Блекаут

24 January 2012

Најбрзиот гитарист на светот

Џон Тејлор, најбрзиот гитарист
на светот во 2011 г.
„Најбрзиот гитарист на светот не е Еди Ван Хален, ниту Ингве Малмстин, ниту оној типон од Морбид Ејнџел…“ објаснуваат (на англиски) од „Вајерд“.

Најбрз гитарист на светот е Џон Тејлор (28), наставник по музика од Вестминстер, Колорадо, САД. Титулата се заснова на освојување на Гинисов рекорд, преку свирење на „Бумбаров лет“ од Николај Римски-Корсаков.

За да го собори рекордот, Тејлор се снимил пред сведоци и ја пратил снимката на жирито, чии членови ја пуштале забавено за да потврдат дека навистина свири како што треба. Човекот свири гитара од свои 13 години и за да го постигне рекордот посветувал по 1 час дневно на вежбање на „летот“.

11 January 2012

Македонија: Преглед на проекти за краудмапирање

Борис РистовскиБорис Ристовски објави преглед на македонските проекти што користат краудмапирање (crowdmapping) и ги замоли локалните корисници на Интернет да одговорат на неговата анкета, која е дел од истражувањето за магистерски труд.

09 January 2012

Триумфалната порта во Казахстан

На 16 декември 2011 година, на Дваесетгодишнината од независноста на Казахстан, претседателот Нарсултан Назарбајев ја отворил Триумфалната порта „Мангилик Ел“ во Астана. Наводно, Портата, подигната на иницијатива на претседателот и станала уште еден симбол на казахстанската независност.



Видеово е денес еден вид хит на Фејсбук, гледам многу луѓе од Македонија го споделуваат и коментираат.

За отворањето на слична градба во Македонија, неколку недели подоцна, има пишано Никола Гелевски на Окно.мк во текстот „Стаписани пред Триумфалната порта“*. Всушност официјално македонската верзија се вика „Порта Македонија“, иако според Сеад93 сепак кај народот е одомаќено името Триумфална капија.

Рефлексно крстење

Кога ќе се комбинира помодарство и суеверие (празно вршење на ритуални дејствија без духовна суштина – зар ако си верник треба поттик да ти биде географската местоположба, а не внатрешниот порив) се добива и земја во која „сите“ се „големи“ „верници“ натопена во криминал и лицимерие, во кои истите тие се соучесници. Па потоа –истите– демек се чудат зашто ни било неубаво.

Погорниов коментар го напишав откако го прочитав краткиот текст на Елена Јовановска од БезПардон.мк насловен „Автобусот не е ниту црква, ниту манастир“.
Веќе подолго време сум сведок на една појава која ми боде очи и која воопшто не ми е јасна. Се почесто ми се случува кога ќе поминам покрај црква, било пешки или во автобус, да видам некој во моја близина што се прекрстува и гледа накај црквата.

Прво тоа го правеа двајца – тројца. Потоа станаа повеќе. Прво беа млади. Сега почнаа тоа да го прават и стари. Да не е заразно? Или нешто се сменило, па старите почнале да учат од младите?

03 January 2012

Македонија во 2012 г.: Предизвикот на климатските промени

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Македонија во 2012 г.: Предизвикот на климатските промени
- English: Macedonia in 2012: The Challenge of Climate Change 


Во неволја сме. Т.е. Македонија е. Лошо ни се пишува ако не почнеме да анализираме, размислуваме и да ги прилагодиме нашите одлуки кон решавање на проблемите на кои укажува најновата студија на УНДП за проценка на економското влијание на климатските промени (Assessing the Economic Impact of Climate Change).


Според извештајот:

  • Енергијата ќе стане многу поскапа.
  • Ќе имаме помалку вода. Инвестициите во хидроелектрични централи ќе бидат безвредни.
  • Земјоделството исто така нема да вреди, оти ќе има сè помали приноси. Многу скоро очекуваните штети ќе ги надминат тековните приходи. 
  • Ние немаме аналитички капацитет = како општество и како држава, немаме поим за тоа што се случува. И не сакаме да знаеме.

Општината сече дрвја на кејот во Велес. Велешани велат дека
водостојот на Вардар никогаш не бил толку низок во декември (2011).

Нашите врвни политички лидери никогаш не зборуваат за проекции по наредните избори, а времето го користат на приватизација на природните и економски ресурси во полза на олигархиите по партиска и семејна линија. Нивните следбеници се маат со националистички фантазии за освојување соседни полиња или поделба на земјата по етничка основа преку војна или референдум - но никогаш не зборуваат за условите за живот во таквите политички ентитети. Веројатно се убедени дека со остварување на нивните политички цели, сè друго магично ќе се суреди. Гледање на големата слика, анализирање и планирање на децениско или генерациско ниво со цел подобрување на јавното добро, во Македонија е отсутно во XXI век исто како што било отсутно во XVIII.

Прочитајте го извештајот, ако не цел, барем главните заклучоци (Executive Summary).
Кои ви се приоритетите за нареднава година? Нареднава деценија?