Блекаут

09 November 2010

Бркање на скејтерите од Градски парк во Скопје

Во саботата во скопскиот Градски парк бев сведок на две идиотски случки.

1. На тревник си играа мали деца од 2-3 години. Поминува поголема група возрасни и деца што со себе водат куче, бел булдог мажјак, пуштен од ланец и без заштитна маска. Булдогов се стрчува кон едно од децава што си играат и го преплашува на смрт – иако кучето сака да си игра, не треба да бидеш мало дете да те преплаши кога кон тебе трча куп заби и мускули – резултат на генетска предодреденост за давење и убивање.

Кога родителите се побунија, сопствениците на булдогот го заврзаа со каиш (не му ставија заштитна маска) и пробаа да ги убедуваат дека кучето само сакало да си игра. Секоја чест на кучето, ама сопственикот ем има законска обврска да се шетаат само на ланец и со маска, ем ако детето добие уплав од кучиња, тешко ќе го утешиш со тој податок. Секако тие нема да се занимаваат со последиците од тој проблем.

2. Малку подоцна, на платото кај споменикот на Гоце Делчев, три млади момци си возеа ролерки и вежбаа некои егзибиции. Се појавија двајца постари мажи на околу 50-60 години облечени во темно тегет униформи (оние јакни што може да поминат и како обични јакни) без никаков знак и им пријдоа:

Колку години имаш? – 15.
А ти? – 15… – 16.
Што да ти правам сега? Да викам полиција?

Сите во околината се зачудија, а најмногу тинејџериве. Се испостави дека изгледа агресивните старци се некаков вид чувари на паркот кои им забранија на момциве да возат околу споменикот, на многу нападен начин и без никакво образложение.

Кога младиве почнаа да си ја собираат опремата продолжија да ги малтретираат така што еден од жртвите мораше да праша „Што сакате, дали треба да ги симнам ролеркиве и да се тепаме?“ Одговорот беше: „Да не имаш пиштол?“

Младиве си отидоа да си спортуваат „на жардињери“, а чуварите ги снема.

Во паркот се возат и мотори, а и за тоа како и за кучињата без заштитна маска немам видено да интервенира полицијата ниту некој од чувариве.

Арно ама, еве јавниве служби ги бркаат младите што спортуваат, како што беа избркани и разни други супкултури, па прават кампањи „спорт да, дрога не“ да звучат уште попразно.

Дали ова второво беше инцидентно, оти луѓево од јавново претпријатије си ги извршиле сите други задачи па убиваа досада во пауза со покажување кој е газда на територијата, не знам.

No comments: