Блекаут

31 May 2017

Рушењето на Скопје 2014 ќе отвори нови работни места

Некој сакал да владее мафија што нема да оди на робија.

Рушењето на #Скопје2014 ќе го поттикне туризмот, ќе овозможи нови приходи за државата и граѓаните, како и отворање нови работни места.

Германците до ден денес, скоро три децении по рушењето на Берлинскиот ѕид, продаваат негови парчиња како сувенири. Со сертификат за автентичност - и не се баш ефтини. 

Пресметајте колку само сувенири ќе се направат со материјалот од градбите кои ја симболизираат корупцијата и аздисаноста на режимот на Груевски! А сертификатите да ги потпишуваат токму лицата за кои ќе се докаже дека биле дел од коруптивната шема. Како дел од нивните затворски казни да се вработат во сувернирниците, со своја рака да ги даваат на муштериите. Парче стиропор чиј материјал не вреди ни денар, но со сертификат за автентичност потпишан лично од Груевски ќе може да се продава за мин. 10 евра - колекционерски примерок.

За преместување споменици, нека се направи референдум на ниво на држава. На гласачкото ливче нека се наредат сите споменици, со нивната цена на чинење, одржување и преместување. Секој граѓанин нека има можност да одбере под а, б, в (како на екстерно) дали сака споменикот да се уништи, да се пренесе во неговата општина (за Центар да останат кај што се) или пак да се пренесе во посебен парк како што имаат направено Унгарците. Тие најзабеганите споменици од комунизмот ги имаат ставено во ткн. Мементо парк, кој сега претставува една од туристичките атракции на Будимпешта. Еве на пример, во Пеленица, Дељадровце - таму ионака ги носат децата на екскурзии. Нека заживее руралната средина, ќе се направи инфраструктура да го прими напловот и на странски туристи.

Само прекинувањето на трошењето за одржување, поправки на фушерајот, ангажирање на СГС и слични фирми да ги чуваат, струја, вода, кмичење на костимирани млади лица, чистење измет од птици ќе ни заштеди стотици илјади евра од #нашитеПари годишно.

А најважно е, како што рече Југослав, симболичкиот аспект. Присуството на спомениците, како и незаконски направените графити со имиња на политички партии, создаваат впечаток на моќ на нивните автори. Скопје 2014 е симбол на моќта на ВМРО да прават што сакаат.

СДСМ и коалицијата мора да сфатат дека потценувањето на историското и симболичкото овозможи ВМРО-ДПМНЕ да го пополнат тој простор. Но не смее да ги имитираат и да се подлизуваат на нивните гласачи. Ако стварно сакаат да се смени нешто, и да спречат одлив на нови 5 милијарди евра од џебовите на нашите деца и внуци, рушењето на Скопје 2014 е прва превентивна мерка за спречување на враќањето на груевистите или некаква нивна копија.

Мора да се направи темелна ревизија и _сите_ градби за кои ќе се докаже и трошка корупција да се отстранат. Оти во спротивно се легитимира корупцијата. Да, ќе чини пари, но ќе платиме многу поскапа цена ако на финта АПП (ako prođe - prođe) се остави да тлее популизмот и евентуално да се врати.

Има многу начини да се заштеди. Градежните фирми за кои ќе се докаже дека биле вклучени во коруптивни зделки да може да го вратат дел од долгот во натура, преку обезбедување услуги за рушење на нивни трошок.

Важен е и аспектот на безбедноста. Колку од зградите се без технички прием, или на принцип АПП? Дали барокните фасади се запалливи? Во Баку, Азербеџан, каде исто така диктаторот „разубавува“ има многу пожари баш поради новите фасади. Дали во сите згради се почитувани правила за заштита? На пример тесната зграда врз паркчето до Бристол нема степеници, само лифтови. Како е предвидено да се симнуваат луѓето од горните катови во случај на пожар или земјотрес? Колку зградите изградени во заштитниот појас на Вардар и во неговото корито ја зголемуваат опасноста од поплави?

Наша должност како родители и старатели е да ја намалиме можноста нашите деца да ги тргаат нашите маки или да се изложени на уште поголеми ризици.

Ако се согласувате, споделете го постов и при тоа тагнете ги вашите френдови што се политичари, пратеници, јавни личности.

4 comments:

Makedonets said...

Sto be, uste ne si dovolno kasiral od SOROS pa uste treba?

Anonymous said...

Filipce Filipce , treba da se zasramis...

Anonymous said...

А што ќе му правиме на толку стиропор? :-)

Anonymous said...

Sorosokretenoid ��