Блекаут

28 September 2012

Опасност од цензура преку новиот закон за навреда и клевета

Ја пренесувам реакцијата на Метаморфозис и препорачувам сите блогери, форумџии, твитерџии, фејсбукчии и интернетџии да го сторат истото за да се создаде јавна дебата, оти ако се усвои законот каков што е предложен, итекако ќе им влијае директно на животот. Властите реагираат на негативен PR, особено ако реакциите дојдат од многу страни и тие што реагираат не потклекнат под неминовните иницијални притисоци. Еден позитивен пример е недонесувањето на законот за младина во 2011.

Деловите од Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета кои се однесуваат на комуникација преку интернет може да доведат до целосно затворање за можностите за јавна дебата преку сајтови регистрирани во Македонија и преку поттикнување цензура го кршат Член 16 од Уставот на РМ, предупредува Метаморфозис, фондација за интернет и општество од Скопје.
Предлог-законот, кој моментално е на прво читање во Собранието, содржи и делови кои се однесуваат на работата на „провајдери на интернет-услуги“ при што како такви експлицитно се споменуваат портали, но самиот термин провајдер не е дефиниран прецизно па може да се однесува и на било кој друг вид онлајн услуга: обезбедување пристап воопшто, апликација за директен муабет меѓу корисници, форуми, агрегирање и пренасочување кон содржини, сервиси за водење блогови, особено оние кои дозволуваат коментирање од трети лица под постовите, итн.
Со оглед на досегашните искуства од примена на нејасно дефинирани поими во пракса, самиот судија ќе треба да одлучи дали „провајдер на интернет-услуги“, односно соучесник ќе го смета и блогер кој „дозволил“ на коментар под негов пост некој непознат да остави коментар кој е навредлив за трето лице, или пак да се појави линк кон некој друг блог или сајт кој евентуално содржи навреди или клевети за трето лице.
Основниот член кој се однесува на интернет е член 11, кој вели:
Одговорност на провајдерот на интернет-услуги
Член 11
(1) Провајдерот на интернет услуги превзема одговорност, заедно со авторот, за надоместување на штетата која произлегува од овозможување на пристап до навредливи или клеветнички информации.
(2) Провајдерот на интернет услуги не одговара за изнесена навреда или клевета како резултат на овозможување пристап до навредливи или клеветнички информации под услов доколу:
1) докаже дека авторот на информацијата објавена на веб порталот не дејствувал под директна или индиректна контрола или влијание од страна на провајдерот на интернет услугата, и
2) докаже дека не бил свесен ниту трeбал да биде свесен дека навредлив или клеветнички материјал е објавен на веб порталот, или, во рок од 24 часа откако станал свесен за навредливиот и клеветнички карактер на објавениот текст или информација, ги превзел сите технички и други мерки за отстранување на таквата информација. Барање за отстранување на информација може да поднесе и оштетеното лице.
Со оглед на тоа што секој провајдер на интернет-услуги, односно администратор на веб-сајт, има технички можности за контрола на сите содржини (во крајна линија форма на контрола е бришење односно отстранување на сајтот од веб) спротивно на принципот за презумпција на невиност, со овој член сопствениците се ставаат во ситуација да мора да ја докажуваат дека биле невини, наместо оној кој ги тужи да треба да понуди докази за нивната вина односно зла намера.

Законов ќе ги обврзе порталите да цензурираат содржини објавени од нивните корисници по барање на „оштетеното лице“, не по судски налог врз основа на докажан и осуден прекршок.   На пример, некој владин функционер може да биде навреден од изнесување докази за негова корупција. Ако провајдерот не може да докаже дека сторил сè да му го спаси угледот тогаш се соочува со иста одговорност за содржините како граѓанинот кој ги објавил.

Со оглед на тоа што се изложуваат на ризик да платат казни до 27.000 евра, многу е веројатно дека  провајдерите на интернет-услуги, за да не ризикуваат тужби ќе оневозможат објавување било какви содржини генерирани од корисниците или во најдобар случај ќе бришат сè за што ќе добијат барање. Во спротивно повторно се изложени на трошоци бидејќи ќе бидат приморани да вработат модератори (адвокати и проверувачи на факти) кои однапред ќе може да проценат за секој коментар дали е навредлив или клеветнички, како и барем по 3 администратори кои ќе бидат на располагање во три смени односо 24 часа 7 дена во неделата (и за време на викенди и државни празници) за навремено да одговорат на сите барања за бришење во рок од законски пропишаните 24 часа .

Можностите за арбитрарна злоупотреба кои би ги отворило донесувањето на ваков закон, преку поттикнување провајдерите на интернет-услуги од сите општествени сектори, а особено од приватниот и од граѓанското општество, да воведат процедури за цензура на содржините генерирани од нивните корисници, го ставаат во директна спротивност со основните принципи на слобода на говор и забраната на цензурата содржани во член 16 од Уставот на Република Македонија.
Член 16
Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање. Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
Цензурата е забранета.
Метаморфозис ги повикува пратениците во Собранието на РМ да го одбијат усвојувањето на законот во ваква форма. Донесување на законски решенија кои буквално може да влијаат на економскиот опстанок на било кој од корисниците на интернет-услуги, кои сочинуваат над 60% од населението во Македонија, заради искажано мислење на интернет и со кои буквално се наложува на е-издавачите да развијат механизми за цензура доколку не сакаат да бидат изложени на опасност од драконски парични казни се во целосна спротивност на основното човеково право на слобода на изразување и Уставот на РМ.

Поради комплексноста и сеопфатноста на последиците од усвојувањето на овој закон, Метаморфозис смета дека процесот на донесување мора да се изведе инклузивно и во согласност со Упатството за начинот на постапување во работата на министерствата за вклучување на засегнатите страни во постапката за изготвување закони усвоено со уредба на Владата на РМ (Сл. Весник на РМ бр. 150 од 27.10.2011 г.) и достапно на веб-локацијата на Вицепремиерот за економија, согласно правната рамка за Процена на влијанието на регулативата (ПВР), вклучително Кодексот за консултации со јавноста за време на подготвувањето на регулативата и Прирачникот за проценка на влијанието на регулативата, достапни на веб-локацијата на Министерството за информатичко општество и администрација.  Во тој процес мора да бидат вклучени сите засегнати страни, почнувајќи од провајдерите на интернет-услуги до самите граѓани-корисници на интернет-услуги, блогерите, активните корисници на социјални мрежи и читателите на медиумски портали кои го изразуваат своето мислење преку коментари, како и претставниците на приватниот, граѓанскиот и образовниот сектор, особено експертите за човекови права. За конструктивна проценка на ефектите од законот преку споредбени анализи со странство во процесот мора да бидат вклучени и релевантните меѓународни институции, првенствено Високиот претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите, како и меѓународните организации кои се занимаваат со заштита на слободата на говор.

Таквиот процес отсуствува во случајот на Предлог-законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој до моментот на објава на оваа реакција не е објавен на официјалните владини веб-локации: ЕНЕР – единствениот национален електронски регистар на прописи на РМ и порталот за модерни јавни расправи е-Демократија.мк. Доколку Владата на РМ и Собранието имаат намера овој закон да има позитивни последици по развојот на демократијата и подобрување на квалитетот на животот во Македонија законот мора да се повлече од собраниска процедура и процесот да се спроведе од почеток.

Метаморфозис ги повикува  сите општествени чинители, почнувајќи од индивидуалните граѓани, преку невладините организации, образовните и научните институции, приватните фирми, особено провајдерите на интернет-услуги, медиумите и е-издавачите, како и владините тела, особено оние задолжени за заштита на правата и слободите на граѓаните, активно да се вклучат во процесот на спречување на донесување на ова и било кое друго законско „решение“ кое нуди и најмала можност за загрозување на слободата на изразување во Република Македонија.

Метаморфозис ја упатува оваа реакција до надлежните институции на Република Македонија и  општата јавност, како и Високиот претставник за слобода на медиумите на ОБСЕ и до меѓународните организации кои работат на заштита на човекови права: ЕДРИ – Европски дигитални права, Амнести Интернешнал, Индекс он цензоршип, Хјуман рајтс воч и Репортери без граници.

No comments: