Блекаут

Showing posts with label Википедија. Show all posts
Showing posts with label Википедија. Show all posts

28 September 2009

Енциклопедијата на МАНУ е плагијат на Википедија?!

(Забележете дека во овој пост воопшто не навлегувам во точноста на информациите изнесени во енциклопедијата на МАНУ оти таа и за мене е непрочитана книга.)

Дневник во саботата објави нешто сензационално: за некои од текстовите во контроверзната „Македонската енциклопедија“ објавена од МАНУ биле користени материјали од Википедија, без да се наведе изворот (мои италици).

Слободната енциклопедија „Википедија“, која може да ја испишува секој, била главен извор за спорните наводи во Македонската енциклопедија дека американските и британските офицери обучувале припадници на ОНА. Татјана Петрушевска, професорка по меѓународно јавно право и право на ЕУ на скопскиот Правен факултет, за „Дневник“ истакнува дека целта и' била да се даде ново видување за улогата на западните сили во конфликтот во 2001 година.

Потешки квалификации

- Наводот што предизвика најголеми бранувања е буквален цитат преземен од Википедија, кој на сајтот за ОНА стои со години и нема никакви интервенции во него. Дури ни во поглед на многу потешките квалификативи за ОНА како „терористичка, востаничка и герилска организација“. Намерата ми беше став, кој не е на линијата на западниот мејнстрим за улогата на западните сили во конфликтот од 2001, да биде внесен во изворно дело, кое понатаму во други, туѓи цитирања би било наведувано како извор. Зарем тоа не би требала, уште посилно, не би морала, да биде една од главните функции на првата Македонска енциклопедија - објаснува Петрушевска.

Таа истакнува дека сајтот не е цитиран во посочената литература од која е црпена содржината на спорната енциклопедиска одредница, но како извори се посочени текстови од дневниот печат. Тоа, истакнува, Петрушевска, не е недозволено во научни трудови, и се' зависи од фактот „која е посакуваната цел“. Освен неа, авторот на спорната одредница за ОНА е и нејзиниот колега, професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Во написот во весникот немаше линк, а јас го додадов до англиската верзија оти на македонската верзија не најдов таков напис. Делот што го истакнав со италик укажува дека не само што се прекршени условите на лиценцата под која се објавени содржините на Википедија (Криејтив комонс наведи извор сподели под исти услови 3.0), туку и праксата за пишување научни дела надвор од Македонија, каде што секој извор треба да се наведе како дел од редовната постапка. Во „белиот свет“, Википедија се прифаќа како корисна алатка за пребарување, но никако како авторитетен извор поради нејзината природа. Во најдобар случај се користи како место каде што може да се најдат линкови до референтни извори.

Еве и една корисна дефиниција од Википедија:

Plagiarism, as defined in the 1995 Random House Compact Unabridged Dictionary, is the "use or close imitation of the language and thoughts of another author and the representation of them as one's own original work."

Плагијат, според дефиницијата од (речникот) Рандом Хаус компакт анабриџд дикшнари од 1995 е „користење или блиска имитација на јазикот и мислите на друг автор и нивно претставување како свое оригинално дело.“

За прекршувањето на лиценцата Википедија може да ја тужи МАНУ. Ако не знаете англиски, може да ви се најде локализираната верзија на претходната верзија на лиценцата, односно договорот за неекслузивно пренесување на авторските права: Наведи извор-Сподели под исти услови верзија 2.5 Македонија.

Инаку, низ медиумското покривање за енциклопедијата на МАНУ се провлекува уште една интересна неточност - тоа не е прва македонска енциклопедија. Многу години пред неа МИ-АН и Семос, а мислам уште некои издавачи, имаа објавено енциклопедии за Македонија.

Исто така, не видов ни информации дали оваа енциклопедија било кога ќе биде објавена на интернет, оти за подготовката на содржините веќе имаме платено и заслужуваме да бидат бесплатно достапни во дигитална форма (без скоро никакви додатни трошоци, кои зависат од печатењето). Најавена е баснословна цена од 8000 денари по примерок. Како што коментира Зоран Андоновски од Нова Македонија:

Ако Енциклопедијата е правена со државни пари, таа треба да биде достапна на Интернет за да не се плаќа два пати за нешто за што ние граѓаните веќе сме дале пари. Она што е направено - финансирано од државата нема авторско право, а со нејзиното ставање на Интернет малку ќе се ублажи огромниот недостиг од електронски содржини на македонски.

Кој поединец или заедница ќе ја купи за да ја прелистува? И зошто таков и толкав том? Да не зборуваме дека корекциите на едно интернет-издание е многу поедноставно да се направат. Нели ќе беше нормално сето тоа да го ставеа и на цедеа или на дивидија?

Сигурно тој што мисли да ја користи Енциклопедијата има компјутер, а тој што нема компјутер сигурно нема да има пари за да ја купи. И што е всушност идејата зад едно вакво издание, да фаќа прав или да се користи и да биде секому достапна, што во ваква квазирепрезентативна форма не е можно.

Башка што дури и ако другите написи во енциклопедијата на МАНУ да се само преводи на англиската Википедија, ако се достапни ќе може да послужат за многу потребното надополнување на посиромашната Википедија на македонски, која википедијанците ја градат практично без реална поддршка на академскиот естаблишмент.

25 August 2009

Шпиц: Побугарчени преродбеници

Во денешниот број на весникот Шпиц на насловната страница излезе написот „Побугарчени преродбеници“ во кој се зборува за многуте содржини на Википедија со кои се застапуваат ставови на странски пропаганди.

Меѓу другите соговорници и јас дадов изјава во врска со функционирањето на Википедија, оти бројот на волонтери што придонесуваат со пишување е важен, а уште поважна е достапноста на научни содржини на интернет за тие луѓе да ги искористат како референци при аргументирање на своите, односно ставовите на својата заедница.

За жал, Македонија на обете полиња е во незавидна положба и ситуацијата се нема подобрено во последните две и пол години. Може да ја споредите со 2007 година, кога го објавив написот за консензуалната демократија на Википедија, во кој википедијанците ги споредив со „топовско месо“ оставено на цедило од официјалната научна и образовна заедница.

Само еден пример: Институтот за национална историја на РМ нема свој веб-сајт, а неговите изданија финансирани со народни пари не се достапни никаде на интернет.

01 November 2007

Википедија влегува во македонскиот мејнстрим

А1 објавиле дека Википедија влијае врз перцепцијата на статус за јавни личности, што веројатно ќе придонесе за дигање на свеста. Пријателката што ме извести за ова додаде:
„Сеа одма ќе видиш сите политичари ќе се изредат на вики.“
Јас уште на времето (март 2006) промовирав позитивен пристап во оваа насока: „Елена на Википедија (М2, кај сте?)“, арно ама не се сетија одговорните да поддржат.

Деновиве ми се интересни некои не-баш стандардни форми за користење на „вики“ во светот, како за оживување на „мртви“ јазици или промовирање на мали земји на англиски јазик, преку контролирана уредувачка политика.

22 June 2007

Википедија на македонски надмина 10.000 статии

Бројот на статии на Википедија на македонски јазик тукушто надмина 10.000! :-)

Со тоа, нашата википедија ќе се вброи меѓу википедиите од наредното ниво, со над десет илјади статии. Нек се множат и нек се шири знаењето.

14 May 2007

Како помина трибината за промоција на Македонија во светот преку е-содржини

tribina_wsa.jpgТимот на Метаморфозис го објави извештајот за трибината „Промоција на Македонија во светот преку е-содржини“ која се одржа минатиот петок.

Иако во функција на идните можности, како учеството натпреварот за Наградата на Светскиот самит, дискусијата воглавно се насочи кон минатите конкретни искуства на издавачите на дигитални изданија.

Она што ми беше особено интересно е нешто што го споменав и во долгиот напис за употребливост - на издавачите често им недостасуваат информации за сите аспекти на технологиите, па во голем број случаи ги прифаќаат решенијата понудени од техничките лица што ги најмуваат. Како резултат на тоа, репрезентативните изданија на ЦД-РОМ се непогодни за употреба на други оперативни системи освен Виндоуз, со што се намалува потенцијалната публика.
Дамјан Георгиевски забележа дека ако припадниците на византиската цивилизација и другите автори за кои дела зборуваат ЦД-ромовите ги користеле системи за заштита од „пиратство“ како денешниве, меѓу кои и ДРМ, современиве издавачи, вклучително и присутните, не би можеле да ги направат претставените ЦД-ромови.
Ова е исто така важен аспект. Како што Лоренс Лесиг наведува во неговото познато предавање за вовед во слободната култура (фала Би), денешните рестриктивни закони за авторски права обезбедуваат никој да не може на Дизни да му го направи она што Дизни им го направил на браќата Грим.

Од друга страна, македонските издавачи мораат да вложуваат големи иницијални суми во продукција или откуп на фотографии, а државните институции чија намена е заштита на културното наследство немаат архиви со такви материјали. Би додал, таквата архивска дејност не само што мора да се возобнови и систематизира, туку и материјалите мора да ги направат јавно достапни (оти работат со пари на граѓаните), под слободни лиценци. Тоа би бил најдобар придонес за сите идни проекти поврзани со претставување на нашето културно наследство.

Издавачите не покажаа спремност за користење на Википедија за промоција, без разлика на тоа што ако придонесат енциклопедиски единици тие страници потоа ќе мора да референцираат кон нивните сајтови, носејќи им свежа публика и потенцијални муштерии.

Трибината беше многу полезна за мапирање на точките на разидување во начинот на размислување на издавачите и компјутерџиите, оние кои живеат од продажба на авторски дела и оние кои се залагаат за слободна култура. Оти, тоа истовремено може да бидат и точки на поврзување, односно основа за наоѓање излез.

Да генерализирам и малку поопшто од трибината, барем во јавни истапи, пиратството сеуште се претставува како баук, а не како симптом на посуштински проблеми во системот. Има потреба од јакнење на јавната свест и ширење знаења за последиците и алтернативите од областа на авторските права и интелектуалната сопственост. Особено ми се чини дека има потреба за дополнително ширење знаења за поимот слободен софтвер во универзитетските средини, како и конкретни решенија од оваа област што би ги задоволиле потребите на сите заинтересирани за создавање и ширење знаење преку е-содржини.

19 February 2007

Кратка историја на енциклопедиите

  • 77 Римјанинот Плиние Постариот ја објавува својата „Историја на природата“ (Naturalis Historia) во 37 тома.
  • 1377 Тунискиот историчар Ибн Калдун ги поставува основите на научната мисла и здравиот скептицизам кон пишаниот збор (меѓу другите).
  • 1408 Довршена е енциклопедијата на кинескиот цар Јонгле од династијата Минг, најобемна до подемот на „Википедија“.
  • 1751-1780 Објавени се 35 тома на „Енциклопедија“ на француските енциклопедисти предводени од Денис Дидро, најважното дело на просветителството.
  • 1768–1771 Прво објавување на „Енциклопедија Британика“, најдолговечно такво издание на англиски јазик.
  • 1979 Даглас Адамс го објавува „Автостоперскиот водич низ галаксијата“, научнофантастичен роман за вселенска енциклопедија, пародија на „Енциклопедија галактика“ од „Фондацијата“ на Исак Асимов.
  • 1993 Врз основа на откупените содржини од неколку други енциклопедии, Мајкрософт ја објавува „Енкарта“, првата целосно дигитална енциклопедија - на ЦД-РОМ, без печатено издание.
  • 1996 „Енциклопедија Британика“, која во осумдесетите години проценувајќи дека продажбата на книги непречено ќе продолжи одбила понуда за соработка од „Мајкрософт“, е купена по драстично снижена цена од швајцарскиот милионер Жаки Сафра. Продажбата паднала откако „Мајкрософт“ја вклучил „Енкарта“ како бонус за купувачите на компјутери со „Виндоуз“ во 1995 г.
  • 2001-2007 „Википедија“ на англиски јазик, моментно има 1.636.804 статии. „Британика“ има околу 100.000, „Енкарта“ над 68.000.
  • 2003-2007 „Википедија“ на македонски јазик, моментно има 8.834 статии.

Консензуалната демократија на Википедија

Како и пред две недели, и овој текст објавен во „Неделно Време“ (број 988, 18.02.2007) на сајтот од весникот излезе без соодветно интегрирање на линковите, па го пренесувам на блогов во целост.

„Википедиите“ на разни јазици примаат околу 60 милиони посети дневно, од кои 55 отсто отпаѓаат на англиската верзија, проценува сервисот „Алекса“. Најзаслужни за ова се википедијанците, корисници на енциклопедијата што не само што ја читаат, туку и ја дополнуваат и уредуваат.

Иако „Википедија“ има поставено строги критериуми за објективност и научна издржаност на написите, дел википедијанци не секогаш ги почитуваат. Најголема замерка за овој огромен систем за ширење на знаење е недостатокот на филтрирање од страна на стручњаци од дадените области.

Некои автори, како антипод ги претставуваат научните списанија во кои постои ригорозен процес на рецензирање на написите од други научници – пред тие да се објават. Тие се значително поспори во пренесувањето на информациите, а дел од нив бараат читателите да им платат за пристап. Видни научници спас гледаат во реструктурирање на целото научно издаваштво врз принципите на отворен пристап. Тоа е и препорака на Европската комисија, врз основа на студијата од 2006 година.

Всушност, „Википедија“ не е непријател на научното издаваштво – како еден огромен, добронамерен Борг, таа настојува да го вклучи во себе сето знаење што е во јавна сопственост. Така, не само што како референца настојува да ги користи научните списанија со отворен пристап, туку и класични енциклопедии и други изданија штом за нив истекуваат авторските права (постари од 70 години). На пример, дел од написите се копија на „Енциклопедија Британика“ од 1911 година. Гледано долгорочно, ако ги преживее детските болести поврзани со несовршениот систем на одлучување, вики-концептот претставува иднината на ширењето знаења.

Јаки играчи

Најголеми губитници од подемот на „Википедија“ се комерцијалните енциклопедиски проекти кои го губат своето значење кај широката јавност. Во голема мерка ова се должи на тоа што тие самите ставаат пречки за пристап до нивните содржини поставени на интернет, како барање претплата, поради што самите ги бркаат корисниците во прегратките на слободната алтернатива. Во случајот на Македонија, ниту едно од енциклопедиските изданија објавени на локални јазици не е достапно во дигитална форма.

Непрофитната Фондација „Викимедија“, издавачот на „Википедија“, собира донации од обичните граѓани, но добива поддршка и од големи американски корпорации, како „Сан мајкросистемс“, еден од најголемите конкуренти на „Мајкрософт“ кој го поддржува и развојот на слободниот софтвер Опен офис. Се шушка и дека „Гугл“, уште еден конкурент на „Мајкрософт“, од 2005 година го има сменето својот алгоритам за да фаворизира пренасочување кон статиите од „Википедија“.

Од друга страна, општопознато е дека обичните луѓе, а особено независните издавачи како блогерите, едноставно се навикнати и сакаат да ја користат како референца, некои поради духот на спротивставување на авторитети, но повеќето поради квалитетот. Стручњакот за пребарување преку интернет и автор на „Најди!“, Петар Кајевски, на своите предавања посочува дека „Википедија“ е најдобриот избор кога се бара концизно објаснение или дефиниција на поим или концепт – подобар и од „Гугл“.


Енциклопедија

Од Гугл

Од Соуш’л митер

Од Мајкрософт

Википедија

1,560,000

8,378,155

1,584,754

Британика

146,000

165,191

67,104

Енкарта

8,680

32,372

84,724

Број на линкови (врски) од други веб-сајтови кон трите најпознати енциклопедии
на интернет на англиски јазик, како индикатор на влијанието.

Разликата е уште подрастична ако се споредат резултатите на „Соуш’л митер“, кој во своите пресметки го инкорпорира бројот на линкови од Гугл заедно со други пребарувачи и системи за следење линкови. Во случајот на „Википедија“, тој евидентира над 5,5 милиони линкови од блогови, регистрирани од „Технорати“.

Кои се македонските википедијанци?

Македонските википедијанци се занимаваат со две главни дејности: проширување на „Википедија“ на македонски јазик и дополнување или исправање на написите на написите поврзани со Македонија во англиското издание.

Со оглед на тоа што секој корисник на интернет има право и можност да ги врши овие дејности, не постои точна евиденција колку се македонските википедијанци – од 1251 регистриран член, постојано активни се околу 20 момци и девојки. Во потесна смисла на зборот, се работи за група граѓани кои дејствуваат и како администратори на македонската верзија, со право да интервенираат во случаи на злоупотреба.

Групата администратори, која работи и на организиран развој на македонска вики-заедница, е составена од седум млади мажи – претежно студенти, дипломец и постдипломец. Иако македонската википедија неформално ја користат и некои универзитетски професори, досега институционален интерес за неа и нејзино вклучување во наставата изразиле само неколку асистенти од Правниот факултет и Институтот за информатика при ПМФ.

Низ самоиницијативна активност, македонската „Википедија“ ја дополнува и Фондацијата Метаморфозис, чиј тим редовно локализира написи од областа на информатичкото општество и ја подига јавната свест за википедија преку месечниот е-билтен и настаните што ги организира.

Заради ниската вклученост на академската и стручната јавност во нејзиниот развој, „Википедија“ на македонски јазик има најниска стапка на раст во регионот. Споредбата на бројот на написите во мај 2006 и јануари 2007 година укажуваат дека балканско ниво на дното се википедиите на македонски (25%) и српски (26%) јазик.

Како одговор на овие поразителни податоци, авторот на блогот „Панта реи“ објави анализа што го споредува бројот на статиите со бројот на население.

Според оваа анализа, дури и јуначките напори на малиот број посветени википедијанци сепак доведуваат до пропорционално повисок развој на системот, што дава надеж дека проширувањето на заедницата може да доведе до силен отскок.

Наредниот собир на македонски википедијанци (Втората вики-средба) е закажан за 20 часот на 20 февруари во „Пјаца Либертас“, спроти гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Скопје.

„Топовско месо“ во борбата против пропагандите

И додека развојот на содржините на македонски јазик сепак оди по нагорна линија, ситуацијата со верзиите на светските јазици стои малку поинаку, особено на највлијателната, англиска верзија. Со оглед на тоа што во случај на спор се гласа со консензус или други форми на демократско одлучување, групите на интерес со поголем број членови имаат можности да влијаат на резултатите.

Тоа особено се однесува на ангажмани како постојано менување на содржините на дадени страници – верзиите на оние кои имаат повеќе луѓе на располагање и се поголеми инаетчии ќе бидат подолго време пред очите на читателите, дури и ако се неточни заради што на крај ќе бидат тргнати и заклучени од администраторите.

Милош Столиќ

Милош Столиќ, еден од најактивните македонски википедијанци и демонстратор на Институтот за информатика од Скопје, како голем успех го наведува тоа што успеале наместо „Македонски Словени“ (Macedonian Slavs) да наметнат користење на терминот „етнички Македонци“ (Macedonians (ethnicity)).

Според г. Столиќ, на почетокот, дури и самата „Википедија“ на македонски јазик била заземена од бугарски националистички пропагандисти, кои ја користеле за ширење на нивни вистини преку педесетина статии. Во почетокот на 2004 година основната група македонски википедијанци дале барање до Фондацијата „Викимедија“, со што покренале процес на аргументирано гласање, по што тие добиле администраторски привилегии и можеле да продолжат со развој на системот. (Во моментов се решава сличен спор за Црногорската википедија).

Иако секој корисник може да ги менува содржините на „Википедија“, едно од правилата е дека сите податоци мора да бидат поддржани со референци (фусноти) до независни научни извори. Недостатокот на македонски научни содржини на Интернет, особено на англиски јазик и на веб-сајтови со висока репутација доведува до тоа при било какви културни и историски спорови, македонските википедијанци всушност да се впуштаат во борба „без муниција“, истовремено трошејќи огромни количества од својата лична енергија.

За поголема афирмација на Македонија во светот преку „Википедија“, неопходно е македонските научници и стручњаци да објавуваат во странски научни списанија.

Доколку соодветни трудови не се објавени во научни списанија со светски глас, откритијата што во нашата јавност се претставуваат како епохални ќе останат непознати за светската наука, чија колективна меморија ја сочинуваат токму тие списанија.

На пример, тоа што на античката македонска гробница која г. Паско Кузман ја откри во тврдината во Охрид е претставена во туристичка репортажа на Јаху, или што веста за дешифрирањето на античкиот македонски јазик со Каменот од Розета од страна на проф. Тентов и проф. Бошевски ја пренесоа сите македонски медиуми нема повлијаено на присуството на овие наоди во научниот дискурс на светско ниво.

Дури откако стручни трудови на овие теми ќе може да се пронајдат преку специјализираните научни сервиси како „Гугл сколар“ и „Лајв академик срч“ ќе може да се зборува за нивно влијание надвор од рамките на нашата држава. А за да се случи тоа треба такви трудови прво да бидат објавени соодветно. Една алтернатива за тоа се научно-стручните списанијата со отворен пристап, како оние од Јавната научна библиотека.

12 February 2007

Загрозените конкуренти на Википедија

Википедија најчесто се споменува како антипод на Енциклопедија Британика. Но има и една друга енциклопедија, која пред сè излегува во дигитална форма (ЦД) и која го загуби приматот со подемот на слободниот проект.

Број на линкови (врски) од други веб-сајтови кон трите најпознати енциклопедии на интернет. Вредностите варираат и на кратки периоди.

Разликата е уште подрастична ако се споредат резултатите на „Соуш’л митер“, кој во своите пресметки го инкорпорира бројот на линкови од Гугл заедно со други пребарувачи и системи за следење линкови. Во случајот на Википедија, тој евидентира над 5,5 милиони линкови од блогови, регистрирани од Технорати.

30 January 2007

Не сме биле ептен вики-дунстери

Гуд бајтс го одржа зборот даден во коментар на постот „Википедија на македонски - последна на Балканот“ и понуди статистичка споредба поврзана со бројот на жители на одделна земја, која укажува дека ние не сме на крајот, туку на средината на долгата опашка на балканските вики-нации.

Некакви слични споредби правев и јас на времето, ама не земајќи го бројот на жителите на одделна земја, туку бројот на говорители на даден јазик. Википедиите на разни јазици се транснационални производи, во кои учествуваат и припадници на дијаспорите и слично. Особен пример е википедија на англиски, во која учествуваат луѓе од многу земји, не само оние во кои англискиот е официјален.

Како исполнување и на мојата најава, еве го и фајлот со податоците (зип, 6К) кои во два наврати ги собрав за бројот на написи на различни википедии.

24 January 2007

Википедија на македонски - последна на Балканот

Википедија на македонски е зад википедиите на околните јазици/култури и според степенот на раст, а и според апсолутната големина, . Ова го заклучив според податоците кои ги собрав од насловните страници на википедиите на 31.05.2006 г. и 24.01.2007.

Македонската и српската википедија, со 25 и 26% повеќе написи, пораснале најспоро. Тие се зад бугарската и словенечката (32 и 33%), босанската (43%), хрватската (59%), албанската (73%), грчката (75%) и турската (87%). За романската во мај сум пропуштил да земам мерка, па не беше вклучена во таа пресметка. Еве ги податоците:


31.05.2006 24.01.2007 Пораст
Македонски 6971 8693 25%
Српски 32732 41380 26%
Бугарски 26168 34454 32%
Словенечки 28817 38300 33%
Босански 8980 12833 43%
Хрватски 16985 26951 59%
Албански 7469 12926 73%
Грчки 10323 18110 75%
Турски 23482 43944 87%
Романски
53450