Блекаут

07 September 2008

Не забава, туку лов - на злосторник

Преведувачот или преведувачката на Канал 5 има направено грешка која е ептен без врска кога името на филмот „д’ Хантинг парти“ (The Hunting Party) го превел/а со „Забавата на Хант“.

Вистина дека едно од значењата на англискиот збор „парти“ е забава, но тој има и многу други значења, меѓу кои и друштво, дружина итн. Најсоодветниот превод во случајов е „Ловечка дружина“.

Овој термин кој се поклопува со две значења во овој научно-фантастичен политички трилер: се однесува на дисфункционалната група странци кои се тргнати во лов по воениот злосторник, како и на тоа дека тој често оди на лов со своите колеги по босанските шуми. Преведувачот Личноста што преведувала можеби бил заведена со тоа што еден од ликовите се вика Хант, но за да може да се преведе насловот како што е официјално преведен, оригиналот би требало да е „д’ Хантс парти“ (The Hunt's Party) - со саксонски генитив.

Тоа што во него игра за мене антипатичниот Ричард Гир автоматски му носи минус поени на било кој филм, но вкупната оценка за овој ми е многу поволна. Особено поради тоа што за разлика од повеќето западни гледања на Балканот и Источна Европа кои вклучуваат дупла доза идеологија и апологетска пропаганда, не забележав глупави јазички или културолошки грешки. Напротив, дури и кога Ричард Гир зборува на српски, тоа звучи сосем соодветно, како странец кој навистина го приучил јазикот со престој во земјата.

Сценаристите се труделе да бидат побалансирани во определување на одговорноста, иако сцената во која српските трупи по масакр во босанско гратче пуштаат странци и особено странски новинари да ги снимаат додека се перчат над труповите на убиени трудни жени и старци е сосем нереална.

1 comment:

Karakash said...

Преводите на филмови и серии (посебно Др.Хаус) на Канал 5 и онака се чиста смешка.