Блекаут

19 January 2006

Форумизација на блоговите од Македонија

Во текот на 2005 година забележав една појава за која условно ја нарекувам „форумизација на блоговите“ од Македонија, односно користење на блоговите како еден вид на „дисперзиран форум“ (© Јован). Блогерот игра улога на модератор: зачнува тема со својот пост, а потоа посетителите - меѓу кои и голем број блогери - даваат коментари, понекогаш водејќи обемни полемики.

Во тоа нема ништо лошо, само по себе, но е различно од праксата во светот, каде што голем дел од блогерите, особено оние најуспешните, ги користат своите блогови за да коментираат постови или написи, објавени на други блогови односно веб-сајтови. Ваквите коментари обично се состојат од:
  • кусо резиме/мислење на блогерот,
  • цитат и
  • (обврзно) линк до изворот.
Токму меѓусебното длабинско линкување (покрај блогролот) овозможи блоговите да се издигнат во нов и влијателен „бран на иднината“. Меѓусебните линкови влијаеја на зголемување на рангот на блоговите на Гугл, со што тие „испливуваа“ меѓу резултатите од пребарувањата. Едно време се зборуваше и за „блоговска бучава“ како проблем што овој пребарувач се обидува да го реши. Нејсе, Гугл го купи Блогер, блоговите се изборија за свое место под сонцето, а потоа беа забележани од македонската јавност.

Најголем дел од македонските блогови што се појавија во последниве година-две се интроспективни и служат за објавување на лични ставови, согледувања или литературни творби, со забележливо отсуство на длабински линкови до други блогови и веб-сајтови.

Сметам дека поголемото длабинско линкување не само што ќе доведе до ширење на видиците на самите блогери, туку ќе овозможи подигање на рангот на Гугл на целиот македонски веб* - што ќе значи поголема посетеност на тие веб-сајтови од страна на оние кои не ги знаат - особено на оние наменети за странци.


* Досега немам видено македонски веб-сајт (правен во или на тема Македонија) кој има поголем ранг од 6, а и таквите се бројат на прсти.

4 comments:

Darko156 said...

Како една од можните причини за ваквиот начин на толкување или прифаќање на блоговите мислам дека можам да ја посочам кампањата која свесно или несвесно ја прават блог.ком.мк

Тука пред се мислам на онаа емисија кога на Јанко гостин му беше Трендо и потоа сите мотивациски коментари кои ги упатуваше Јанко кон публиката. А, на мое разочарување Јанко нема врска од новиве медиуми, иако имав претходно различен впечаток.

Како и да е, се работи за период на експанзија кој мора да се случи, исто како што во светски рамки тоа се случи со појавата на blogger.

Ќе го преживееме

Anonymous said...

Има само една полоша работа (во контекстов) од тотален хаос на блоговите... а тоа е обид да се контролираат.

Just let it... со тек на време ќе си ги најдеш блоговите кои можеш да ги следиш и ќе знаеш кои не можеш да ги поднесеш.

Anonymous said...

подигање на рангот на Гугл на целиот македонски веб и зголемена посетеност на македонските сајтови посветени на странци?? тука го лоцирате клучниот приоритет на македонскиот веб? вие ова озбилно?

Развигор said...

Клучен приоритет за развој на македонскиот веб е зголемувањето на бројот и квалитетот на содржини (информации и услуги). Тоа е и дел од Националната стратегија за развој на информатичкото општество.

Подигање на видливоста (Гугл рангот)е составен дел на таа заложба, а пристапот на странците дополнителна придобивка.