Блекаут

21 May 2017

„Приказната на робинката“ (односно слугинката) од Маргарет Атвуд во Македонија



Дали знаевте дека на ХБО (HBO Makedonija) може да ја гледате телевизиската адаптација на „Приказната на робинката“* од Маргарет Атвуд**?

  Првата епизода е многу ветувачка. Се работи за еден вид десничарска утопија во која секој си го знае местото, а нема место за неистомисленици, ЛГБТ-луѓе и научници. Примарна улога на жените е да им служат на мажите и да раѓаат деца. Нешто како крајна фаза на груевизмот, откако би постигнале апсолутна власт. Особено интересен беше описот на претворањето на жртвите на системот во соучесници, преку канализирање на нивната негативна енергија (страв, омраза, фрустрации) со присилување да учествуваат во линчување на „непријатели“.



Сите досегашни епизоди ги има во видеотека. Препорачувам гледање во женско друштво и со разговор околу импликациите, особено за родители со ќерки.

Книгата е од 1985. a кај нас е преведена во 2016. Го немам прочитано македонскиот превод, ако сте го прочитале кажете дали е квалитетен.

Атвуд беше минатата година во Македонија, на Струшките вечери на поезијата, но ниту имаше најава што ќе овозможи поврзување со локалната заедница љубители на научна фантастика, ниту видов некаква јавна дискусија за поврзување на нејзиното најпознато дело со современиот македонски контекст...

За преводот на насловот

* Оригиналниот наслов е „Handmaiden's tale“. Зборот хендмејден е поблага форма на робинка, кај нас низ историјата почесто се преведувал како слугинка (слушкиња на српски) и се однесува на лице кое е како лична помошничка (personal assistant) на господарка. Не секогаш биле робинки, на пример во случај на кралици ваква улога вршеле благороднички - дворски дами. Во машка форма, на пример, во „Господар на прстените“ таква улога ја има Сем кон Фродо. Модерна алтернатива е дури и куќна помошничка.

Со оглед на тоа што зборот во делото на Атвуд е пренесен во библиска смисла, како референца на користење слугинки/робинки како сурогат мајки во ситуации кога господарката (првата жена на господарот) не може да роди деца, можеби преведувачите требало прво да видат како е преведено во Библијата на македонски. Таму зборот е „слугинка“.

Споредете со Стар завет, Прва книга Мојсеева (Битие), 16.3.: 
„И така, откако Аврам преседе десет години во земјата Хананска, Сара, жената Аврамова, ја зеде слугинката своја, Египтјанката Агара, и му ја даде на мажот свој Аврама за жена.“

No comments: