Блекаут

16 September 2015

Зошто има многу млади мажи меѓу бегалците од Сирија?

„Вратете ги нашите синови!“ - се сеќавате на протестите на мајките од Македонија кои не даваа нивните деца да бидат регрутирани во ЈНА за да ги водат војните на Милошевиќ?

Одамна беше, кон 1990 година, голем број на корисниците на Фејсбук од Македонија не беа ни родени тогаш. И не знаат што значи другар ти од маало да биде заглавен во Вуковар, на пример.

Прашајте се ако сте се родиле случајно во Сирија дали би сакале вие или вашиот син да биде регрутиран во армијата водена од диктаторот Асад, или пак да биде регрутиран од „Исламската држава“, или пак да биде регрутиран од некоја од десетиците други паравоените формации што владеат со делови од Сирија?

Една од теориите на заговор кои се дел од пропагандата против бегалците е дака меѓу нив има многу млади мажи на возраст која е најпогодна за воена служба, па спремаат некаква си инвазија.

И кога таквиот млад маж би бегал од присилна регрутација, дали би останал во бегалски камп во соседна земја која е на некој начин инволвирана во конфликтите, каде во најголем дел владее и локална диктатура и каде бегалските кампови се на дофат на горенаведените, или би се обидувал да отиде на побезбедно место..? Ми изгледа логично што одат во Западна Европа каде што животот не им е загрозен и имаат какви-такви шанси на други полиња.