Блекаут

28 October 2006

Ерменија на прв поглед (по втор пат)

Ерменија веќе ја имам посетено во 2004 година и од тогаш до сега барем надворешно има елементи на напредок. Аеродромот тогаш беше во типичен „советски“ стил и со хаотичен прием на гостите - немаше ред, за да поминеш требаше да се буткаш, инаку ако си чекаш, ќе чекаш. Полицијата со огромни шапки воопшто не интервенираше.

Сега е заменет со нов терминал, со перфектен изглед, голем, мермерен, со сите матракуки како оние јажињана за застанување во ред, многу шалтери за вадење виза (на лице место - 30$) и со убави фотографии на кампања за ребрендирање на земјата, како и млад и симпатичен персонал кој следи што се случува и прашува да не треба нешто. Овој терминал бил само за влез, а градат и други, со цел да прераснат во транзитна точка до околните и далечни дестинации, наместо „слепо црево“.

Низ центарот на Ереван има многу повеќе продавници за облеки од дизајнерски конфекции, меѓу кои и од „Тера нова“. Иако повеќето мажи сеуште се облекуваат во црно, или во костуми или во подолги јакни, народот не изгледа тмурно дури и на облачново ноемвриско време.

Плоштадот на Републиката е огромен и опкружен со репрезентативни зданија.

Веројатно затоа што е сабота, низ центарот на Ереван во текот на пладнето ечеше од сирени на автомобили. Свадби. Изгледа имаат обичај да свртат по неколку кругчиња на главниот плоштад, како овие на фотографијава. Младенците се во белата лимузина, а во таа што вози пред нив низ отворениот покрив е проврен камерман кој ги снима...

No comments: