Излегла новата „Стрипотека“, во која има комплетна епизода со Торгал („Помеѓу земјата и светлината“) и некои други куси стрипчиња. Цијена: ситница - 80 денари. Ја има по трафики.
Според мене, Торгал е еден од најдобрите тековни европски стрипови, и по цртеж (Росински) и по свежината со која сценариото (Ван Хаме) третира мотиви кои се веќе видени уште од времето на Принц Валијант. Во оваа епизода Торгал и семејството се сеуште во Америка, меѓу индијанците, обидувајќи се да си отидат во нивната викиншка татковина. Главен проблем им е како да го спасат синот Јолан од самобендисаност, бидејќи индијанското племе го има поставено за бог.
Џендер елементот го запазува повторно згодната, а и способна и безмилосна Крис де Валинор, авантуристка што стално им се плетка. Е сега, изгледа дека „Стрипотека“ пропуштила да објави една епизода, продолжение на претходното издание со Торгал од минатиот април. Затоа, ми останува нејасно од каде момава ги нашла воловите да и’ ја влечат колата со златото што го заработила... Чунки такви волови во Америка, па уште како домашни животни за влечење кола... со тркала... потешко се наоѓале во раниот среден век.
No comments:
Post a Comment