Блекаут

14 October 2007

Како Владата да постиге успех со трите издавачки проекти

Премиерот Груевски најавил три издавачки проекти за подигање на културното ниво во земјава:
Владата на Република Македонија ќе финансира објавување на 60 тома македонска книжевност, ќе помогне да се издаде по една книга од сите автори кои во последниве 100 години добиле Нобелова награда и ќе направи превод на околу 500 книги кои се користат на петте најпознати универзитети во Англија, САД, Франција и во Германија.
Идејата изгледа одлично, а за да има вистински ефект и одек, сметам дека треба да се
обрне внимание на следните нешта:
  • „Класичните“ дела на домашни автори што ќе влезат во избор за реобјавување да бидат вклучени под услов сопствениците на авторски права да дозволат нивно објавување на интернет за некомерцијални цели. Така ќе им се помогне на оние кои сакаат да го користат македонскиот јазик и нема да имаат пристап до самите физички книги да го стекнат или усовршат своето знаење. Таква целна група ни е скоро цела дијаспора. Со ова ќе се помогне и во обезбедување дефицитарните содржини за учениците кои ќе ги користат придобивките на проектите како „Компјутер за секое дете“.
  • Дигитализацијата има и друга предност - кој има простор за 60 нови книги дома? Треба и цел нов шифоњер да се купи - а има полесно решение - ЦД или ДВД. Подобро е да се вложи и во конверзија на делата во разни формати за е-книги, да може да се читаат на секакви уреди, особено мобилни.
  • Со оглед на квалитетот под знак прашалник (ако се толку добри, што не се пробиле во светот досега) и политичката искомпромитираност при изборот на „бардови“ во минатото можеби ќе бидат доволни и 6 тома, а не 60. На пр. од случаите со Ченто и Јован Котески дознавме дека и некои од највидните дејци станале највидни по други линии, а не некој објективен книжевен.
  • Парите за препечатување на ангро на книги што никој ионака не ги чита во последниве 50 години и од кои веројатно постојат купишта непродадени по депоа на издавачките куќи е подобро да се пренасочат за квалитетен превод на навистина квалитетните автори (да речеме, Петре М. Андреевски) на светските јазици и дистрибуција на тие книги преку големите книжарски фирми или универзитетски библиотеки.
  • Да има јасна отчетност во однос на тоа каде ќе отидат парите. Ако некои издавачи произведат преводи со низок квалитет најмувајќи инфериорни преведувачи за да лапнат од разликата во цена, прво да мора да ги вратат парите што државата ќе ги вложи во тоа издание, а потоа да мора да ги издадат делата со квалитетен превод.

1 comment:

Ирена said...

Секоја чест за напишаното! :)