Блекаут

20 April 2011

Анкети со мноогу различни резултати: телефонски наспроти теренски

Една од актуелните дискусии што се води на Твитер е врз основа на прашањето од @banekoma:
#kakotoa 2 анкети со апсолутно различни резултати :)
1. Анкета: ВМРО – ДПМНЕ убедливо пред СДСМ [28% : 12%, Курир]
2. Анкета: ВМРО-ДПМНЕ 22% : СДСМ 20% [Прес 24]
#samovomk
Под претспоставка дека обете анкети се без штелувани бројки, сепак може да се добијат различни резултати поради тоа што едната е анкета е телефонска, другата е направена теренски.

Телефонските анкети се прават преку фиксна телефонска мрежа. Има општествени слоеви за кои плаќање на фиксна телефонска претплата е луксуз. На пример со појавата на релативно ефтини припејд мобилни опции, посиромашните граѓани на РМ масовно се откажуваа(т) од нивните фиксни броеви. Според извештајот на Кулен интернешнал од декември 2010 г. објавен на сајтот на АЕК, стапката на „раст“ на фиксна телефонија во Македонија била негативна. Во јануари 2005 г. имало 29,21 фиксни телефонски линии на 100 жители, а во јануари 2010 г. – 20,56, скоро една третина помалку.

Наводно, ова особено е присутно во поруралните средини. Така, анкетата што се базира на јавување на луѓето  на фиксен телефон не е доволно само да праша ист процент на населението како онаа со анкетари по куќи, туку би морала да содржи дополнителни механизми за да се обезбеди репрезентативност на примерокот  од населението што воопшто (веќе) не користи фиксна телефонија. Ако не го зеле тоа предвид, ќе имаат разлики од реалноста. И за претседателските избори имаше примери политичари кои повеќе се насочени кон руралното население да „изненадат“ со повеќе добиени гласови во однос на анкетите.

Второ, постои разлика и во комотноста при одговарањето – веројатно има прецизна психолошка формула како да се опушти испитаникот, ама мислам дека кога некому му се јавуваат дома по телефон тој е свесен дека некој може да ги поврзе неговите лични податоци (тел. број од кој може да се дојде и до име и презиме и адреса) со политичката определба и одговара повнимателно. Поради политизираноста на нашето општество и реалните влијанија на личната и семејната добросостојба, веројатно дел од идните гласачи би одбиле да одговорат, би се прогласиле за неопределени или би кажале нешто што сметаат дека ќе им користи во случај некој од кого се плашат да има увид во нивниот одговор.

За жал, на веб-сајтот на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања нема податоци за анкетата со објаснување на методологијата. Цитираниот Институт Димитрија Чуповски изгледа како воопшто да нема веб-сајт. Има некоја страница на Фејсбук со тоа име на која како е-пошта за контакт е посочена адреса на Џимејл, што не буди многу доверба. Било кој може да си отвори таква, за буквално 4 минути, што не придонесува за каузата на нивниот кредибилитет.

Во текот на истиот муабет @JankoL посочи пример на позната анкета во САД (анг.) што била утната баш поради нерепрезентативен примерок, иако бил опфатен огромен процент на населението.

No comments: