Блекаут

02 February 2006

Експлицитна милитаризација преку играчки: свеж пример од Македонија

Најголемиот број на играчки во светот се фокусирани на американската култура. На пример, кај малите пластични фигурички на историски воини кај нас воглавно се застапени (1) каубојци и индијанци, (2) американски војници, а во многу помала мерка и (3) западноевропски витези.

И СФРЈ и независна Македонија ги увезуваа/т играчките, при што фигуричките достапни кај нас во последните дваесет и кусур години воглавно одговараат на горенаведените типови. За разлика од нив, 1985 г. во Полска имав прилика да видам и фигурички на полски хусари, келтски и викиншки воини, како и војници од сите армии од втората светска војна. Денешниот светски пазар го снабдува Кина и тоа претежно со копии или деривати на американски производи, како ова комплетче од 180 денари што го снимив неодамна во ГТЦ (поголема верзија на клик).


Она што особено ми го привлече вниманието е што во ова комплетче покрај фигуричките на униформирани американски војници, разни палмички, возила, знаменца од „Коалицијата на волните“ (Coalition of the Willing) и друга воена опрема, има и сликички, а капак е целосна и детална мапа на Ирак.


Како парче на пропаганда, ова подсеќа на случајот со „куќата на Барби“ (повеќе за тој случај на англиски јазик во написите на Ентајвор: J.C. Penney Catalog: Toy Soldier Commandeers Barbie's Dream House од Ерик Герис и Christmas Carnage: A toy for our times... од Џастин Рејмондо).

No comments: