Блекаут

13 June 2011

Филмови за протестирање и заташкани убиства

Предлог за неколку филмови што би биле интересни во контекст на протестите околу смртта на Мартин Нешковски и општите напори за демократизација на земјава преку разбивање на монополот на партиите и овозможување граѓаните да земат индивидуално учество во политичкиот живот.

Може да си ги гледате и на само, во друштво, а не би било лошо и да се видат на телевизија, може ќе поттикнат некоја сива мозочна клетка да проработи, што би рекол Поаро (лик на Агата Кристи)

Црвена прашина (Red Dust, 2004)



Хилари Свонк глуми адвокатка која од САД се враќа во Јужна Африка каде што зема учество во расчистување на случај на полициска злоупотреба на овластувања, односно мачење и убиство на противници на режимот во времето на апартхејдот. По воведувањето демократија во оваа земја се воведени Комисии за вистина и помирување, преку кои е спроведен процес на дознавање што всушност се случувало, заедно со доделување амнестии на злосторниците... Филмот добро го објаснува процесот кој веројатно би било добро да се спроведе во секоја земја после трауматични периоди, заедно со масовно психолошко советување/психијатриско лечење.

Ганди (Gandhi, 1982)



Кога го прочитавте насловот, веројатно прво ви текна на овој филм, кој често се прикажува кај нас. Бен Кингсли одлично го има одглумено Ганди, човек кој ненасилството го претворил во сила со која овозможил ослободување на својот народ, но не успеал да ја спречи неговата поделба по религиозна основа... За протестанти, поуката на овој филм е за истрајноста и дисциплината, како и важноста за добри односи со јавноста и особено, со самите новинари - од било која страна.

Малколм Екс (Malcolm X, 1992)



Дензел Вашингтон бриљира во улогата на еден од поконтроверзните водачи на движењето за човекови права во САД. Филмов исто така дава нагласок на дисциплината на која треба да бидат обврзани членовите на едно движење што има намера да предизвика промени во поларизирано општество.

Кои филмови вие би ги препорачале на вакви теми?

No comments: