Блекаут

12 March 2007

Веб–стрипови: нов ветар во старите едра

Десетина години по комерцијализацијата на Интернет, јасно е дека оваа дигитална технологија има обезбедено нов поттик на „деветтата уметност“ - стрипот. Особено за стрип-авторите од САД и од Европа што никогаш и не биле дел од старата и малку уморна индустрија на печатени стрипови.

Филип Стојановски

Слободата на изразување што ја дава користењето на Интернет ја имаат искористено буквално илјадници стрип-автори од светот, кои објавуваат првенствено на веб. Иако многумина од современите стрипаџии од естаблишментот имаат склопено некаков веб-сајт со работна биографија, таквите немаат голем одек, оти најчесто и не содржат цели стрипови. Објавувањето го попречуваат корпорациите што се носители на авторските права.

Наспроти тоа, успешните „нови“ девојки и момци објавуваат целосни графички новели во еден здив, или стрип-серијали што во мали залачиња ги ажурираат секојдневно или неколкупати неделно.

Претставниците на индустријата за стрип веќе неколку децении се наоѓаат во дефанзивна позиција. Првиот знак на криза дојде во 1980-тите, со зголемениот интерес на читателите за манга - јапонските стрипови кштоои по стилот и начинот на изразување се чинеа сосема нови и заканувачки. Оттогаш, во САД, издавачките гиганти како „Марвел“ и „ДЦ Комикс“ направија неколку успешни обиди за ревитализирање на жанрот на суперхерои, со издигање од нивото на приказни од детско кон возрасно, комбинирање на ликовите и соработка со сродните индустрии за филм, видеоигри и играчки врз основа на франшизи.

Во Европа, и француско-белгиската и италијанската школа прават обиди во тој правец, особено со воведување нови серијали по урнек на успешни остварувања од други медиуми. Сепак, на последниот фестивал во Ангулем издавачите се жалеле дека мангата веќе зазела над 60 отсто од нивниот домашен пазар. Едновремено, некои од цртачите на двата континента интензивно учат од јапонските, модификувајќи го стилот да одговара повеќе на генерациите читатели што почесто играат на конзола отколку што држат нешто хартиено в раце.

Дигитална алтернатива

Во основата на проблемите се, сепак, парите. Според стрип-авторот и теоретичар, Скот Меклауд, цената на просечно стрипче во САД е околу 3 долари, што е многу за нешто што се чита за најмногу дваесетина минути. Полуксузните изданија, како „графичките новели“ од англиското говорно подрачје, односно „стрип-албумите“ од француското - често со тврди корици, чинат неколку пати поскапо. Најголем дел од цената на хартиените стрипови отпаѓа на печатењето и дистрибуцијата.

Во книгата „Повторно откривање на стрипот“ (Reinventing Comics, 2000)
Скот Меклауд се залага за е-трговија за ревитализација на медиумот.


Објавувањето на стриповите на Интернет ја отвора можноста за директен контакт меѓу читателите и авторите, при што со е-трговија се елиминира голем дел од трошоците што ги наметнуваат посредниците. Тоа според Меклауд може да доведе до намалување на цената на стриповите по примерок, што би донело повеќе читатели, со истовремено зголемување на приходот на авторите.

Засега, постојат неколку методи за обезбедување одржливост за издавачите на веб-стрипови. Повеќето од нив се потпираат на поддршката на некој сервис за електронско плаќање како посредник во трансакциите. За жал, светските гиганти на ова поле, како „Пеј пал“ се уште не работат со банки од Македонија - кои со години не покренуваат никакви иницијативи да ја подобрат ситуацијата. Законската забрана за македонските граѓани да поседуваат сметки во странски банки дополнително ги комплицира работите. Оние македонски граѓани што сепак се решаваат да се зафатат со која било форма на е-трговија де факто преземаат ризик да бидат прогласени за криминалци.

Собирање донации - стрипот е објавен бесплатно, но посетителите се поканети да донираат преку некој сервис за електронско плаќање, при што првенствена намена на парите е плаќање на трошоците за одржување на сајтот (хостинг, проток).

Директна наплата за читање - ова бара покомплициран развој на веб-сајтот, со вградување елементи за е-трговија со кои се определува кој што смее да пристапи врз основа на наплатеното. При ваквите шеми главна улога игра можноста да се наплатат релативно мали суми - неколку десетици центи, кои се соодветни за добиеното, на пр. читање една епизода. Проблемот со ваквите наплати е во тоа што компаниите за картички како „Виза“ или „Мастер“ за секоја трансакција наплатуваат фиксна цена, која може да е поголема од нето-износот.

Затоа се развиваат системи за микронаплати, во кои нови компании преземаат улога на посредници и овозможуваат работа со ситни суми. Иако пред неколку години се полагаа големи надежи во ваквите системи, голем дел компании што почнаа со тој бизнис се покажаа неуспешни. Меѓу нив се истакнуваше „Битпас“, кој престана со работа во јануари 2007.

Користење на сервисите за печатење по нарачка - веб-сајтовите како „Кафе прес“ и „Лулу“ им овозможуваат на авторите на нивниот сервер да снимат материјали во дигитален формат, како слики и цели книги подготвени за печат. Читателите потоа може да нарачаат печатење на одреден производ, од маичка или шолја за кафе со ликовите од стрипот, цедиња или цели книги, кои сервисот им ги испорачува по пошта. Овие сервиси најчесто наплатуваат фиксна цена за трошоците на печатење, а авторот на делата ја определува маржата.

Заработка преку реклами - авторите може да заработат преку рекламирање на самиот веб-сајт, најчесто преку приклучување на рекламни мрежи од типот на „Гугл адсенс“. Ваквите мрежи на огласувачите им наплатуваат по клик, а за авторите претставува предизвик каде да ги сместат огласите на страниците со стрипови. Оти, витално за успехот е самата содржина на стрипот, односно сликичките што го сочинуваат да заземат што поголем дел од видното поле на посетителот. Пренападни огласи, особено оние со банери и анимации, не само што може да го свртат вниманието туку уште полошо, најчесто се покажуваат неефективни во привлекувањето посетители што носат пари.

Некои од овие сервиси нудат можност покрај електронско префрлање на заработувачката, истото да го направат и со чекови. Наплатата на вакви чекови во Македонија е можна, но одзема многу време додека да стигнат од САД. Нашите банки понекогаш трошат дополнително време оти откако ќе го добијат чекот, го испраќаат до некоја странска банка со која соработуваат за валидација и дури потоа ги исплатуваат парите. Целиот процес може да потрае и повеќе од месец и пол од испраќањето на чекот.

Синдикација - дозволување стриповите да се објават на веб на други сајтови за соодветна надомест, а тие сајтови се грижат за директната наплата, било со директни договори за огласување, наплаќање претплата, тоа што се дел од поголеми конгломерати па влечат пари од други извори и слично. На овој начин функционираат петте стрипа што излегуваат во различни денови на неделата во рамките на веб-магазинот „Салон“.

Тука секако спаѓа и прифаќањето понуди на издавачките за објавување во печатена форма, било во весници или во форма на збирки во кои се содржат одбрани или сите епизоди од определен временски период.

Индиректна заработка преку јакнење на брендот - некои стрип-автори, како авторот на „Синфест“ Татсуја Ишида или новинарот Тед Рал, свесно одбиваат да користат некои од подостапните горенаведени методи, концентрирајќи се на техничко усовршување и развој на производот. Доколку создадат лојална база на читатели и постигнат светски углед, пред нив потоа се отвораат сите можности, особено оние најпрофитабилните. Но за тоа се потребни голема посветеност и трпение, по можност во комбинација со прилив на постојан приход од друго место.

Квантитет, квалитет и ширење на границите на медиумот

Стриповите што во моментов се бесплатно достапни преку Интернет најчесто се разликуваат според квалитетот, пристапот, стилот, политичката ориентација, целната публика, нивото на голотија и употреба на безобразни изрази... Сепак, низ годините имаат развиено некои непишани правила кои ги следат мнозинството веб-стрипови. Како и стриповите на хартија, најчесто се поделени на страници или ремени. Секоја страница или ремен, која содржи неколку нацртани сликички, се третира како основна единица во рамките на своевидна галерија. Елементите од галеријата се поврзани меѓусебе со линкови: претходна, следна, најпрвата, најновата. Насловната или главната страница на еден веб-стрип најчесто ја покажува најсвежата содржина - последната страница или ремен.

Некои од стриповите на Интернет се репринт на старите и тековните новински стрипови. Тие најчесто се појавуваат на сајтови за синдикација, како што се „Кинг фиџрз“, „Комикс ком“ или „Гоу комикс“. На нив може да се најде „од игла до локомотива“: Калвин и Хобс, Гарфилд, Дунсбери, Брумхилда, Дик Трејси, Нинџа желки, Дилберт... но и некои изданија што воопшто не се стрипови, туку класични карикатури што се состојат од само една сликичка.

Причина за ова е што носителите на авторски права се трудат максимално да искешираат од договорите за лиценцирање што ги потпишуваат со веб-сајтовите што во почетокот, кога имаат великодушни инвеститори, не штедат пари да обезбедат нови содржини за кои сметаат дека ќе бидат интересни за нивната публика. Особено поради тоа што читањето стрипови често се поврзува со припадноста на „гик-културата“, односно, луѓето што ги прифаќаат новите технологии и ентузијазмот поврзан со нив како дел од својот живот и во Македонија често преспецијализирано ги нарекуваат „компјутерџии“.

Често многу поинтересни се новите автори и начините како ги решаваат тешкотиите во пренесувањето на своите пораки наспроти притисоците на времето и просторот. Некои користат едноставни, па и детски цртежи, клипарт или една иста поза со сменет текст за да раскажат целосни приказни.


Авангардните автори, како Скот Меклауд и Патрик Фарли, отвораат нови видици, рушејќи го ограничувањето на страницата како анахронизам поврзан со печатењето на хартија, користејќи го компјутерскиот монитор како прозорец низ кој се гледаат стрипови во форма на огромна таписерија и килим.

Написов е првпат објавен во Неделно Време“, 11.03.2007.

No comments: