Го глеам спотот „со девојките“ од кампањата за разоружување и секојпат останувам со знак прашалник.
Не се работи за идејата. Појдовната точка на авторите е сосем во ред. Во Македонија владее некој вид на сиромашка снобовштина, при што „модата“ односно „што е шемата“ навистина го диктираат однесувањето на голем број на луѓе. („Сноб - подгурљив назив за бескорисне људе који се у свему поводе са модом“ - дефиниција од Микијев алманах.) Секако, поради сиромаштијата (и економска и духовна), снобовштината во Македонија се сведува на избор на лого, локација и тип на локање.
Нејсе. Прават кампања и тоа за пари. За тоа има методологија. Прв чекор е одредување на целна група. За кого е наменет овој спот? За тринаесеттогодишни вуд-би снобчиња што не пипнале женско, кај кои што основна вредност е избор на шампон и бербер за оставање на прв впечаток? Дали такви кмичеа во рововите над Тетово? Зар крајната цел на „јунаците“ и „мачениците“ од кампањата за етничко чистење „Полог и липковско - 2001“ била да се допаднат на некои скопски моми што искачаат во Журнал? И другите спотови од кампањата се воглавно снимени во Скопје. Да не има склад за нелегално оружје под шанкот на КТК, побогу?
Зошто ниеден спот не прикажува некое село и благодетите што селаните би ги добиле со разоружувањето?
Прашање е и дали албанските националисти воопшто може да се поткупат?
Спотот заслужува и награда што во толку кратко време успеале да вклопат толку технички пропусти, од „глумата“ на втората девојка (бирани според стереотипот „убава и поинаква“?), до успехот да се уфрли и извади онолкав микрофон во толкацок кадар. Веројатно добиле малку пари, па не им се исплатело да се пресними сцената - може им снемало лента.
No comments:
Post a Comment