Насловната страница на „Мики Маус“ бр. 1, март 1995. „Првпат на македонски“ [sic] |
Во 1995 година фирмата Астор од Скопје направи обид да го издава „Мики Маус“ на македонски јазик. Се работеше за стрип по концепт сличен на „Микијев забавник“. Вакви списанија под лиценца на данскиот издавачки гигант Егмонт и ден денес се објавуваат во низа европски земји, вклучително и Србија, Хрватска и Бугарија. За жал, во Македонија не преживеа повеќе од неколку броја, наспроти напорите на луѓето од Астор, Ванчо Зрнцев и Ѓорѓи Јачовски. Тие издаваа лиценцни верзии и на други светски познати брендови (PC World Macedonia) но и за стриповите и за другото изгледа ги „изеде“ недостатокот на соодветна публика.
Дел од првото стрипче, за Пајо, со импресумот. |
Се покажа дека тие пет години од распадот на бивша Југославија, а со тоа и на нејзината развиена издавачка индустрија (и периодика и книги) беа доволни да се уништи онаа минимална култура на читање која успеала да се развие во претходните неколку децении.* И за тоа не е виновен Интернет, туку недостатокот на волја на родителите да им читаат на децата или да читаат со децата, односно недостатокот на традиција на читање во семејствата. А тоа зависи од степенот на општа писменост и образование, подолготрајното опстојување на средна класа заинтересирана за одржување на такви институции и практики итн.
Се чини дека во времето на СФРЈ, Македонија не била многу значаен сегмент од заедничкиот издавачки пазар, инаку ќе имаше верзии од постоечките изданија и на македонски. А белградска „Политика“, барем во еден период „Политикин Забавник“ го печатеше во Скопје, во „Нова Македонија“. „Микијев“ го имаше и на словенечки - веројатно затоа што Словенците (иако нешто помалубројни од Македонците) повеќе читале, а со тоа и било економски оправдано да се печати и специјално за нив. Исто така не се сеќавам дека имаше стрипови на албански, иако бројот на Албанците вкупно во целата федерација беше значителен (над 2 милиони во осумдесеттите, т.е. 7,7% од населението на пописот од 1980, кога Македонците биле 6%).
Парадоксално е, ако се земе предвид колку националистите од разни бои се гордеат со „својата“ култура, да се види со колкава негрижа во последниве 20 години сите такви режими се однесувале со толку важна работа. Во суштина проблемот се сведува на грижа за развојот на децата. Во Македонија, издавачите-претприемачи се соочуваат и со нелојална конкуренција од разработени шеми на продажба изданија за деца преку државниот образовен систем - претплата која ја нудат наставниците, при што дел од приходот рекетарски се дели меѓу наставници, директори, монополистички издавачи. Дополнително, тука е предизвикот (без државна поддршка) да создадат култура на читање кај децата чии родители пораснале во единствено со „вредностите на турбофолкот“ како опција за животна филозофија.
* Според патеписот на Роберт Сент Џон кој ја посетил Македонија во 1946 година, околу 80% од населението биле неписмени.
No comments:
Post a Comment