Блекаут

09 August 2012

Германија: Колку чини една бронзена скулптура на слободниот пазар?

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Германија: Колку чини една бронзена скулптура на слободниот пазар?
- English: Germany: What is the Free Market Price of a Bronze Sculpture?
- në gjuhën shqipe në portalb.mk: Në Maqedoni luanët më të shtrenjtë se kudo


Интересно е да се види цената на бронзени статуи во ситуирано пазарно стопанство, наспроти оние купени во услови на партиска контрола на државните средства за јавни набавки.

Пролетоска, во Берлин наидов на продавница за разно-разни уметнички и декоративни дела. Пред неа беа изложени неколку бронзени скулптури на животни - во природна  големина или нешто помали. Претпоставувам намената им е да украсуваат дворови или домови на побогати луѓе кои сакаат да се претстават како љубители на природата и уметноста.

Бронзени статуи на животни изложени на улица пред
продажна галерија во Берлин, Германија во мај 2012 г.

Скулптурата на мечка, со приближни димензии од 80 x 130 x 150 cm, чини 5.800 евра.

Шепа од статуа на мечка со цена.

Од аспект на тематика, мечкава може да се спореди со бронзените лавови од Скопје 2014. Тие се со сличен или помал уметнички квалитет и од прилика двојно поголеми. Тоа би значело дека за нив е потребно 4 пати повеќе бронза, оти треба да се пополни волумен во 3 димензии.

Четирите лава на мостот „Гоце Делчев“ државниот буџет наводно го чинеле 2,3 милиони евра. До душа, сосе постаменти, на кои се поставени квазиисториски рељефи од типот Аристотел го учи идниот апсолутистички владетел Александар, дека демократијата е основа на слободата, напишано со некоја чудна мешана азбука. Испаѓа дека еден лав е од прилика 570 илјади евра, сосе постамент. Дури и пресметковната цена на самиот лав да е... што знам... петтина од комплетот со постаментот, пак испаѓа дека за таквата скулптура се платени над сто илјади евра.

Не знам дали е споредливо, ама ако за да се излее иста мечка, само дупло поголема, би чинело 4 пати повеќе (~25.000 евра) - ако сметаме пропорционално со материјалот. Впрочем се работи за редимензионирање на истото дело за кое авторскиот хонорар е вклучен во основната цена, значи е помал или еднаков на неа минус цената на бронзата и леењето. Дури и зголемувањето на мечката да чини и 10 пати повеќе (60.000 евра) пак останува голем расчекор со цената на лавиштата. Можеби во таа цифра е разликата меѓу слободен пазар и стопанство кое е комбинација на социјалистичка договорна економија и феудализам.

1 comment:

Unknown said...

Ама...ама... ти употребуваш нормална, економска логика!!! Ииииии!!!!! Пресметуваш волумен!

Во чудесната земја Маќедонија, логиката, мистиката, ирационалноста и лоповлукот ги искривуваат нормалните закони на природата... Што е горе, е долу, и обратно. Тука владеат други природни закони...