Блекаут

13 May 2006

Каде да се рола во Скопје

Повеќе авторитети, од сајтот „Гет ролинг“ до Сашко од Капиштец (10 години искуство), препорачуваат основните ролерски функции како стоење, движење, одржување рамнотежа на една нога и, најважната – запирање, прво да се извежбаат на некој празен паркинг.

Со оглед на тоа што градскиот парк е најчесто преполн со шетачи, препорачливата „зона за ролање“ во Скопје е кејот на левиот брег на реката Вардар, со поглед на питорескното корито и врбјаците од другата страна. Квалитетот на асфалтот во паркот исто така варира, а во „вториот дел“ е прилично лош (труцкав).

Патеката на кеј всушност се состои од две надоврзани патеки: „велосипедската“ е црна (мазен асфалт) започнува близу до кафеаната „Жабарот“ води до мостот кај хотелот „Александар Палас“, под којшто се спојува со „ролерската“ - црвена (уште помазен асфалт) којашто води скоро до мостот „Обединети нации“. Обете се осветлени навечер (црвената подобро) и на нив има луѓе до околу 21 часот.

Основен предизвик е да се стигне до патеката без автомобил: или треба да се рола од дома или да се носи ранец во кој би се пренесувале ролерките, односно редовните обувки.

Ранчето е згодна работа оти во него може да се стави и шишенце со вода (по патеката нема ниту една чешма) и преслека, а и ветровка за ако залади.

Симнувањето на патеката од насипот е дополнителна компликација: на обата краја има уздолници по кои пуштањето е незгодно. Онаа во Центар е со премногу труцкава калдрма, а во Карпош IV е престрмно и со прениска ограда. На ниедни од степениците што водат долу по насипот нема ограда за држење при симнување „странично“.

Претходно: Основна опрема | Следно: Брзини

No comments: