Блекаут

16 November 2009

Интернетот како македонско море

Следните изјави од двајца македонски политичари од нaчелно спротивставени опции укажуваат на потенцијал за постигнување нацеионален консензус околу едно прашање.

Претседателот Ѓорѓе Иванов
(2009):
„Денес морето не е вода, туку интернет и авиопревоз. Некој се обидувал Македонија да ја држи како Спарта, долги години тука имаше најскап интернет и најскап авиопревоз. Можноста Македонија да се развие, да има богати луѓе е само да има евтин интернет и евтин авиопревоз.“
Пратеникот Јани Макрадули (2006) преку запис на Волан:
„Интернетот ни е потребен како едно море; токму заради тоа што Македонија нема излез на море, мислиме дека Интернетот за нас претставува море и отворена можност за многу промени во економијата како и за нов економски развој во нашата земја.“
Освен за пристапувањето кон ЕУ и НАТО, едно од ретките прашање за кое и позицијата и опозицијата во Македонија имаат искажано недвосмислена декларативна поддршка е развојот на информатичко општество. Пример за ова е донесувањето на Националната стратегија за развој на информатичко општество (2005) чија изработка опфаќаше вклучување на сите заинтересирани страни и на сите нивоа.

Корисен текст за споредба: Bruce Sterling – Nets and Jets (Wired, 2008).

Инаку, срамота е што Скопје нема обезбедено јавен превоз до и од аеродромот, од причина рекет за таксисти. Кога тоа и го кажав на колешка од Романија, се зачуди што сеуште сме на тоа ниво на корупција, оти градот со пуштање на неколку автобуси да кружат може многу да заработи.

А од страна на корисниците, нели звучи бедно што патниците се приморани да плаќаат по 15-20 евра за такси во еден правец („официјална“ цена, без пријатели, зависи како ќе те пресечат ако те начекаат на излегување), во споредба со Берлин каде што цената на превоз од аеродром до центар е 2,1 евро, или макар со Барселона каде што чини 8 евра. Во Берлин автобуси до аеродромот Тегел се дел од редовна градска линија и одат буквално на секои 10 минути.


PS
Спарта не била баш изолирана, иако Атина била пофокусирана на инвестирање во поморството и имала најсилна флота. Спарта имала најсилна пешадија, но имала и флота и сојузници со флоти и на крај и победила во Пелопонеската војна.

1 comment:

tony said...
This comment has been removed by a blog administrator.