганството не се бунат против промовирањето пагански кралеви по православни храмови, како на пример фреските со Филип II и Александар III Македонски новата црква во Радовиш. Слично и некои медиуми, кои се претставуваат како про-христијански, едновремено објавуваат и хороскопи и слични работи кои се прогласени за црна магија во христијанските свети книги.

Love ActuallyСепак, најфантастичен филм овие денови беше оној (Love Actually) во кој Хју Грант го глуми британскиот премиер кој му преречува на американскиот претседател.