Блекаут

05 October 2009

Исламофобијата наспроти реалноста

Пред некој ден Фајненш’л тајмс објави многу интересен напис за животот и интегрирањето на муслиманите во Франција (Immigrant Muslims in Belleville). На оние што знаат англиски би им препорачал да го прочитаат, а се надевам дека наскоро ќе го пренесе некој од весниците што објавува избор од странскиот печат или Окно, каде често има преводи на странски написи.

Во написот се презентирани факти и согледувања со кои директно се оспоруваат теории на заговор како онаа за Еурабија, кои во локални верско-етнички варијанти се присутни и кај нас, заедно со евроскептицизмот. Особено поучни се деловите за демографијата, на пример:

Париските демографи Јусуф Курбаж и Емануел Тод во нивната книга Рандеву на цивилизациите (Le Rendez-vous des Civilisations, 2007) покажуваат дека откако повеќето мажи во една земја се описменат, со време и мнозинството од жените се описменуваат, а тогаш драстично опаѓа стапката на раѓање. Оваа демографска транзиција веќе се има случено во сите муслимански земји. Според последните податоци Алжирките што живеат во Франција во просек имале по 2,57 деца, што е само малку повисоко од францускиот просек [кој е ептен близок до точно 2]. Исто така, стапката на раѓање кај жените од Северна Африка што живеат во Франција опаѓа уште од 1981 година.

Пред неколку години имав прилика лично да ја прашам тогашната директорка на нашиот Државен завод за статистика дали прават споредби на податоците за слични прашања кои се основа на разни предрасуди кај нас. Добив одговор дека тоа не го прават, но дека и до тогаш не им текнало да пробаат. А јас пак сеуште сметам дека само со релевантни и точни статистички податоци воопшто вреди да се прави муабет на тие теми...

Во некои земји (од ЕУ) не само што се прават детални анализи од самата држава, туку и самите основни податоци од пописите се достапни бесплатно за сите, за да можат да се користат за научни и други цели по желба или потреба на сите граѓани. Видете само какви најразлични вкрстувања може да се прави на европско ниво со статистиките на Еуростат.

PS
Името на гореспоменатата книга е одговор на Судирот на цивилизациите и преуредувањето на Светскиот поредок (The Clash of Civilizations and the Remaking of World Order , 1996) од Семјуел Хантингтон.

No comments: