Блекаут

17 December 2007

Тековната ситуација со Алан Форд во Италија, Хрватска и Србија

Во Италија, Макс Бункер непречено ги објавува стриповите Алан Форд секој месец веќе 39 години. Последната епизода што ја имам видено е бр. 460 (Heil Hitler), во која на некој начин претставува омаж на бр. 19 (Trojica iz Yume) во која Боб, кој игра во претстава за Хитлер, повторно го насанкуваат неговите тројца браќа.

За разлика од епизодите помеѓу бр. 200 и 300, во кои се рециклираа едни те исти мотиви и здодевни финти, во најновите епизоди главна улога имаат Алан и извесна Минует, додека остатокот од групата се најчесто епизодисти.

Во основа приказните за нивните преживелици се менуваат со епизоди засновани на класични книжевни или драмски дела, или како специјални броеви или како прераскажување на учество во бродвејски драми организирани од Тобија Квантрил. Нови елементи се тоа што Минует има некои магиски способности (или ај да речеме јака хипноза) и што злосторствата се прилично крвави. Легендарната цвеќарница е јавно седиште на „Детективска агенција ТНТ“.

За октомври беше најавено и „предвремено“ излегување на епизодата бр. 500 како специјален број, која инаку би требало да излезе во февруари 2011 - што е интересен маркетиншки трик.


Овие епизоди ги црта Дарио Перуча (Dario Perucca), кој низ годините има развиено чист стил близок на зрелиот Магнус, кој на нашата публика познат од епизодата бр. 200 (Hik, hik, hura) - онаа во која ќе се открие дека Број 1 е жив и дека се криел поради заговорот на Велики Цезар.

По терк на Италија и хрватскиот Стрип-агент има плодна продукција низ неколку серии. Најновите епизоди одат преку серијалот „Екстра“, со бела позадина на насловните, а се издаваат и репринти на најстарите, почнувајќи од првата преку серијалот „Класик“, со жолта позадина - и тоа во мек и тврд повез. Имало и специјални броеви , а неодамна е почнато и издавање на некои избрани епизоди во колор, со малку поголем формат. Овие изгледаат прилично добро.

Со „белите“ се дојдени до 440 епизода (Tajanstvena žena), а со „жолтите“ до 57 (Skok u prazno) - скоро сите одлични и според финтите и според оригиналниот цртеж на Магнус, кој е со нешто појак туш. Овие изданија се достапни и во Босна и Херцеговина. Од оваа серија има излезено 17 епизоди, од кои шеснаесеттата е прераскажување на Моби Дик.

Како и во Италија, и во Хрватска повторно се објавуваат и Максмагнус, во тврд повез.

Во Србија, Колор прес груп има продолжено каде што распадот на Југославија ја прекина оригиналната серија на хрватски Вијесник. Изданијата од оваа серија се достапни и во Македонија еден месец подоцна. Последната епизода која е стигната е бр. 300 (Primamljiv poziv), која во Италија е првпат објавена во јуни 1994. Прилично е квалитетна и според цртежот на Перуча и според хуморот. Во неа конечно се разрешува мистеријата со Манџа, започната при крајот на осумдесетитите и не би требало да ја пропуштат некогашните колекционери. Тие исто така објавуваат и серија специјални броеви посветени на прераскажаните класици.

Цените на обична епизода во Италија се 2,5 евра, Хрватска 15 куни, Босна 3,7 марки, Србија 70 динари и Македонија 30 денари.

2 comments:

Мечето Ушко (во варијанта Зимски сон) said...

Филип,

Како Алан Форд Фан, одлично ти ги пратам сите написи за Алан Форд кои си ги имал до сега. Оваа анализа ти е одлично направена,се поклопува со моите сознанија и слободно ја вбројувам во новинарско истражување.

Негде таму до 1991 година значи до мои средношколски денови (матурирав 1993) ја имав таа можност да ги прочитам сите дотогаш излезени броеви на Алан Форд.

Едноставно уживав. Тогаш се појави во мојот живот неговото величество компјутерот и заедно со компјутерските игри полека го завзимаа местото на мојата стрипоманија од која ги расипав дома сите полици и фиоки (нормално од тежината на хартијата - стриповите).

Низ животов постојано ми се провлекува едно прашање и сакам да те прашам.

Што мислиш, зошто Алан Форд како италијанска продукција имаше огромна слава во скоро цела бивша YU (еве нас одредени фанови уште не држи), осредна популарност во Италија, а речиси никаква забележителност во САД, иако знаеме каде се случува дејството на стрипот.

Ми треба чисто онака твоето мислење.

П.С (Едно време епизодите на алан Форд идеа вака. Еден број реиздание од стари броеви, еден ново издание, еден број Џони Логан). Тоа нели во хрватска варијанта на продукција СУПЕРСТРИП. Постои ли уште тој Џони Логан.Дружината им беше ако не се лажам црни тигрови Немам информации.
Така ли се викаше? Да не го пoмешав со оној пејачон ирец Џони Логан. :)

Поздрав.

Развигор said...

За првиот дел напишав посебен пост, а за пост-скриптумот... Од Џони Логан се излезени само десетина епизоди (12?). Еве еден список на сите изданија на Суперстрип, мислам дека се исцрпно претставени. Вистина се викаа Црни тигрови. Тие беа некако како бледа копија на Алан Форд.

Имаше и еден хрватски стрип по сличен терк, Тимоти Тачер (2 епизоди). Автор на сценариото за него беше покојниот Ненад Брикси, оригиналниот преведувач на Алан Форд кој мислам дека е многу заслужен за успехот на серијата во бивша СФРЈ.

Ако се сеќаваш имаше и македонско издание на Алан Форд кое не беше многу успешно и згасна после десетина епизоди. Мислам дека во него преводот беше коректен, но му недостасуваше духот својствен на токму овој преведувач, кој веројатно го имаше надградено и подобрено и италијанскиот оригинал.