Блекаут

Showing posts with label Алан Форд. Show all posts
Showing posts with label Алан Форд. Show all posts

17 December 2007

Зошто Алан Форд е светски познат само у наше село?

Alan Ford - Tako je nastala grupa TNT i Filip StojanovskiКако надоврзување на текстот за тековната ситуација со Алан Форд, од Мечето Ушко добив едно прашање што постојано му се провлекува низ животот:
Што мислиш, зошто Алан Форд како италијанска продукција имаше огромна слава во скоро цела бивша YU (еве нас одредени фанови уште нè држи), осредна популарност во Италија, а речиси никаква забележителност во САД, иако знаеме каде се случува дејството на стрипот.
Веројатно се работи за геополитички причини. ;-)

Прво, локацијата на стрипот не е важна. Има дела кои се случуваат во минатото, па веројатно не би биле читани од луѓето чие време го опишуваат. Така и Њујорк од Алан Форд е повеќе гротескна метафора за урбаниот живот во главата на читателот, првенствено италијанскиот читател, кој има многу повеќе заеднички работи со бившо-југословенскиот колега отколку со оној од САД.

Во текстот на темата за присуството на Алан Форд само во Италија и бивша Југославија, со неуспешен обид за пробив во Франција, атрибуиран на Александар Зограф, се споменува дека бившо-Југословените во Канада, на чудење на локалните стриповски книжари, барале два таму непознати ликови: Алан Форд и Корто Малтезе. Но, не пишува зошто.

Оваа мистерија не ја разрешува ниту есејот за Алан Форд „Наивец во светот на злите“ од Томислав Османли, објавен во неговата книга „Стрип, запис со човечки лик“ кој заклучува дека:
Пораката што неутешно извира од црнохуморниот стрип за Алан Форд и компанијата е неумолливо едноставна: не е се така црно како што на прв поглед изгледа. Поцрно е.
Ми се чини дека ваквиот пристап баш и не бил погоден за пробив на американскиот пазар во седумдесеттите, кога стриповите воглавно ги сметале за детска работа (суперхерои), Крамб и сличните црнохуморџии работеле во длабок андерграунд, а почетокот на пробив на странски стрипови преку Хеви метал и мангата бил оддалечен барем една деценија. Од повеќе извори се стекнува впечаток дека по заминувањето на Магнус со 75 епизода (значи, некаде 1974), Бункер го држел серијалот на автопилот, без голем ентузијазам.

Можеби не се ни обиделе. Всушност, единствен пример за преведено италијанско „рото-романче“ за американски пазар што сум го видел се неколку специјални епизоди на Марти Мистерија, Дилан Дог и сл. што ги има издадено Дарк хорс комикс. И тоа со сосем друг имиџ од оној „за широки народни маси“ со кој се продаваа во бивша Југославија. При тоа, како и за мангата, мислам дека важна улога во создавањето на лојалност кон брендовите има и големиот број продолженија низ кои се впива атмосферата, што е тешко да се постигне во ненавикната средина, како гореопишаната.

Тековната ситуација со Алан Форд во Италија, Хрватска и Србија

Во Италија, Макс Бункер непречено ги објавува стриповите Алан Форд секој месец веќе 39 години. Последната епизода што ја имам видено е бр. 460 (Heil Hitler), во која на некој начин претставува омаж на бр. 19 (Trojica iz Yume) во која Боб, кој игра во претстава за Хитлер, повторно го насанкуваат неговите тројца браќа.

За разлика од епизодите помеѓу бр. 200 и 300, во кои се рециклираа едни те исти мотиви и здодевни финти, во најновите епизоди главна улога имаат Алан и извесна Минует, додека остатокот од групата се најчесто епизодисти.

Во основа приказните за нивните преживелици се менуваат со епизоди засновани на класични книжевни или драмски дела, или како специјални броеви или како прераскажување на учество во бродвејски драми организирани од Тобија Квантрил. Нови елементи се тоа што Минует има некои магиски способности (или ај да речеме јака хипноза) и што злосторствата се прилично крвави. Легендарната цвеќарница е јавно седиште на „Детективска агенција ТНТ“.

За октомври беше најавено и „предвремено“ излегување на епизодата бр. 500 како специјален број, која инаку би требало да излезе во февруари 2011 - што е интересен маркетиншки трик.


Овие епизоди ги црта Дарио Перуча (Dario Perucca), кој низ годините има развиено чист стил близок на зрелиот Магнус, кој на нашата публика познат од епизодата бр. 200 (Hik, hik, hura) - онаа во која ќе се открие дека Број 1 е жив и дека се криел поради заговорот на Велики Цезар.

По терк на Италија и хрватскиот Стрип-агент има плодна продукција низ неколку серии. Најновите епизоди одат преку серијалот „Екстра“, со бела позадина на насловните, а се издаваат и репринти на најстарите, почнувајќи од првата преку серијалот „Класик“, со жолта позадина - и тоа во мек и тврд повез. Имало и специјални броеви , а неодамна е почнато и издавање на некои избрани епизоди во колор, со малку поголем формат. Овие изгледаат прилично добро.

Со „белите“ се дојдени до 440 епизода (Tajanstvena žena), а со „жолтите“ до 57 (Skok u prazno) - скоро сите одлични и според финтите и според оригиналниот цртеж на Магнус, кој е со нешто појак туш. Овие изданија се достапни и во Босна и Херцеговина. Од оваа серија има излезено 17 епизоди, од кои шеснаесеттата е прераскажување на Моби Дик.

Како и во Италија, и во Хрватска повторно се објавуваат и Максмагнус, во тврд повез.

Во Србија, Колор прес груп има продолжено каде што распадот на Југославија ја прекина оригиналната серија на хрватски Вијесник. Изданијата од оваа серија се достапни и во Македонија еден месец подоцна. Последната епизода која е стигната е бр. 300 (Primamljiv poziv), која во Италија е првпат објавена во јуни 1994. Прилично е квалитетна и според цртежот на Перуча и според хуморот. Во неа конечно се разрешува мистеријата со Манџа, започната при крајот на осумдесетитите и не би требало да ја пропуштат некогашните колекционери. Тие исто така објавуваат и серија специјални броеви посветени на прераскажаните класици.

Цените на обична епизода во Италија се 2,5 евра, Хрватска 15 куни, Босна 3,7 марки, Србија 70 динари и Македонија 30 денари.

11 November 2006

Падот на комунизмот и Алан Форд во него

Вчера во Бугарија некои ја прославуваа годишнината од падот на комунизмот (10.11.1989). Луѓето си имаат и точен датум, оти кратко време по паѓањето на Берлинскиот ѕид, бил официјално симнат од власт Тодор Живков...

Коинцидентно, во трафика наидов на ново издание на десеттата епизода на Алан Форд - „Формули“ на српски (Magnus & Bunker, „Formule“, Alan Ford Special, br. 17, ISSN 1820-5178, оригинално објавена во јануари 1970 година) за која во поговорот пишува дека иако требало да се појави и кај нас (на хрватски) некаде на почетокот на седумдесеттите:
...заради скокотливата тема во која авторската двојка се зафркава со тогашниот СССР, владеењето на пролетеријатот и работничката класа, но и поради ликовното решение на главниот руски шпијун - Бруски (за кого тогашните издавачи утврдиле дека со ликот потсетува на Јосип Броз) оваа епизода на нашите простори се нема појавено сè до мај 1990 година. Тогаш, после падот на разноразни стеги и цензури, конечно се појавува во тробројот на „Вјесник“.

Во онаа бивша Југославија нејзиниот комунистички режим ни стрипот го немаше поштедено од цензура, па и тој како и книжевните и ликовните дела, филмските остварувања и уште многу други нешта, минуваше низ рацете на ткн. „цензорски комитети“ кои му ја кроеја судбината. Секако, цензурата не го заобиколи ни стрипот Алан Форд во кој беа преправани одделни кадри, се вршеле интервенции на цртежот, корекции во текстот, а дури се применувал и наједноставниот метод - исфрлање на цели страници или слики! Баш таква судбина ја снајде и оваа епизода...

Иронично е што овој стрип на Запад доживеал бојкоти поради исмејувањето на капиталистичкиот систем (особено власта и богатите) доживеал да го забранат и на Истокот, штом отровната стрела на Магнус и Бункер се насочила кон неприкосновените бољшевичко-пролетерски односи.
Не сум изненаден, оти цензурата не зависи од тоа дали системот е „лев“ или „десен“, туку дали општеството е отворено или склоно кон тоталитарност.

13 June 2006

Александар Македонски во Алан Форд

Најновиот број на Алан Форд („Tobija beži“, април 2006 г. Суперстрип бр. 35, 30 денари по македонските трафики, наслов на оригиналот „Tobia non ci sta“, епизода бр. 284, оригинално објавена во февруари 1993.) содржи и приказна на Број 1 за Александар Македонски.

Се работи за уште една голема победа во промоцијата на Македонија - барем во српскиот превод, Александар („taj nesposobnjaković koji je više voleo vino od žena“) не е наведен како Грк. ;-)
Стрипот добро го погодува и духот на Македонците: во приказната за скоро секоја активност, од избор на цели за напаѓање, преку опремување на војската, до изградбата на Александрија, е поврзана со земање мито и провизија.

Тема: историја.