Блекаут

11 October 2010

Ајвародроми – решение за многу проблеми

Многубројните проблеми кои произлегуваат од прохибицијата за правење ајвар пред зграда може да се решат со инвестирање во инфраструктурни проекти под заштита на државата – ајвародроми.

Илегално правење ајвар во СкопјеНа народот му треба ајвар, а не сите може или сакаат да си купат „купечки“. За сега има прохибиција на децениската традиција за правење ајвар пред зграда, која во некои случаи како овој во Карпош II се продолжува на свој ризик и незадоволство на комшиите — кои за чудо, досега и по неколку викенди ги немаат накодошено осомничените.

Историјата на прохибициите покажува дека ако државата нешто им забранува на граѓаните, треба да им понуди компензација за можностите што ги пропуштаат и во најмала рака да им ги задоволи основните потреби. Во спротивно граѓаните ќе се обидуваат да го добијат тоа што им треба без оглед на законот. При тоа, слабеат институциите на системот, се овозможува вршење на други видови криминал. Класичен пример за оваа појава е забраната прохибицијата на алкохол во дваесеттите години на XX век и криминализацијата на лесните дроги во САД. Од друга страна, Талибанците во Авганистан успешно воведувале разни забрани оти нивниот режим обезбедувал поголемо ниво на физичка безбедност од алтернативите (потребите на граѓаните од претходно биле сведени на минимум).

Моментално, испаѓа дека директна полза од забраната за правење ајвари пред зградите имаат само фирмите што продаваат фабрички ајвар. Истовремено, меѓу обичните граѓаните расне незадоволството без разлика на тоа што новите прописи можеби се донесени според стандарди наменети за нивна заштита, од загадување со чад и пожари.

Незадоволството е дополнето и од тоа што државата вложува во многу градежни проекти кои остануваат недовршени или не се од директна полза за поголемиот дел од населението. Ако веќе треба да се гради нешто и со народни пари да се обезбеди работа за приватните градежни фирми, наместо тениски терени веројатно би било пополезно да се направат ајвародроми.

Ајвародром е простор кој треба да го има во секоја урбана месна заедница каде што се живее во згради, без куќни дворови. Тој се состои од поплочена бетонска или бекатонска површина со инфраструктура за заштита од пожар и уреди со што би им се овозможило законско правење ајвар на граѓаните. Граѓаните би требало да имаат можност да си донесат свое ќумбе и дрвја, или пак да ги изнајмат, односно купат, на самиот ајвародром. Така, освен задоволството на населението, секој ајвародром може да биде и извор на приход за локалната самоуправа, како и место за вработување на партиските војници и фирми – оти тој ќе треба да има рецепционер, лица одговорни за чување на клозетот, чистачи, како и да се најми подобна агенција за обезбедување…

No comments: