Блекаут

15 July 2011

Црна пропаганда: Пример за градење омраза кон Сорос

На 11 јули, луѓето кои следат медиуми и социјални мрежи беа сведоци на дискусија поттикната од мини-кампањата за оцрнување на американскиот бизнисмен и филантроп Џорџ Сорос, спроведена преку неколку македонски медиуми. Беше пуштена вест базирана на две лаги:
  1. дека угледниот весник Вол Стрит Џурнал објавил вест за Сорос
  2. во пренесената содржина на „веста“ се тврдеше дека Сорос ја спонзорирал војната за Косово, бил поврзан со УЧК и сега за награда ќе добиел рудници да инвестира во нив.
Повторно први во разобличувањето на лагите беа твитерџиите. ЈанкоЛ објави твит со споредба меѓу написот во Дневник и оригиналниот текст кој е цитиран, за кој јасно се гледа дека не е објавен од весникот Вол Стрит Џурнал, туку е некој вид коментар од читателка (анг.) со српско име и презиме на нивниот форум.

Самите скандалозни тврдења од написите исто така не ми се веројатни, оти самиот Сорос не инвестира во земји во кои функционираат негови фондации кои се залагаат за принципите на отворено општество, наспроти насилство и воено профитерство. А ако човек од таков калибар бил на било кој начин вмешан во финансирање воени операции пред десетина години и повеќе, тоа ќе беше скандал од светски рамки и бруката одамна ќе беше пукната на повисоки нивоа.

Нејсе, јасно е дека се работи за дезинформација за домашна употреба во Македонија. Интересно е да се проследи како се ширела, оти луѓето обично кога ќе чујат нешто во медиум го земаат здраво за готово и ако ја видат генезата на ширење може да им биде појасно што помага да им се оформат нивните мислења. После некое време во јавни дискусии ќе се споменува дека да, тој и тој медиум објави тоа, како аргумент/референца.

Дезинформацијата прва ја објавила владината новинска агенција МИА. Новинските агенции функционираат како сервиси за дистрибуција на вести до други медиуми – нивни претплатници, како весници, телевизии и радија, и најчесто би требало да пренесуваат кратки известувања базирани на факти за настани покриени од нивни репортери. Ако немало зла намера, во случајов се работи за вест која нема поминато ни основна новинарска проверка на веродостојноста, бидејќи изедначува напис во весник (злоупотребувајќи го  кредибилитетот на тој бренд) со коментар од читател на форум.
diagram

Потоа, во текот на попладето на 11.07.2011 г., дезинформацијата ја пренеле неколку медиуми – дали по директива или затоа што дошла од агенција на која сметале дека треба да и веруваат, не можам да проценам, сами си знаат:
  • 13:35 МИА
  • 13.54 СИТЕЛ
  • 14.10 Курир
  • 15:06 Дневник он-лајн
  • 15:49 МТВ
  • ~ 17:00 Плус инфо – набрзо ја избришале, веројатно по второ читање или твитерџиските реакции виделе не ја бива
  • МТВ истото го презентира и во вечерните вести, а неколку телевизии ја имаат во кајрон за време на вестите – можеби сфатиле дека не ја бива или дека може да одговараат за клевета
  • 12 јули 2011 (утредента) веста не се појавува во печатените изданија на дневните весници
  • 11.30 МК фондови продолжува со пренесување на веста, а како автор е наведен Сител.
За секој медиум би морало да важи правилото секоја информација што ќе ја добијат да ја проверат со консултирање на два независни извори, да направат сè што е можно во рамките на нивните можности да се уверат во нејзината точност, пред да ја објават. Замислете новинарите да објавуваат како вести било што што ќе прочитаат и чујат, без проверка – на пример по блогови се вртат муабети дека високи партиски функционери се прикриени хомосексуалци кои пред јавноста настапуваат хомофобно за да се закамуфлираат, дека има големи провизии за некои споменици кои се перат преку нечии братучетки, дека се злоупотребуваат државни функции за лична корист… За некој да се нарече новинар и професионален медиум мора да исполнува одредени стандарди, поврзани со општествена улога за зачувување на демократијата.

Да претпоставиме дека немало зла намера. Е сега, не само што овие медиуми не ја провериле информацијата, ниту пак се обратиле до друг извор (освен МИА), не провериле на сајтот на Вол Стрит Џурнал (да видат дека не е напис туку коментар од корисник), ниту пак ја исполниле основната новинарската обврска да побараат одговор од лицата и институциите споменати во написот. Згора на тоа, во написите не е наведено дека МИА им била извор, туку останале непотпишани, со што всушност редакциите кажуваат дека тие се автори и одговорни за вестите.

Колку што знам, до сега ниту една од овие гореспоменатите фирми нема објавено извинување за споменатите лица и институции чиј углед го имаат (можеби несакајќи) нарушено, ниту пак извинување до читателите што им пренеле лаги.

И не се работи за тоа дали ќе се активира или не правна заштита од клевета и навреда, туку за односот кој медиумите го градат кон читателите. Клучни зборови: почит или потценување, вистина или недоверба.

No comments: