Блекаут

29 October 2020

Декамерон: Што може да научиме од историјата за однесувањето на луѓето при епидемии?

Епидемиите може да имаат различни причинители, а историјата ни помага да сфатиме дека им е заедничко тоа што луѓето како колектив имаат одредени шаблони на однесување во такви ситуации. Затоа епидемиолозите не се занимаваат само со биолошките карактеристики на предизвикувачот, дали е бактерија или вирус, како функционора, од каде дошол... туку и со психолошките и социолошките феномени. И затоа може да дадат начелни препораки дури и кога не ги знаат сите информации. 

Џовани Бокачо, „Декамерон“ издание од 1988 г.
на Македонска книга/Мисла.


Погледнете го овој извадок од ,,Декамерон" од Џовани Бокачо во превод на Радмила Угринова Скаловска за црната чума која 1348 година ја зафатила Фиренца. 
(Би требало да сте ја читале за лектира во средно.) 

И во записот од пред скоро седумсто години ги имаме на увид сите типови човечко однсување кои и денес се проблем: журки, семејни собири, погреби, надрилекари, страв, бес, неразбраност, распад на системот... 


Бидејќи немале научно објаснение (тогаш немало модерна наука, денес има луѓе што ја одбиваат и се сведуваат на исто) луѓето се обидувале да си ја објаснат ситуацијата со магиски (хороскопски) или верски објасненија, по структура слични на денешните теории на заговор во кои причината е волја на некоја виша сила (во Средниот век) односно центар на моќ (денес). 

Дури и во такви услови, кога не се знае што точно е причината, сепак има простор за разумни одлуки, како карантин - одвојување на болните или потенцијално болните од здравите. Но и луѓе кои од разни причини се спротиставуваат на таквите основни здравствени мерки.

„Таа чума, појавена поради делувањето на небеските тела или поради нашите лоши дела, им ја испрати праведнииот гнев божји на смртните, за да ги поправи и започна неколку години порано во источните страни и покоси безбројни животи, па без запирање се ширеше од место до место кон запад и со себе носеше беда и смрт. И не помогнаа човечкиот разум ни наредбите, според кои службениците определени за тоа, го чистеа градот од секаква нечистотија, а беше забрането влегување во градот за секој што е болен, ни советите како да се дочува здравјето, ни многуте процесии и обреди, ни понизните молитви и вопли на побожните души.“  


Луѓето од тоа време не можеле да знаат ниту како болеста настанала ниту зашто се шири, требало да поминат уште 500-600 години за научници да ги осознаат концептите на микроорганизми, пренесување инфекции и методи за борба со нив. Ама како и денес, имало надрилекари кои се обидувале да профитираат од општата несреќа иако немале врска за што се работи.

„А таа болест никаков совет на лекар и никаков лек не можеше да ја излекува. Дури, или природата на болеста беше таква, или неумеењето на надрилекарите (а такви покрај учените се најдоа безброј, и жени и мажи што никогаш немале никаков поим за лекарската наука) не умееше да ја победи со згоден лек...“
Следејќи го здравиот разум дека ако не си во контакт со заразени нема да се заразиш, како и денес, дел од луѓето сметале дека разни форми на карантин се единствено решение, па прибегнувале на самоизолација. Арно ама имало и обратна појава, како нашиве денешни љубители на концерти, журки, кафани и семејни собири:

„Други  беа со спротивно мислење; тврдеа дека е најсигурен лек од тоа зло да се пие многу, да се ужива, да се скита низ градот, пеејќи и шегувајќи се, задоволувајќи си ја секоја желба, да се шегува и да се смее на се она што се случува. Па како што зборуваа, така и правеа секој според своите сили:  дење и ноќе, сега во една крчма, после во друга, пиеја без ред и мерка и го правеа сето тоа уште повеќе по туѓите куќи...“ 


Голем проблем било што поради огромната смртност не можело да се одржуваат традиционалните семјни и верски обичаи на групно бдеење и собирање нарикачи додека луѓето уште биле на умирање, а и погребите морало да прават со помал обем, со „не повеќе од десет или дваесет соседи“ а „мртовецот не го носеа во црквата што ја определил покојникот пред смртта, туку во најблиската“.  


...

Епидемијата на црна чума од XIV век убила меѓу една третина и една половина од населението на Европа, односно меѓу 70 и 200 милиони луѓе вкуно низ Азија, Европа и Африка. Причинител била бактерија Yersinia pestis која ја пренесувале болви кои ги пренесувале глодари и контакт меѓу заразените луѓе преку ситни капки што се издишуваат и вдишуваат. Постои и денес, ама за разлика од Средниот век имаме медицина засновна на наука и СЗО за коодринирање на меѓинародно ниво, па може да се излечи со антибиотици ако се реагира доволно брзо.

No comments: