- македонски преку Блогерај: Фалквинге за роевите наспроти традиционални хиерархии. Видео од ре:публика
- English: Falkvinge on swarms vs traditional hierarchies. A re:publica video
Добри вести! Организаторите на конференцијата ре:публика (re:publica, #rp12) пред неколку дена ги објавиле снимките од дел од сесиите. Некои од нив се скапоцени, па планирам да ги препорачувам или да се повикувам на нив во соодветни контексти.
За почеток, погледнете ја презентацијата (на англиски) од Рик Фалквинге, основачот на Шведската пиратска партија, за нивните искуства при креирање активистичко движење засновано на структура на „рој“ (анг. swarm), поврзано со примена на принципите на слободен софтвер. Некои од неговите поуки се сосем спротивни на логиката користена од традиционалните хиерархиски организации, како класичните политички партии.
На пример, Фалквинге го спомена „правилото Три пирати“ - ако три члена се согласат дека треба нешто да се направи, не им треба дозвола од раководството на партијата да го сторат тоа, или да зборуваат во име на организацијата. Досега тоа правило не било злоупотребено ниту еднаш.
Всушност, партиските водачи на секое ниво служат повеќе како организатори на заедниците или „домари“, кои се грижат за логистиката, додека самите членови решаваат што да се прави врз основа на своите способности, во однапред договорените рамки. „Луѓето нема да се придружат на ројот ако не ја знаат неговата цел!“ Ројот мора да има неприкосновена цел, која аксиоматски ограничува и ја дефинира причината за постоењето. Така, се избегнуваат детските болести на другите движења кои мора да се справуваат со новите членови кои имаат нови идеи што треба другите да прават.
Рик Фалквинге ја објаснува важноста на забавувањето при градење заедници на конференцијата ре:публика во Берлин, 4 мај 2012. Фото: Филип Стојановски |
Пиратската партија има развиено софтвер за интерна и екстерна комуникација (комплет со соопштенија за печат, оти традиционалните медиуми се се уште важни). Планираат да го објават како слободен софтвер летово, со цел да помогнат и други активистички движења.
Го прашав Фалквинге дали таквиот софтвер, кој може да послужи и за следење на однесувањето на членовите и многу други работи, има некаква додадена вредност преку која помага организациите да станат подемократски, или пак може да биде злоупотребен од недемократски структури (за подобрување на нивната ефикасност). Тој одговори дека софтверот помага во израмнувањето на организациската хиерархија, односно во отстранувањето на растојанието меѓу избраните водачи, активистите, односно гласачите. Со тоа се создава страшен „демократизирачки ефект“ односно се гради меѓусебна доверба. Некој би можел да ги користи менаџерските функции на ваков систем „да поддржува диктатура“, но „тој не е изграден за тоа. Изграден е да им овозможи глас на сите, а диктатурите обично не го сакаат тоа, па нема ни многу да им биде од полза...“
1 comment:
Интересно размислување. Политиката се навраќа кон трибалното. Ова може да биде „третиот пат“ кој толку долго го чекаме во Македонија. Во секој случај решава многу проблеми со политиката каква што е денес.
Post a Comment