Денес на панелот на Центарот за истражување и креирање политики кажав дека не се сеќавам дека во македонската историја имало случај да се смени нешто преку правење документи достапни до народот во нивната целосна и изворна форма, како што тоа го прават Викиликс. Низ дискусијата беа споменати неколку случаи на протекување, но сите беа на доставување до медиуми, кои потоа објавувале делови или можеби и цели. Подоцна дознав дека и Александро објавил негова топ листа на протекувања.
Не се согласувам дека овие случаи се споредливи со Викиликс. Денес ниеден од тие документи не е јавно достапен. Исто има разлика ако се каже достапен „на јавноста“, односна на една мала група новинари, наспроти до било кој заинтересиран. Второто нешто е овозможено токму со Интернет - и беше скоро невозможно претходно. Прво ќе наведам како ги сфаќам карактеристиките на Викиликс, а потоа да видиме кои наизглед слични случувања од Македонија ги задоволуваат критериумите.
- се објавуваат цели документи (освен прецртани лични податоци)
- документите/записите се достапни и за обичните граѓани, не само за медиумите
- за корисникот е лесно да дојде до копија од документите (Интернет)
- содржините укажуваат на корупција и други злоупотреби
- изворите се веројатно поединци, инсајдери од институциите кои ги контролираат тие документи
- изворите не бараат пари (колку што знаеме)
- посредник меѓу изворот и јавноста е невладина организација која промовира идеали
Еве ги случаите што досега беа споменати од Александро:
- Афера „Сина птица“ (1992) - политичка партија емитувала снимки направени од тајни служби
- Афера „Дувло“ (1992) - политичка партија вади документи - докази дека била прислушкувана од МВР
- Афера „Големото уво“ (2001) - политичка партија вади документи - докази за прислушкување од МВР. Дел од транскриптите мислам се појавија на веб, по форуми?
- Афера „Латас, српски шпијун“ (2010) - весник цитира документи од
странскитајни служби за државјанин на РМ. - Афера „Водство на ОНА/ДУИ, српски шпијуни“ (2010) - извори блиски до политички партии доставуваат фотокопии од наводни документи до медиуми и државни органи. Вториве ги прогласуваат за фалсификат.
На дискусијата Роберто Беличанец ги спомена и:
- Лични записи од висок воен старешина (1996?) за недостатоците на раководителите на касарните кои некој службеник му ги зел од фиока и ги предал на неделникот Фокус. По нивното објавување посочените како пијаници и србомани биле тргнати од одговорните позиции, а државата иако се заканила, не тужела.
- Документи за ТАТ од МВР објавени во весникот Дневник (1997).
Барем во првиот од овие случаи беше посочена клучната улога на информаторот (свиркач, позитивна тужибаба) што го прави сличен со Викиликс, но повторно во обата случаи немаме широка јавна достапност на оригиналите. Дури и ако биле објавени како факсимили или преписи во весниците, нема нивна копија на веб.
Беа споменати и „протекувања“ кои изгледаат дека не се направени не од поединци, туку од центри на моќ за дискредитација или рокади. Во последните година и пол за таа намена се користи Јутјуб, па демек не може да се дознае кој ги качил, нема ниту една судска разрешница или макар информација за резултати на истрага. Објавени беа претежно извадоци.
- Снимени телефонски разговори на директорот на пазарна инспекција и дискотеките
- Снимки од сведочења на/за судењата за воени злосторства во Хаг
- Афера „Надеж“ - извадоци од презентации или извештаи нарачани од претходниот претседател
- УЈП-ликс, мислам не на Јутјуб туку на Фејсбук - со објавување лични податоци
Кога сме кај тема дискредитација, мислам дека треба да се спомене и случајот на книгата „Крив правец“, за која се прошири глас дека е забранета заради споменување на политичари. Таа некаде околу 1997 година масовно се фотокопираше, особено „бесплатно“, од службеници по државни институции. Да се прогласи нешто за цензурирано или скоро испродадено е познат маркетиншки трик, недостапноста ја зголемува привлечноста.
За мене, има два случаи во кои дигиталната технологија е клучна, кои би биле невозможни без неа. И тие ги немаат повеќето горни карактеристики, но сепак...
- Пред 5-10 години се зборуваше дека на Автопазар за 100 денари може да се купи ЦД со именик со телефонски броеви, според една верзија наводно копиран од украден хард диск од телекомуникациски оператор. Ова е апла анти-викиликс стил, оти се работи за лични податоци на обични граѓани.
- Протекувањето енциклопедијата на МАНУ како е-книга (2009). Прво еден бивш премиер кажа дека фајлот со графичката подготовка кружи низ Скопје, го продаваа на ДВД шиткачи на пиратски дискови за 100 или 150 денари, потоа на веб осамна ПДФ во верзија од гига и кусур на линк проширен преку Фејсбук, па Вечер и Сител го промовираа линкот, па се појави и пооптимизирана верзија од околу 60 мега на некој ewarez.com.mk сајт што сега не работи, ама фајлот веројатно лесно се наоѓа по разни сервери... Во поглед на примена на технологијата 0ва веројатно беше случај наблизок до Викиликс, но повеќето алки во синџирот не ми личеше дека постапуваа од алтруистички побуди (шиткачите, медиумите). И ова протекување не смени нешто во аферата, тиквата веќе беше пукната од оние кои имале пристап до печатеното издание, само овозможи обичните граѓани да се уверат во точноста на обвинувањата за фушерај и тенденциозност и да се забавуваат со наоѓање пропусти за теми и области кои им се интересни. (Забелешка: за МАНУ е најдобро ако веќе прави енциклопедија да примени вики софтвер и јавен процес кој ќе биде многу поефикасен... Или едноставно да почнат соработка со Википедија на македонски...)
Треба да се спомене и случајот на Филип Петровски кој на својот блог/Скрибд кој во последниве неколку години има поставувано скенови од официјални документи, кои подоцна беа промовирани и преку Фејсбук. Мислам дека се работеше за документи од неговата (бивша) партија стари неколку години, во функција на давање историска перспектива на случувања во неа, неговата и улогата на други современи функционери, со импликации за тековните политички процеси.
No comments:
Post a Comment