Блекаут

28 March 2014

Ново издание на стрипот Загор на македонски јазик

Иако Загор не ми е омилен јунак, го купив првиот број од новиот стрип на македонски со него, со епизодата „Речни волци“. Го сторив тоа во знак на поддршка на новата издавачка куќа М-комикс, кои ветуваат дека ова е само почеток и дека ќе понудат и други изданија со време.



Првиот впечаток од изданието ми е дека е солидно направено, квалитенто испечатено и склопено.  Од М-комикс ги најавуваат и Дилан Дог и Магичен Ветер, кои се стрипови наменети за повозрасна публика, што е добро. Иако на многумина кои читале стрипови на времето прво што им паѓа на ум е Загор, тој не е прв избор на повеќето посветени љубители на стрипови и колекционери. Но јас верувам дека како и во другите области на човековиот живот, и кај индустријата на стрипови треба да се има на ум пирамидата на Маслов - не може да се развива висока уметност без продукција за широка потрошувачка која служи како основа за регрутирање нови уживатели на медиумот.

Од опусот со Загор има и неколку приказни што ми се допаднаа и на времето и неодамна, кога српски Дарквуд „Весели четвртак“ ги реиздаде собрани во посебни книги. Тоа се претежно приказните со научно-фантастична и епско-фантастична тематика, како Фанта Чико, со Хелинген и со паралелниот свет Голнор, од кој највпечатлива како на дете ми беше „Na krilima noći“.

Ако веќе работат со Бонели, би препорачал на М-комикс да го прошират асортиманот со другите понови изданија, на пример со La Storia.

Како читател, многу ми е важно преводот на странски дела да биде квалитетен. На пример погрешниот превод од српски ми беше толку одбивен што не сакав да ги купувам македонските верзии на Марти Мистерија и Дилан Дог што ги издаваше некоја друга издавачка куќа пред неколку години. Преводов на првиот нов „Загор“ е од италијански и ми се гледа сосем океј, со една мала грешка дека не го превеле името на еден од индијанците од англиски, стои Sunset Crow наместо на пр. Врана на зајдисонце, а има еден друг што го викаат Сива Пума (наместо што знам, Grey Cougar). Ете, кога ова би било рецензија, тоа би било единствената маана.

12 March 2014

Неколку прашања во врска со субвенционираните бракови




Дали добитниците на субвенции за склучување брак во Лозово потпишуваат дека ќе ги вратат тие 500 евра народни пари во случај на развод?

1. Ако не, постои ли опасност за развој на шема за перење пари преку фиктивни бракови?

2. Ако да, дали се прекршува Уставот на РМ Член 40.б кој вели дека „Правните односи во бракот, семејството и вонбрачната заедница се уредуваат со закон.“ - а не со општинска одлука или декрет на градоначалник.

3. Ако да, бидејќи поентата е зголемување на наталитетот, дали има клаузула која кажува колку деца треба да родат сопружниците во даден рок? Дали може компензација со посвојување?

4. И најнакрај, дали објавата дека добитниците на субвенциите треба да се „стари беќари“ важи и за женски жителки на општината - има ли основ за родова/полова дискриминација?


03 March 2014

Несоодветни споредби меѓу ропството во Америка и животот во Османлиското Царство

Пример на несоодветна, во најмала
рака етноцентрична реакција.
Не ми се допаѓаат „смешките“ во врска со филмот „12 години роб“ што доби Оскар, со поента дека ние сме биле фраери што сме издржале „500 години турско ропство“. И не само затоа што се изговор за користење расистички речник. Туку...

Официјалното ропство на територијата на САД траело од 1620 до 1865 година, два и пол века, а во цела Америка од почетокот на XVI век. Многу слично. Неколку века.

Второ и поважно, ропството на црнците во Америка било многу поразлично од животот на христијаните во Османлиското царство. Да, христијаните биле граѓани од втора класа, но за најголемото мнозинство животот бил ист како под Византија или христијанските локални кралства. За тоа време робовите биле буквално третирани како домашни животни, споредливо со живуркањето во концлогорите на нацистите (само со „мала“ разлика дека крајна цел на системот била експолатација, а не истребување).

Можете да замислите што значи тоа човек да се третира како домашно животно? На исто ниво како да речеме, говедата. Да биде постојано, секој ден подложен на тепање за да му се всади стравот во коски да не смее да подигне поглед, а камоли да помисли на слобода. Ако е женско да биде подложена на секојдневно силување. Секојдневно. Секој ден. (Да, исто како голем дел од  современите жртви на ропството, кои ги присилуваат на проституција.) И така со генерации? Едно 20 генерации.


Да, и под Османлиите, како и под власта на христијанските феудалци, имало повременото грабање жени и девојки. Сте го гледае Брејвхарт, знаете за „prima nocte“ што веројатно било „нормален“ обичај низ цела Европа. Ама тоа биле исклучоци. Кога ја грабнале Калеш Анѓа се дигнал бунт во цело Мариово. Прашање е колку такви грабања имало вон периодите на војни, а колку потоа се романтизирало. Феудализмот во Османлиската Империја официјално траел некаде до првата половина на XIX век (в. Танзимат).

Во Америка робовите немале право на семејство, децата биле одвојувани од родители, сопружници меѓу себе, по волја на господарите. Може да замислите каква трагедија било тоа? Колку крв и солзи пролеале тие луѓе, кои биле испограбани од дома, им било забрането да го зборуваат својот јазик, приморани да прифатат туѓа вера (спореди со односот на православната црква, која била интегрален дел од Османлискиот државен апарат и еден од најголемите феудални поседници), да заборават сè за себе.

На југот на САД било забрането со закон да научиш роб да чита, под закана за смрт и за учителот и за ученикот.

И да, робовите и во тие услови се бунтувале. И ако земеме да броиме, веројатно за тие три и нешто века вкупно ропство во Америките ќе изброиме многу повеќе робовски востанија по глава на жител отколку што имало востанија во Македонија. И тоа биле востанија во кои се знаело дека сите активни учесници ќе бидат убиени ако не успеат. Нема сургун, нема апсаана. Прво страшно јавно садистичко измачување за поука на пасивните што ќе преживеат, па сигурна смрт.

PS
 Модел за ропството во Америките било античкото ропство, како што го практикувале античките Грци, Македонци, Картагинци и Римјани. Дури, во духот на класицизмот (што би рекле денес антиквизација) робовладетелите имале реиздадено и некои картагинско/римски прирачници за како да се одгледуваат робови на плантажи. Имало и дополнети изданија во кои како основа покрај всадувањето страв од газдите било сеењето омраза меѓу самите робови, поттикнување меѓу себе да се кодошат и глодаат преку разни поделби, на пр. според нијанси на боја на кожа, возраст, занимање...

Една разлика од античкото ропство била воведувањето на боја на кожа/расно потекло како фактор (и самото воведување на поим „раси“ на луѓе, кој денешната наука не го применува). Во антиката и до средниот век роб можел да стане секој. На пр. народите што зборувале словенски јазици биле честа цел на ловци на робови, на пр. на Балканот главни трговци биле Венецијанците, во источна Европа викинзите. Од друга страна, во Америките тоа било резервирано само за луѓе со неевропско потекло - африканци и индијанци. Кај американското ропство имаме комбинација на концепти од сточарство (раси) и христијанство, оти оправданието било најдено во библиски митови како оној за Ное чиј еден син, црномурен, бил назначен да им биде подреден на другите, побели (клетвата на Хам).

Како да пронајдете вести кои „исчезнале“ од Интернет?

Написов е првобитно објавен на Сервис за проверка на факти од медиумите, а го има и на албански.

Оваа новинарска лекција покажува како со помош на Гугл, Архивата на Тајм.мк и archive.org  може да се видат содржини кои веќе не се достапни на веб-сајтовите каде што биле првобитно објавени.

arhiva

Пишува: Филип Стојановски, информатичар, програмски координатор во Фондацијата Метаморфозис


Има ситуации кога е од јавен интерес да се пронајдат содржини кои биле објавени на Интернет, па потоа отстранети. Оваа новинарска лекција покажува како со помош на Гугл, Архивата на Тајм.мк и archive.org  може да се видат содржини кои веќе не се достапни на веб-сајтовите каде што биле првобитно објавени.
Преносот на информации преку интернет се врши со копирање од компјутер на компјутер. Кога се разгледува некоја веб-страница, таа всушност се копира од серверот каде што е сместена, преку интернет провајдерот до компјутерот на корисникот (што опфаќа десетици и стотици можни копирања меѓу разни посредници). За да „дознаат“ што има на Интернет, пребарувачите прават интерни копии од страниците кои потоа ги анализираат. Во целиот тој процес има големи можности и нешто што било избришано по објавувањето да биде зачувано. Многу е веројатно дека она што е ставено на Интернет, „вечно“ ќе остане „таму“. Или барем доволно долго.
Без оглед на тоа кој бил мотивот за нивното бришење или измена, од техничка гледна точка има различни начини за отстранување на содржини од вебот:
  • Директно бришење од страна на авторите, уредници, издавачите и другите лица со администраторски привилегии. Кога се пристапува до адресата на ваквите написи, се добива порака од типот „таква страница не постои“;
  • Промени во базите на податоци или замена на софтверот што го придвижува веб сајтот. При нарачување на промената, зачувување на функционалната архива не било приоритетна потреба. Пример: Канал 5 има веб-сајт од 1999 година, но најстарите достапни вести се од 2003 г.;
  • Промена на доменот или други атрибути на веб-сајтот. На пр. од utrinski.com.mk во utrinski.mk, при што некои написи во моментов не се достапни, иако се појавуваат при интерно пребарување;
  • Исклучување на цели сајтови, каков што е случајот со www.a1.com.mk.
Пронаоѓањето на исчезната вест може да се заснова на пребарување врз две основи, или нивна комбинација. Првиот начин е пребарување со клучни зборови што се однесуваат на содржината на веста, особено ако го знаете насловот или лични именки што се појавуваат во веста. Вториот и многу поефикасен начин е ако Ви е позната точната веб-адреса на исчезнатата вест. Секако, до адресата, односно линкот или врската, можете да дојдете со претходно пребарување, на пример, преку Гугл. За содржините на македонски јазик особено полезно се покажува пребарувањето преку:
  • агрегаторите како Тајм, Грид, Дејли и Пинг;
  • форуми, блогови и сајтови за чување линкови и дискусии како пензионираниот Кајмак;
  • стари постови на социјалните мрежи како Твитер или Фејсбук.
Гугл кеш (Google Cache)
Во случајот на „кешот“ на Гугл  (Google Cache) зборот „кеш“ значи место каде привремено се складира нешто. Линкови до ваквите страници може да се појават меѓу резултатите од пребарувања. Како што објаснуваат од Гугл:
  • Гугл ја снима секоја страница што ја испитува додека го поминува вебот и ја складира како бекап во случај оригиналната страница да не е достапна. Ако кликнете на „кешираниот“ линк (анг. Cached link) ќе ја видите веб-страницата како што изгледала во моментот кога сме ја индексирале. Оваа зачувана содржина Гугл ја користи за да процени дали дадената страница е релевантен погодок за вашето пребарување.
  • Кога се прикажува зачуваната страница, на врвот има хедер (заглавие) кое служи како потсетување дека не мора да се работи за најновата/тековната верзија на страницата. Во ваквиот приказ, термините кои се однесуваат на вашето пребарување се истакнати (со жолта позадина) за полесно да видите зошто страницата е релевантна.
  • Вакви „кеширани“ линкови не се појавуваат за сајтовите што не биле индексирани, како и за сајтовите чии сопственици побарале да не ги кешираме нивните содржини.
Ако ја имате директната врска (линк) кон избришана или изменета веб-страница, Гугл нуди и едноставен метод со кој може да ја видите зачуваната содржина која се наоѓала на таа адреса. Доволно е во полето за пребарување на Гугл прво да го впишете параметрот „cache:“ заедно со целата адреса на страницата (URL) во форма:
cache:http://точната адреса на страницата
Ограничување: Важно е да се има на ум дека содржините складирани во кешот на Гугл имаат релативно краток рок на траење. Се чуваат во рок од неколку недели. Исто така, ако во дадена страница се правеле измени, ја прикажува само последната снимена верзија, а не првобитната.

20130927 google cache error
Порака од Гугл кеш дека не може да најде нешто.

Архивата на Тајм.мк
Пронаоѓање на македонски содржини може да се изведе и со помош на посебната секција „Архива“ во рамките на агрегаторот Тајм.мк (time.mk/arhiva). Основната форма на агрегаторот опфаќа над 150 сајтови, но нуди ограничено количество податоци за секоја вест: линк, наслов, интро…, но не и целосни текстови. Тоа произлегува од неговата намена – да пренасочува кон оригиналните сајтови. Наспроти тоа, одделот „Архива“  содржи податоци од 16 македонски веб-сајтови, меѓу кои важни медиуми и Собранието, кои се зачувани како целосни текстови што може да се пребаруваат. За написите кои постојат на нивните оригинални веб-сајтови, архивата служи како класичен пребарувач и насочува директно кон нив. На увид на јавноста е достапен само текстот, додека сликите или мултимедијалните елементи не се зачувани.

20130927 time.mk arhiva
Страница од Архивата на Тајм.мк со текст од затворен сајт

Ограничување: За разлика од Гугл или агрегаторот Тајм.мк, кои постојано проверуваат дали има нешто ново на веб-сајтовите кои ги следат, кај архивата на Тајм.мк базата се полни повремено, од прилика два пати годишно. Тоа значи дека верзиите на написите кои се зачувани во неа се оние кои биле достапни на оригиналните веб-сајтови во моментот на „полнење“.  Написите кои биле објавени и исчезнати пред основањето на архивата во ноември 2012 година, или, пак, кои биле објавени и избришани меѓу две „полнења“ нема да бидат забележани во нејзината база на податоци.


Архивата на Интернет

Архивата на Интернет (Archive.org) е непрофитна дигитална библиотека чија мисија е „универзален пристап до сето знаење“. Таа обезбедува перманентно складирање и бесплатен јавен пристап до збирки дигитални материјали, како веб-сајтови, музика, филмови и скоро три милиони книги со истечени авторски права. Покрај архивската функција, таа е и активистичка организација која се залга за слободен и отворен Интернет.
Насловната страница на Архивата на Интернет (Internet Archive)
Насловната страница на Архивата на Интернет (Internet Archive)

Слично на Гугл, софтверот на Архивата наречен „Машина за си било еднаш“ (анг. Wayback Machine) од 1996 година има складирано неколку стотици милијарди веб-страници. Меѓу другите, архивира и страници од повеќето влијателни македонски медиуми. Но, за разлика од Гугл, овие снимени содржини не се пребарливи по клучни зборови, туку се достапни исклучиво со внесување на директната адреса на бараната страница.

Она што ја издвојува оваа „Машина“ од претходните алатки е дека таа дава можност да се видат сите снимени верзии на една иста страница, достапни по датуми.

Преку Archive.org може да се следи што сè имало на насловната страница на веб-сајтот на A1.com.mk низ годините.
Преку Archive.org може да се следи што се имало на насловната страница на веб-сајтот на A1.com.mk низ годините.

Ограничување: Дополнително интересно е што во случај на отворање на некоја од страниците, во некои случаи може да се користат и линковите во нив за да се дојде до други страници од истиот веб-сајт. Во некои случаи зачувани се и фотографии или може и да се активира код за анимации. Но, во општ случај, Архивата чува само содржини од типот текст (ХТМЛ) и вметнати слики, а не и видео прилози кои биле составен дел од даден текст. Така на пример, може да се прочитаат голем дел од вестите на А1 ТВ, но не во целост, бидејќи текстуалниот дел во многу случаи бил само краток вовед чија намена била да го наведе посетителот да го види видео-прилогот, а не целосен транскрипт.

Пример 1: „Топ 10 најчитани вести…“

Ниту еден од линковите во написот „Топ 10 најчитани вести на Курир за 2012 година“ не функционира. Во списокот се наведени написи со фотографии на осомничените за убиството кај Смилковско Езеро, преку преживеалиците на Боки 13, спортски контроверзи, промоција на проширен текст на „Излези момче“ или најава за затворање на Фејбук, при што како најчитана е посочена веста за „чудото“ во Св. Димитрија.
Ако се кликне на било кој од линковите, се добива страница со текст
„404 – Артиклот #[број на запис од база] не е пронајден“.
Типична страница со порака дека написот не е пронајден.
Типична страница со порака дека написот не е пронајден
.

Арно ама, за сите тие написи стојат зачувани копии на Archive.org (1, 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10) и тоа во по неколку „примероци“.

Пример 2: „Партиите со интернет загари…“

Снимка (копија) на избришан напис зачувана на archive.org.
Снимка (копија) на избришан напис зачувана на archive.org.
На 5 ноември 2010 година, Сител објави вест насловена „Партиите со интернет “загари“ наметнуваат мислење во просторот за коментари“, која обработува интересна тема на прилично балансиран начин. За жал, веста била отстранета и не се појавува во при користење на интерниот пребарувач од матичнот сајт. Ако насловот се внесе во пребарувачот Гугл, се добиваат траги од веста на Пинг, Тајм.мк, Дејли и на форумот Cotle.ca, од кои може да се дознае оригиналниот линк.

На оригиналниот линк се добива порака на англиски дека „страницата не е најдена“. Текстот не е зачуван во кешот на Гугл оти е поминато долго време, ниту, пак, бил снимен во архивата на Тајм.мк, оти бил избришан пред нејзиното формирање. Но, има зачувани копии на Archive.org. Притоа, не изгледа исто како на оригиналниот сајт, оти некои од мултимедијалните елементи не се собрани, меѓу другото и илустрацијата и форматирањето (CSS).

***

Кога има потреба да се најдат податоци кој некој би сакал да се исчезнати од интернет, најчесто се користи комбинација од разни методи на пребарување. Со оглед на тоа што голем дел од секојдневниот живот се одвива преку Интернет, оваа област на истражувачко новинарство ќе има сè поширока примена.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).