Блекаут

23 August 2011

Владата вика Даутовски, Синтезис и Анастазија се небитни за македонската музика

Со начинот на кој се води проектот за избор на „најдоброто од Македонија - музика“ владините институции испраќаат низа „сублиминални“ но и прилично очигледни пораки дека нивната визија за Македонија не е модерна мултиетничка демократија, туку стереотипизирана балканска моноетничка нација-држава со про-форма фингирано граѓанско учество.

Проектот помпезно го спроведува Агенцијата за млади и спорт во соработка со јавниот сервис МРТ и веројатно чини доста пари, оти опфаќа и голем број реклами по весници (на цела страница, со списоци на песните) и билборди/ситилајтови и слично.Со оглед на тоа што како дел од него ќе се издава и компилација од 3 ЦД-а, тука веројатно ќе се свртат и народни пари не само за печатење носачи на звук, туку и хонорари за сопствениците на авторските права, изведувачите итн.

Владата, преку изборот направен од Агенцијата за млади и спорт, ни порачува дека...
  • ...било што што е испеано на јазиците на немнозинските етнички заедници од Македонија од независноста навака не го бива. Во изборот не е влезена ниту една песна испеана на албански, влашки, српски, ромски, турски, босански или било кој друг локален јазик.

    Има една инструменталка со наслов на англиски Endless View од Бодан Арсовски. Арно ама, пораката е дека било што на јазиците на „народностите“ не чини - како да не постојат, па и како да нема редакции на тие јазици во МРТв... избришани од официјалната историја се не само забавните, туку и „народните“ (а гледаме по телевизиите дека имаме продукција, особено на албански и ромски) и детските песни, наспроти тоа што и пред и по независноста во Македонија имало еден тон детски фестивали кои биле  мултијазични (како Златно славејче на кој и Тоше пропеал за прв пат во 1992 г. - на влашки) и на само по еден јазик како албански (Нота фест), влашки итн.

  • ...турбофолкот е врвна државна вредност. Една од трите рамноправни категории е „Народна“, која е исполнета претежно со турбофолк - новокомпонирани песни кои користат по некој елемент од некој народен мелос. Една третина од „најдоброто од Македонија“ е турбофолк. Односно, една половина од „најдобрата“ музика за возрасни. (Аналогно со истоимениот ТВ-канал претенциозно наречен BOM - Best of Macedonia кој е скоро 100% посветен на турбофолкот.) Не најдов забележителна застапеност на нови изведби на изворни народни песни. Наспроти тоа, огромен дел од овие песни се со нескриени политички пораки, а некои звучат прилично иронично. Пример, третопласираната „Предавници и јунаци“ што ја пее Соња Тарчуловска: „со душманот ортак се фати, затоа Господ ќе ти плати“.

  • ...следните групи или музичари не заслужиле ниту да влезат во конкуренција за „историскиот“ избор кој наводно е направен според квалитетот и/или популарност:
    • Драган Даутовски.
    • Синтезис.
    • Анастазија, чиј албум со музиката од филмот „Пред дождот“ издаден од Полиграм беше вистински амбасадор на македонската култура во деведесеттите. 
    • Вања Лазарова, како и Љубојна, Баклава и други потазе групи кои прават фузија на традицијата и модерното.
    • Урбани рок-групи како Бернајс пропаганда, Беи д фиш, Ласт експедишн...  што ем се квалитетни ем популарни кај градската младина дома, а имаат успеси во регионот.
    • Било што од сцената за електронска музика („техно“) што процвета по независноста - премногу се да ги набројувам (ама како почетна референца може да ви послужат изданијата со компилациите на ПМГ и Трето уво), со исклучок на Џајковски.
    • Тавитјан (било кој од тројцата).
    • Било каква модерна „класична“ музика нема што да бара во овој „историски“ избор, на пример експерименталните мултимедијални дела на автори ценети во странство како Дуке Бојаџиев и Дарија Андовска, или пак изведбите на Симон Трпчевски. Според Владата, тие не се дел од историјата на македонската музика.
       
    • Иако „најдобро“ јас го подразбирам како „најквалитетно“, во интервјуто за Нова Македонија директорот на АМС тоа всушност го редефинирал како „најпопуларно“, и тоа според број на гледања на Јутјуб (!). И пак недоследно, мегапопуларните Ристо Бомбата и Кучешка тенија кои извршија клучно влијание на македонската забавна музика во раните деведесетти (не навлегувам какво), како и други иновативни имиња од тоа време, како Ена Веко, кои имаат неколкупати повеќе гледања на нивни песни од многу од кандидатите, не се во изборот.
    • Истото важи за ромските „народни“ исполнители како Ферус Мустафов, Агушеви, Кочани оркестар - популарни и во земјата и во странство.  

Иако идејата е во основа интересна, како и другите слични проекти на АМС и за овој изведбата носи повеќе штета отколку корист за Македонија.

(Со „успешниот“ проект за развој на навиваштвото во 2007 г. на Грција „на тацна“ и беше даден изговор дека РМ е прекршител на Привремената спогодба, бидејќи државен орган го користеше симболот кој државата се има обврзано да не го користи. Интересно е дека ниту една од песните создадени по нарачка на државата во тие проекти не влегла во тековниов избор за најдобри ни со врски - значи ни самата Агенција не смета дека направиле добра работа.)

Сообраќаен знак со забрана за Дон Кихот и ветерници, фото: Ли Валеј.


Ако организаторот навистина сакал да поттикне активно граѓанско учество и изборот да биде фер, транспарентен и отчетен, тогаш...
  • ...изборот мора да биде заснован на јасни и објавени критериуми - ако е тоа гледаност на Јутјуб, на пример, да биде објавена анализата на гледаноста, ако е друг вид на популарност, да се објасни како е измерена да видиме дека немало простор за манипулации и лични влијанија, да знаеме дека листата не е само копија на плејлистата од Винампот на некој назначен бирократ кој се амбицира дека од него почнува светот.

  • ...комисијата што ги одбирала првите 100 песни треба да биде јавно објавена и репрезентативна и стручно и општествено, да има развиени механизми за спречување на конфликт на интереси од било која природа - лични вкусови, партиски-митингашки/предизборно кампањски, клановски, роднински, пријателски, непријателски, корпорациско-телекомски и други спонзорски влијанија, како и на кој начин се спречени злоупотреби со гласањето на веб. Како е ова обезбедено нема ни збор на релевантните сајтови. Дополнително контроверзно е симболичното присуство со по една песна на автентични локални автори/изведувачи како Леб и сол, Мизар, Дани, Архангел, Суперхикс, Нулта позитив, Нокаут/Пере, Ѓорѓи Крстевски, Лозано... наспроти скоро целите познати опуси на разноразни вештачки популаризирани фаци што се избуткани на естрадата со разни видови протекции. На пример меѓу детските има кандидирани неколку песни од син на функционер на МРТв. Списокот на песни не дава можност да се видат кои се носителите на авторски права, да се детектира дали имало конфликт на интереси на ниво композитори, текстописци, аранжери, менаџери...

  • ...ако веќе бирократите од АМС не покажуваат познавање на сите значајни музичари, можноста за граѓаните да предложат песни има улога да обезбеди алиби као демек ова е демократски (како и да овозможи прелевање на уште повеќе пари од џебовите на граѓаните во чекмеџињата на мобилните оператори). Оваа можност требало да постои во подолг период пред да се објави почетната листа, со што почна и самото гласање. Оти вака, граѓаните предлагаат џабе, про форма. Нивните предлози се борат со оние владините кои имаат и фора да се објавени по весници и за кои веќе гласале голем број луѓе. Башка што секој предлог од граѓаните треба да биде одобрен од некој, а не е објаснето како Агенцијата обезбедила заштита од самоволие или некомпетентност во овој случај. На пример, со еден другар предложивме неколку песни за проба. Ниедна не беше прифатена. Една од тие што јас ги предложив беше од Brainless Genius - која не е многу позната во народњачките кругови, па одговорниот државен службеник можеби и не знаел дека таква група е дел од македонската култура.




Истиов пост е достапен и на Блогерај, каде што има плус коментари. Друго мислење на темава:

4 comments:

Васил Буралиев (Vasil Buraliev) said...

Ако изјавата на актуелниот директор на АМС е дека основен критериум е прегледите на youtube.com, тоа е хендикеп за многу музички дела, и уште поголем хендикеп за одлични музички секвенци што јас лично би сакал да бидат референцирани до мојата држава, а што не се објавени на youtube.com.
Ако ова е основен критериум, мислам дека изборот на иницијалните предлози е комплетно промашување и неможам да се сложам со тоа, како што верувам дека не би се сложиле ниту повеќето црногорци во случај кога црногорците по истиот модел на Агенцијата за спорт и млади тргне да реализира ист проект. Нивниот најпопуларен гастербајтер(Екрем Јевриќ) со неговиот прв хит има околу 9.5 милиони посети. Не верувам дека повеќето би се сложиле со овој модел за драфт листа со музички предлози.

Ако критериумите се најпопуларност според youtube.com мислам дека проектот/компилациите нема соодветен назив. Неговата семантичка вредност не кореспондира со изборот на музичките дела и критериумот по кој тие се одбрани.

Anonymous said...

Jas ne znam sto e cudno ova vo Makedonija,iako imame mnogu bogata muzika i folklor,otsekogas sme imale nekompetentni luge bez kriterium,sekogas protekciite bile na prvo mesto,eeee pa taka nikogas ne moze da ja unapredime muzikata i muzicki da ja afirmirame nasata zemja.

the pissed off said...

Вакви дебилни проекти треба да се забранат со закон. Сите што ги предлагаат и оние што ги одобруваат треба да одат во затвор. И во преамбулата на уставот да се стави: кој ќе прави проекти за најдобро ова и најдобро она, да гние во зандана.
Се знае дека некој шутрак таму му текнало да направи државен бест офф, само за да лапне пари за проектот од државата. Нормално некој квази патриотски шупак во АМС одма се залепил, и во духот на најпатриотско арчење, си ги поделиле парите од проектот.
Се друго е млатење празна слама. дали овој заслужил или не, и со што??? !!! глупости. Па уше сеа и дебата да водиме, да навијаме - за Врчак ли ќе биде или Ди Џеј Крмак.

Затоа мислам дека ти е утка текстов, иако веројатно намерата ти била добра, т.е. да ја прикажеш сета идиотштина на АМС

Anonymous said...

sve super, fala na info, ama pa Bei the fish li, ili last expedition, toa se bruki od bendovi