Блекаут

29 August 2012

Македонија: Пожар во планините над Гостивар

Возејќи од Стража кон Гостивар, синоќа приквечер снимив пожар на врвот од една од планините што се гледаат десно од патот. Дали може да препознаете за која планина се работи, односно кое е селото веднаш под запалениот врв?

Ако кликнете на сликите ќе се отворат поголеми верзии. На сајтот на Дирекција за заштита и спасување нема свежи информации. Споредувајќи го Гугл мапс со вест од Макфакс, изгледа се работи за с. Лакавица.

Пожарот беше видлив од патот што се спушта од Стража.
Ова одмориште сосе ѓубрето е на делницата пред Церово.

Малку зумирано се гледа дека пожарот е на врвот непосредно над едно село.

15 August 2012

Протести против поскапувањата во Скопје и Битола

На 14 август 2012 година во Скопје и Битола беа одржани истовремени протести за укинување на одлуките на Регулаторната комисија за енергетика заради кои граѓаните на Македонија треба да плаќаат повеќе пари за струја, гориво и парно греење. Мото на мултиетничките протести беше извикот Аман! и на секој од нив се проценува (1, 2) дека учествуваа по околу 2000 луѓе. Учесниците изјавуваа дека ова е сериозна бројка за прв протест, организиран само преку Фејсбук и Твитер (#АМАН, претходно #струја), без поддршка на други структури и за време на летните одмори, кога голем број од населението е отсутно од овие градови.

Аман! Протест во Скопје - транспаренти, камери
На почетокот на протестот Аман! во Скопје, учесник зборува пред камери. Во позадина транспаренти со цитат од Кочо Рацин, на турски „Исклучи го телевизорот/вклучи го мозокот/исклучи го звукот/пушти глас!“ и  „Пази да не видат твоите дека твиташ на скапа струја!“
 Меѓу контроверзните одлуки на „независната“ комисија, чии членови ги има назначено семоќното мнозинство во Собранието се и укинувањето на периодот на поефтина струја во текот на работните денови и воведувањето обврска за плаќање еден вид арач по квадратен метар стан на скопска Топлификација дури и од луѓето кои немаат склучено или имаат раскинато договор  со нив. Еден од мотивите за поскапувањето е тоа што со зголемениот приход од ДДВ ќе се поднаполни државниот буџет кој постојано се празни преку разни преценети градби, фасади и споменици, како и за плати за пренатрупаната јавна администрација - 164 илјади службеници за 2 милиони жители.

(Додаток: Еден анонимен читател ми прати линк до сајтот на Собрание кој покажува дека актуелниот претседател на РКЕ, за кој Утрински весник вели дека е кадар на најголемата владеачка партија, е избран на 60 седница на Собранието од 15 јуни 2009 г., без расправа, со 56 гласа за, без против и без воздржани. Ме интересираше дали меѓу тие што гласале за имало и претставници на опозицијата, но ПДФ-документот со резултатите ми е нечитлив, има некоја грешка во конверзијата.)   

Аман! Протест во Скопје - луѓе чекорат по бул. Климент Охридски
Аман! - протест во Скопје,  чело на поворката на бул. Климент Охридски со транспаренти на македонски и албански јазик

Ден пред протестите, блогерот Кирил Ефремовски напиша:
Повеќето од нас знаат дека цената на електичната енергија е инпут во секоја економија. Зголемувањето на цената на истата повлекува низа поскапувања кои многу наскоро (во септември) ќе ги почуствуваме сите, а најмногу ќе страдаат оние со најниски примања. Дополнително, од денес ќе плаќаме и поскап бензин (за еден месец поскапе скоро 15%) чија цена нужно ќе предизвика дополнитени поскапувања. Дали ќе останете рамнодушни на сето она што веќе почнува да се чуствува? 
Истиот ден, беше најавено дека наскоро ќе поскапи и лебот, а и дека ќе има нови задолжувања.

До сега, немам чуено за одговор од властите на барањата од граѓаните. Официјално ги игнорираат, во комбинација со тактика до сега беше да ги темпираат поскапувањата во сред одмори и да пуштат пропагандна офанзива за одвлекување внимание со лустрацијата, или замајувања со споредби со други земји од нивните мегафони.

Организаторите најавуваат дека протестите ќе продолжат и наредниот вторник.

Во продолжение следат уште фотографии од протестот во Скопје и линкови кон други извори.

Аман! Протест во Скопје - подготовки од птичја перспектива
Народот се собира пред почетокот на протестот во подножјето на Триумфалната Капија и „под нозе“ на зградата на ЕВН

Аман! Протест во Скопје - транспаренти, ГТЦ
Транспаренти: на албански „Исклучи го телевизорот, вклучи го мозокот...“ и „Доста е! Аман!“, а и на македонски, плус „Парите не се проблем/Пари нема!“... „Струјата моли/не пали ме/ќе те боли!“.

Аман! Протест во Скопје - плоштад
Поглед од под триумфалната капија Порта Македонија

Аман! Протест во Скопје
Придвижување кон оближниот влез на зградата во која е сместена Регулаторната комисија за енергетика.

Аман! Протест во Скопје
Чукање на портите на Регулаторна.

Аман! Протест во Скопје - реклама
Поворката поминува покрај реклама со натпис „Воздржи се ако можеш“
Аман! Протест во Скопје - улица
Народот оди по бул. Димитрије Чуповски

Аман! Протест во Скопје
Поворката се движи по бул. Климент Охридски кон Владата.

Аман! Протест во Скопје - леток
Леток за протестот закачен на излог на пропадната аптека на бул. Климент Охридски. Налепниците известуваат дека локалот се издава и дека претходно аптеката соработувала со државниот Фонд за здравство.


Аман! Протест во Скопје - Илинденска б.б.
Раскрсницата пред Влада. Дел од поворката е преминат на бул. Илинден...

Аман! Протест во Скопје
...додека останатите се на бул. Климент Охридски.
Аман! Протест во Скопје - Влада
Поминување пред Влада. Наскоро фасадата ќе била заменета со барокна.


Линкови (ако знаете и за други, особено на блогови и други јавни веб-сервиси, додадете линк во коментар или со линкбек кон овој пост)

09 August 2012

Германија: Колку чини една бронзена скулптура на слободниот пазар?

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Германија: Колку чини една бронзена скулптура на слободниот пазар?
- English: Germany: What is the Free Market Price of a Bronze Sculpture?
- në gjuhën shqipe në portalb.mk: Në Maqedoni luanët më të shtrenjtë se kudo


Интересно е да се види цената на бронзени статуи во ситуирано пазарно стопанство, наспроти оние купени во услови на партиска контрола на државните средства за јавни набавки.

Пролетоска, во Берлин наидов на продавница за разно-разни уметнички и декоративни дела. Пред неа беа изложени неколку бронзени скулптури на животни - во природна  големина или нешто помали. Претпоставувам намената им е да украсуваат дворови или домови на побогати луѓе кои сакаат да се претстават како љубители на природата и уметноста.

Бронзени статуи на животни изложени на улица пред
продажна галерија во Берлин, Германија во мај 2012 г.

Скулптурата на мечка, со приближни димензии од 80 x 130 x 150 cm, чини 5.800 евра.

Шепа од статуа на мечка со цена.

Од аспект на тематика, мечкава може да се спореди со бронзените лавови од Скопје 2014. Тие се со сличен или помал уметнички квалитет и од прилика двојно поголеми. Тоа би значело дека за нив е потребно 4 пати повеќе бронза, оти треба да се пополни волумен во 3 димензии.

Четирите лава на мостот „Гоце Делчев“ државниот буџет наводно го чинеле 2,3 милиони евра. До душа, сосе постаменти, на кои се поставени квазиисториски рељефи од типот Аристотел го учи идниот апсолутистички владетел Александар, дека демократијата е основа на слободата, напишано со некоја чудна мешана азбука. Испаѓа дека еден лав е од прилика 570 илјади евра, сосе постамент. Дури и пресметковната цена на самиот лав да е... што знам... петтина од комплетот со постаментот, пак испаѓа дека за таквата скулптура се платени над сто илјади евра.

Не знам дали е споредливо, ама ако за да се излее иста мечка, само дупло поголема, би чинело 4 пати повеќе (~25.000 евра) - ако сметаме пропорционално со материјалот. Впрочем се работи за редимензионирање на истото дело за кое авторскиот хонорар е вклучен во основната цена, значи е помал или еднаков на неа минус цената на бронзата и леењето. Дури и зголемувањето на мечката да чини и 10 пати повеќе (60.000 евра) пак останува голем расчекор со цената на лавиштата. Можеби во таа цифра е разликата меѓу слободен пазар и стопанство кое е комбинација на социјалистичка договорна економија и феудализам.

19 June 2012

Парадоксални свадбарски песни

Свадбите се поврзани со радост, градење заедница, меѓусебна доверба, плодност, среќна иднина... Парадоксално е што содржината на песните одбрана од врвните свадбарски бендови како дел од нивниот репертоар е на сосем спротивни теми.

На пример, дел од изборот на песни од „забавниот“ дел што го имам слушано по свадби во Македонија последниве неколку години... свирени во весел аранжман:
  • Suspicious Minds (Elvis Presley) - закана од раскинување поради параноична сомничавост
  • I will Survive (Gloria Gaynor) - тешење сама себеси по раскинување
  • Billy Jean (Michael Jackson) - типот нејќе да признае дека бебето на трудната Били Џин е негово
  • Hit the road, Jack (во стил на Ray Charles) - жената го брка мажот/дечкото што не го бива
  • (I can't get no) Satisfaction (Rolling Stones) - незадоволство поради комерцијализмот и сексуалните фрустрации
  • Đurđevdan (Bijelo Dugme) - жалење за изгубена љубов: „а ја нисам с оном коју волим“ (оваа се свири во „народниот“ дел, со ора)
  • A i ti me iznevjeri (Bijelo Dugme) - прељуба, па депресија
  • Kafana je moja istina (Toma Zdravkovic) - мажот алкохоличар се правда, бара прошка
  • Dajte vina hocu lom (Harid Džinović) - лечење депресија со алкохолизам: „nek' sviraju nek' me razbole, kad me njene oci ne vole“.
Среќа, не се сите такви, на пример застапена е и Celebration (Kool and the Gang), која е ем забавна ем весела во сите свои аспекти. Но би било интересно да се испита кој е критериумот за избор на песни од страна на бендовите - веројатно мелодијата и ритамот. Веројатно важен фактор е дали публиката го разбира или мисли на текстот.

Не дека во рамки на секој ритуал нема простор и за невеселите аспекти на животот, на пример, порано свадбите почнуваа и со народната „Черешна се од корен корнеше“, која во стил на словенска антитеза се обраќа на тажните чувства на невестата која се разделува од мајка си, ама во контекст на најава на понатамошната веселба поради новиот стил на живот. Но тоа е веројатно премногу експлицитно на оваа денешница.

31 May 2012

Фалквинге за роевите наспроти традиционални хиерархии. Видео од ре:публика

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Фалквинге за роевите наспроти традиционални хиерархии. Видео од ре:публика
- English: Falkvinge on swarms vs traditional hierarchies. A re:publica video

 
Добри вести! Организаторите на конференцијата ре:публика (re:publica, #rp12) пред неколку дена ги објавиле снимките од дел од сесиите. Некои од нив се скапоцени, па планирам да ги препорачувам или да се повикувам на нив во соодветни контексти.

За почеток, погледнете ја презентацијата (на англиски) од Рик Фалквинге, основачот на Шведската пиратска партија, за нивните искуства при креирање активистичко движење засновано на структура на „рој“ (анг. swarm), поврзано со примена на принципите на слободен софтвер. Некои од неговите поуки се сосем спротивни на логиката користена од традиционалните хиерархиски организации, како класичните политички партии.



На пример, Фалквинге го спомена „правилото Три пирати“ - ако три члена се согласат дека треба нешто да се направи, не им треба дозвола од раководството на партијата да го сторат тоа, или да зборуваат во име на организацијата. Досега тоа правило не било злоупотребено ниту еднаш.

Всушност, партиските водачи на секое ниво служат повеќе како организатори на заедниците или „домари“, кои се грижат за логистиката, додека самите членови решаваат што да се прави врз основа на своите способности, во однапред договорените рамки. „Луѓето нема да се придружат на ројот ако не ја знаат неговата цел!“ Ројот мора да има неприкосновена цел, која аксиоматски ограничува и ја дефинира причината за постоењето. Така, се избегнуваат детските болести на другите движења кои мора да се справуваат со новите членови кои имаат нови идеи што треба другите да прават.

Рик Фалквинге ја објаснува важноста на забавувањето на ре:публика 2012 во Берлин
Рик Фалквинге ја објаснува важноста на забавувањето при градење заедници
на конференцијата ре:публика во Берлин, 4 мај 2012. Фото: Филип Стојановски

Пиратската партија има развиено софтвер за интерна и екстерна комуникација (комплет со соопштенија за печат, оти традиционалните медиуми се се уште важни). Планираат да го објават како слободен софтвер летово, со цел да помогнат и други активистички движења.

Го прашав Фалквинге дали таквиот софтвер, кој може да послужи и за следење на однесувањето на членовите и многу други работи, има некаква додадена вредност преку која помага организациите да станат подемократски, или пак може да биде злоупотребен од недемократски структури (за подобрување на нивната ефикасност). Тој одговори дека софтверот помага во израмнувањето на организациската хиерархија, односно во отстранувањето на растојанието меѓу избраните водачи, активистите, односно гласачите. Со тоа се создава страшен „демократизирачки ефект“ односно се гради меѓусебна доверба. Некој би можел да ги користи менаџерските функции на ваков систем „да поддржува диктатура“, но „тој не е изграден за тоа. Изграден е да им овозможи глас на сите, а диктатурите обично не го сакаат тоа, па нема ни многу да им биде од полза...“


25 May 2012

Дали телевизиските оператори бележат што гледаме?

Секогаш кога некој ќе спомене гледаност на ТВ канали и емисии во Македонија на ум ми паѓаат неколку прашања поврзани со оваа област, оти од оние податоци што ми се достапни ми се чини како да не ја добиваме целосната слика, особено низ филтерот на медиумското покривање. Конечно да ги запишам.

„Приемник“ на МаксТВ со телевизор, прикажува цртан филм со Дак Доџерс
додека се бира друг канал на кој се прикажува „Донт вори би хепи“ од Боби Мекферин

Во Македонија, податоци за гледаност објавува фирмата АГБ Нилсен, која користи пиплметри, наводно во 400 домаќинства со 1300 испитаници. На сајтот не е објаснето дали и како одбраниот примерок е репрезентативен.

Во јавно достапните списоци за гледаност воопшто не фигурираат странски програми, а процентите се претставени како да се однесуваат на севкупната популација. Наспроти тоа, многу луѓе ми тврдат дека ретко гледаат домашни канали, туку претежно гледаат странски документарни или филмски програми, како НГ, Дискавери, Бумеранг или ХБО.

Дел од луѓето кои гледаат телевизија следат програма тотално независно од кабелските оператори и од приемот преку локални репетитори. Имаат поставено сателитски антени и „дримбокс“ - пиратски апарат за декодирање што се „храни“ со нови шифри преку Интернет.

  • Дали ваквите корисници воопшто влегуваат во статистиките за „рејтинзи“ или се комплетно „занемарени“? 
  • Дали ако се добие некој список во кој има проценка дека дадена емисија ја гледале Х%, тој процент се однесува на севкупното население или на многу помал дел од него? 
  • Дали процентите се вадат само во однос на другите програми емитувани од домашните телевизии, без да се земе предвид бројот на гледачи на странските?

Кабелски, ИП и други ТВ во Македонија

 Од друга страна, во Македонија има низа „дигитални телевизии“, а и некои други „кабелски“ оператори користат дигитална технологија. Според АЕК, на крајот на 2011 МаксТВ (IP TV) имала околу 40 илјади, а БумТВ (DVBT) 50 илјади претплатници, кабелските оператори 160 илјади и плус илјада и кусур легални сателитски приемници. Оние оператери што користат дигитални технологии сигурно може прецизно да ја мерат гледаноста кај нивните корисници, бидејќи целиот процес оди преку компјутери. Без оглед што претплатниците на било кој од овие сервиси сами по себе може не се репрезентативни за целото население, тие веројатно ги претставуваат побогатите слоеви (корелација со цените), па секако сознанијата што може да се извлечат за гледаноста би биле доста корисни.
  • Дали дигиталните оператори бележат кој што гледа и прават профили по корисник?
  • Дали се достапни анонимизирани статистичи податоци за гледаност на каналите, програмите, емисиите што ги пренесуваат?


19 March 2012

Меѓународна поддршка за Маршот за мир

Една форма на поддршка за Маршот за мир кој се одржа во Скопје минатата сабота беше преку преводи на текстовите поврзани со него од страна на волонтерите на мрежата Глобал војсис.
Првиот пост, во кој се содржеше и најавата, до сега пренесен на 14 јазици. Основната верзија е англиската.
македонски · Македонија: Марш за мир во сабота, 17 март
албански (Shqip) · Maqedonia: Marsh i paqes të shtunën më 17 mars
унгарски (Magyar) · Macedónia: Békemenet a gyűlölet ellen március 17-én
германски (Deutsch) · Mazedonien: Friedensmarsch für Samstag, 17. März, geplant
француски (Français) · Macédoine : Manifestation pour la paix et contre la xénophobie montante le samedi 17 mars
шведски (Svenska) · Makedonien: Fredsmarch planerad till lördagen den 17 mars
шпански (Español) · Macedonia: Marcha por la Paz programada para el sábado 17 de marzo
холандски (Nederlands) · Macedonië: Vredesmars gepland op zaterdag 17 maart
италијански (Italiano) · Macedonia: marcia della pace a sostegno della società multietnica
малагашки (Malagasy) · Makedonia: Diabe Ho An’ny Fandriampahalemana Nokarakaraina Hatao Ny Sabotsy 17 Martsa
бугарски (Български) · Македония: Марш за мир
српски (srpski) · Makedinija: “Marš za mir” zakazan za subotu 17. marta
турски (Türkçe) · Makedonya: Barış Yürüyüşü, 17 Mart 2012 – Cumartesi
англиски (English) · Macedonia: March for Peace Scheduled for Saturday, March 17
6990866581_433223258c
Маршот за мир на бул. Илинден. Фото: Ванчо Џамбаски, под
Криејтив комонс наведи извор-некомерцијално-сподели под исти услови

Вториот пост исто така беше преведуван, ама во помала мерка.
шпански (Español) · Macedonia: Marcha por la paz – Entusiasmo y controversia
македонски · Македонија: Марш за мирот – ентузијазам и контроверзии
англиски (English) · Macedonia: Peace March – Enthusiasm, Controversy
холандски (Nederlands) · Macedonië: Vredesmars - enthousiasme en controverse
Ќе следат и уште написи, а веројатно и преводи, на истата тема…

06 March 2012

„Девојчето што бере тутун“ меѓу традицијата и современието

Вечерва на Вечери на женски права се прикажува филмот „Девојчето што бере тутун“ на Билјана Гарванлиева, снимен во с. Коџалија и Радовиш.

Следи дискусија за можностите и перспективите на младите жени заробени помеѓу традицијата и современието на која ќе учествуваат Билјана Гарванлиева, Кристина Хаџи-Василева и Артан Садику.

Почеток од 19.00 ч, кино „Фросина“, влез слободен.

23 February 2012

Зошто во Македонија нема стрипови за деца?

Недостатокот на издаваштво за стрипови за деца е силен економски индикатор кој укажува на отсуство на писмено население заинтересирано за развојот на нивните најмлади.

Изданија на Дизни од Србија, Хрватска и Бугарија (јануари-февруари 2012).

09 February 2012

Македонија: Мраз во центарот на Скопје

Коловозите на главните булевари во центарот на Скопје се чисти, но тротоарите и помалите улички во општина центар се нерасчистени и смрзнати. Дел се прекриени со слоеви мраз, снег што се истопил па се смрзнал, комбинации од стврднат снег и фрлена „сол“ и слично. Весникот Фокус објави вест дека властите не сакале да објават вонредна состојба за да „докажат“ дека биле спремни за снегот.
.
Булевар Митрополит Теодосиј Гологанов, вечерта на 8 февруари.
Една уличка во близина на Универзална сала. Оваа и сликите под неа се направени на 9 февруари.

Разни видови слоеви и дупки во нив на ул. 9 мај

Ул 29 ноември е најголема сообраќајница во областа, изгледа сосем исчистена.

Снег претворен во мраз на ул. 20 октомври.

Тротоар на ул. Рајко Жинзифов.

Слоевите на ул. Никола Тримпаре.

Тротоарот пред Т.Ц. Буњаковец. Тротоарот на другата страна од бул. Партизански одреди изгледа сосем исчистен.

Има ли AKTA (ACTA) врска со Македонија?

Деновиве низ светот на големо се дискутира околу договорот АКТА (ACTA - Anti-Counterfeiting Trade Agreement, односно „Трговски договор против фалсификување“) и дел од таа дискусија се одвива и во македонските нови медиуми.

Написи со вести и објасненија може да се најдат на сајтовите на Метаморфозис, IT.com.mk, Ентер, Кајгана..., а релевантните линкови ги прибира и агрегаторот Пинг.мк.

Договорот АКТА, како и нему сличните закони во САД, СОПА и ПИПА, иако во моментов не се однесува директно на Македонија, сепак може да има големо влијание на корисниците на Интернет од земјава бидејќи сите ние користиме голем број сервиси и сајтови кои се наоѓаат во зони кои се под влијание на ваквите прописи, дури и ако се исклучи секогаш присутната можност нашата држава да се придружи, односно го прилагоди својот правен систем на нив.

 Договорот е потпишан од низа значајни земји, но не  ратификуван. На ниво на ЕУ, се чека да го ратификува Европскиот Парламент - кој може и да не го прифати и во таа насока се насочени напорите на активистите од континентот.

Сликичка од напис за АКТА на Радио МОФ

Следните медиуми на македонски јазик до сега имаат изразено интерес на темата (забележително е што повеќето не се домашни)

Следните блогови имаат објавено постови на оваа тема:
 а на АКТА се однесуваат и постари постови, од времето на нејзиното иницирање:
Знаете ли и за други извори?

07 February 2012

Балкан: Онлајн платформа за следење на извештаи од области погодени со рекордните снежни врнежи

Пренесено од Глобал војсис на македонски. Авторка: Даница Радишиќ.


Овој пост е достапен и на:
English · Balkans: Online Platform Launched to Track Reports From Areas Hit by Record Snowfall

Од минатата недела, Балканот е погоден со големи снежни бури, какви што не се видени повеќе од една деценија. По необично долгиот период во кој немаше симптоми на типична балканска зима, минатата недела донесе скоро непрекинати врнежи на снег низ целиот регион, вклучително и брегот на Јадранско Море каде ретко паѓа снег.

Луѓе чистат снег со лопати од улица во Сараево. Рекордните снежни врнежи го парализираше транспортот во босанската престолнина, каде што е прогласена вонредна состојба. Фото: Сулејман Омербашиќ, авторски права © Demotix (5/02/12).

Српската државна телевизија, РТС, како и други медиуми во петокот известија дека Владата објавила вонредна состојба, додека граѓаните известуваа дека има критични ситуации низ целата земја и дека општинските служби слабо си ја вршеле работата при решавање на проблемот со снежните врнежи во голем дел од урбаните области.

Според написот насловен „Снегот ја блокира Србија, вонредна состојба во 27 општини, препорака да не се оди на училиште“ (на српски), началникот на секторот за вонредни ситуации на српското МВР, Предраг Мариќ, наводно изјавил во петокот:
Во 27 општини во Србија е прогласена вонредна ситуација заради јаките снежни врнежи. Мариќ на агенцијата Бета и рекол дека најтешка ситуација е во Сјеница, Ивањица, Пријепоље, Црна Трава и Сурдулица, каде висината на снежната покривка достигнала околу 2 метри. Според него, снабдувањето со струја е „релативно добро“, дефектите брзо се отстрануваат и нема долготрајни исклучувања на електричната енергија…
Мариќ исто така ја најави можноста за прогласување на општа вонредна состојба на државно ниво, што Владата го стори во неделата вечер, меѓу другото откажувајќи ја наставата во сите училишта во Србија најмалку до петок, 10 февруари.

Неколку работни акции беа организирани од онлајн заедницата во Србија и регионот за справување со снегот и во обид да се воспостави функционална состојба барем во урбаните области, како #lopataup, организирана од еден од лидерите на онлајн заедницата, Зоран Торбица и другите локални корисници на Твитер од Белград.

Во меѓувреме, Ал Џезира Балкан, неодамна воспоставената регионална редакција на мрежата за вести Ал Џезира, заедно со тимот на Ушахиди воспоставија платформа за следење на верифицирани информации за сите поврзани состојби, од блокирања на патиштата, снемување електрична енергија, до други критични точки и информации од целиот регион. Ушахиди е платформа базирана на слободен софтвер која служи за прибирање информации, визуализација и интерактивно мапирање која веќе беше користена во Србија веднаш по  земјотресот во Краљево (анг.) во ноември 2010 да се мапира и следи штетата во таа област.

Харис Алишиќ, раководителот на тимот за нови медиуми на Ал Џезира Балкан, ја објави платформата вечерта во неделата. Од тогаш многу членови на онлајн заедницата, меѓу кои и некои од авторите на Глобал војсис, се придружија на тимот на Ал Џезира-Ушахиди во улога на куратори кои ги следат и верифицираат извештаите од регионот.

Адаптираната платформа на Ушахиди е поставена на  официјалниот веб-сајт на Ал Џезира, додека извештаите може да ги праќа било кој преку следните канали:
- преку СМС на +387644218661
- преку Твитер со користење на хаштаговите #kolaps #sneg #snijeg #lopataup #iskljucenje
- преку е-пошта на oluja2012@aljazeera.net („бура2012“)
- или преку внесување информации директно во формулар на табот „испратете извештај“ (pošaljite izvještaj) на страницата на Ал Џезира

Доколку сакате да волонтирате, односно да вложите дел од своето време за мапирање на критични области и ви е позната употребата на онлајн алатки, контактирајте ги авторката на написов, или Харис Алишиќ преку Твитер, или оставете коментар на Глобал војсис, и ќе ве контактираме со повеќе информации за тоа како би можеле да помогнете. Исто така ве покануваме да праќате извештаи од својата област преку Твитер со користење на некои од горенаведените хаштагови, кои автоматски се собираат од платформата и потоа ги прегледуваат луѓе од тимот на Ал Џезира и волонтери.

Луѓе во Босна се обидуваат да бутнат кола заглавена во длабок снег. Фото: Сулејман Омербашиќ, авторски права © Demotix (5/02/12).

Напишано од Danica Radisic · Преведено од Филип Стојановски
Објавено на 7 февруари 2012 9:11 GMT

24 January 2012

Најбрзиот гитарист на светот

Џон Тејлор, најбрзиот гитарист
на светот во 2011 г.
„Најбрзиот гитарист на светот не е Еди Ван Хален, ниту Ингве Малмстин, ниту оној типон од Морбид Ејнџел…“ објаснуваат (на англиски) од „Вајерд“.

Најбрз гитарист на светот е Џон Тејлор (28), наставник по музика од Вестминстер, Колорадо, САД. Титулата се заснова на освојување на Гинисов рекорд, преку свирење на „Бумбаров лет“ од Николај Римски-Корсаков.

За да го собори рекордот, Тејлор се снимил пред сведоци и ја пратил снимката на жирито, чии членови ја пуштале забавено за да потврдат дека навистина свири како што треба. Човекот свири гитара од свои 13 години и за да го постигне рекордот посветувал по 1 час дневно на вежбање на „летот“.

11 January 2012

Македонија: Преглед на проекти за краудмапирање

Борис РистовскиБорис Ристовски објави преглед на македонските проекти што користат краудмапирање (crowdmapping) и ги замоли локалните корисници на Интернет да одговорат на неговата анкета, која е дел од истражувањето за магистерски труд.

09 January 2012

Триумфалната порта во Казахстан

На 16 декември 2011 година, на Дваесетгодишнината од независноста на Казахстан, претседателот Нарсултан Назарбајев ја отворил Триумфалната порта „Мангилик Ел“ во Астана. Наводно, Портата, подигната на иницијатива на претседателот и станала уште еден симбол на казахстанската независност.



Видеово е денес еден вид хит на Фејсбук, гледам многу луѓе од Македонија го споделуваат и коментираат.

За отворањето на слична градба во Македонија, неколку недели подоцна, има пишано Никола Гелевски на Окно.мк во текстот „Стаписани пред Триумфалната порта“*. Всушност официјално македонската верзија се вика „Порта Македонија“, иако според Сеад93 сепак кај народот е одомаќено името Триумфална капија.

Рефлексно крстење

Кога ќе се комбинира помодарство и суеверие (празно вршење на ритуални дејствија без духовна суштина – зар ако си верник треба поттик да ти биде географската местоположба, а не внатрешниот порив) се добива и земја во која „сите“ се „големи“ „верници“ натопена во криминал и лицимерие, во кои истите тие се соучесници. Па потоа –истите– демек се чудат зашто ни било неубаво.

Погорниов коментар го напишав откако го прочитав краткиот текст на Елена Јовановска од БезПардон.мк насловен „Автобусот не е ниту црква, ниту манастир“.
Веќе подолго време сум сведок на една појава која ми боде очи и која воопшто не ми е јасна. Се почесто ми се случува кога ќе поминам покрај црква, било пешки или во автобус, да видам некој во моја близина што се прекрстува и гледа накај црквата.

Прво тоа го правеа двајца – тројца. Потоа станаа повеќе. Прво беа млади. Сега почнаа тоа да го прават и стари. Да не е заразно? Или нешто се сменило, па старите почнале да учат од младите?

03 January 2012

Македонија во 2012 г.: Предизвикот на климатските промени

This post is also available in | Овој пост е достапен и на
- македонски преку Блогерај: Македонија во 2012 г.: Предизвикот на климатските промени
- English: Macedonia in 2012: The Challenge of Climate Change 


Во неволја сме. Т.е. Македонија е. Лошо ни се пишува ако не почнеме да анализираме, размислуваме и да ги прилагодиме нашите одлуки кон решавање на проблемите на кои укажува најновата студија на УНДП за проценка на економското влијание на климатските промени (Assessing the Economic Impact of Climate Change).


Според извештајот:

  • Енергијата ќе стане многу поскапа.
  • Ќе имаме помалку вода. Инвестициите во хидроелектрични централи ќе бидат безвредни.
  • Земјоделството исто така нема да вреди, оти ќе има сè помали приноси. Многу скоро очекуваните штети ќе ги надминат тековните приходи. 
  • Ние немаме аналитички капацитет = како општество и како држава, немаме поим за тоа што се случува. И не сакаме да знаеме.

Општината сече дрвја на кејот во Велес. Велешани велат дека
водостојот на Вардар никогаш не бил толку низок во декември (2011).

Нашите врвни политички лидери никогаш не зборуваат за проекции по наредните избори, а времето го користат на приватизација на природните и економски ресурси во полза на олигархиите по партиска и семејна линија. Нивните следбеници се маат со националистички фантазии за освојување соседни полиња или поделба на земјата по етничка основа преку војна или референдум - но никогаш не зборуваат за условите за живот во таквите политички ентитети. Веројатно се убедени дека со остварување на нивните политички цели, сè друго магично ќе се суреди. Гледање на големата слика, анализирање и планирање на децениско или генерациско ниво со цел подобрување на јавното добро, во Македонија е отсутно во XXI век исто како што било отсутно во XVIII.

Прочитајте го извештајот, ако не цел, барем главните заклучоци (Executive Summary).
Кои ви се приоритетите за нареднава година? Нареднава деценија?

30 December 2011

Цензура: Весник само со позитивни вести

Како честитка за Нова година, Никола Бојков од блогот Интернет маркетинг.мк споделил еден…
„…позитивен концепт со кој хрватскиот дневен весник 24sata веќе втора година им се обраќа на читатeлите во очи пред Нова Година.
Така, 24sata во денешното издание ќе содржи само весели вести без трагедии, корумпирани политичари, злосторства, црни хроники итн, со цел позитивно да влијаат на своите читатели, допринесувајќи кон повесела новогодишна атмосфера.“
Такви медиуми, базирани на „позитивност“, веќе постојат. Се викаат провладини медиуми и во нив не се споменуваат одговорните за трагедии, корумпирани политичари, виновниците за злосторства и нивните наредбодавци, соучесници итн, „со цел позитивно да влијаат на своите читатели“ во директна полза на претходно споменатите.

Не случајно „позитивната вест“ од насмеаната насловна на 24 сата е промоција на приватниот живот на корумпираниот политичар/бизнисмен Керум  (градоначалник и сопственик на супермаркети - секоја сличност е ненамерна). Ко што кажа еден пријател „Кога гледам МРТВ се прашувам дали живеам во Македонија или Калифорнија“. Како што некои верни гледачи на СИТЕЛ мислат дека во Кратово нема социјални случаи.

Општествената улога на медиумите е да помагаат во откривањето на вистината, не во козметичкото создавање виртуелни реалности. Ако еден весник сака уредувачката политика да му биде забавни содржини за деца, треба да се прекрсти во „Другарче“, „Росица“ или „Микијев забавник“. Зборуваме за сериозни медиуми или за претпријатија кои ги водат морони?! Или само опортунистички подлизурковци кои сметаат и дека читателите се морони и овци.

Photo: Ben Hopper via I see three


Интересно како некои медиуми постојано наоѓаат изговори да не си ја вршат општествената функција. Те не било убаво да се пишува за малверзациите и заташканиот обид за тероризам од навивачите во авионот во текот на Европското кошаркашко првенство, да не се расипувала општонародната веселба. Потоа, никому ништо. Повторно во интерес на доброто расположение, сеа за празнициве не било убаво да се кажуваат „лоши работи“ за тие што ги прават да не ги пецне совеста (кога веќе законот ништо не им може – ама шшш, и за тоа не треба да се пишува). Што е важно што народот едвај врзува крај со крај, важно на гладните да им се сервираат „добри вести“ за најбогатиот слој население.

Одбивам да ми го перат мозокот, макар и ненамерно како блогеров. А вие?

26 December 2011

Македонија: Новогодишна елка од пластични шишиња

Инспирани од примерот (анг.) на литванскиот град Каунас, на 25 декември во Градскиот парк во Скопје група македонски твитерџии направи Новогодишна елка од пластични шишиња, со цел да ја „подигне свеста и личната одговорност кон средината во која живееме“.

Дрим-тимот пред #елкамк -  on Twitpic
Елката и тимот. Кликнете на сликата за поголема/нескратена верзија.
Фото : Димитар Атанасов.
Организаторите на акцијата ги користеа нивните блогови (Тамара Атанасовска, Душица дебармаалка, Дарјан Раденковиќ, Јована Тозија) како почетна точка за брзата кампања преку социјални медиуми #елкамк.

Дрвото остана да стои и во текот на ноќта, а ако сиромасите кои собираат пластика за рециклирање од улиците и конејнерите за ѓубре не го пожнеат, авторите планираат соодветно да го отстранат по Нова година.

Ѕирнете ја големата фотогалерија од двата дена на акцијата.

22 December 2011

Каде се Бо Мекејлеб, Мухамед Али Јашари и Мартин Нешковски во изборите на личности на годината?

Македонските медиуми ја отпочнаа сезоната на доделување титули за личност на годината. И лево и десно се пропуштаат луѓето кои на овој или оној начин суштински ја одбележаа 2011 година. Е оти така?
За ова претходно пишав на Пинг.мк.

Лестер Бо Мекејлеб. Како може да се пропушти најдобриот играч на кошаркарската репрезентација кој беше избран и за еден од петте најдобри на целото европско првенство? Можеби затоа што не е припадник на „Гоцевата раса“?!

Мухамед Али Јашари и Мартин Нешковски. Другите двајца, млади момчиња, секој на свој начин беа невини жртви на нашето општество, чија смрт укажа на најлошото и најдоброто меѓу нас, а многумина поттикна да се замислат и можеби да си го променат животот на подобро. Нивните случаи беа претворени во табу теми и изигнорирани од послушниците за моќниците да ја избегнат одговорноста, особено командната.

На Фејсбук исто така ја искоментирав веста дека претседателот Иванов доделил одликувања за храброст.

При тоа, не ги оспорувам заслугите на одликуваните луѓе, но мислам дека ќе беше доблесно постхумно да се признае храброста на Мухамед Али Јашари, ученикот кој беше убиен додека го бранел другар му од насилници пролетоска во ГУЦ во Скопје.

Исто така, мислам дека сведоците на убиството на Мартин Нешковски кои не дозволија случајот да се заташка и го покренаа револуционерното движење против полициска бруталност преку социјалните мрежи исто така заслужуваат признание.