Овој пост е достапен и на
- македонски на Блогерај: Анџелина Џоли и лустрацијата во Македонија
- English: Angelina Jolie and Lustration in Macedonia
Со оглед на вителот на нејаснотии, шпекулации и „филмови“ што произлегоа во врска со лустрацијата во Македонија, очекувам уште еден елемент со кој ќе се овозможи дополнително проширување на кругот на сомнителни, односно на лица кои од непознати извори ќе може да бидат обвинети дека биле соработници на тајните комунистички служби.
Деновиве во Скопје почнува прикажувањето на филмот „Солт“ со Анџелина Џоли, во кој таа глуми вработена во американските разузнавачки служби. Арно ама испаѓа дека дека неа уште од бебе ја обучувала Советската тајна служба и како дете ја подметнале како „заспан“ таен агент во САД.
Ако земеме предвид дека комунизмот бил меѓународно движење и можностите за размена на искуства меѓу Тито и Брежњев, како и традицијата на јаничарство (одземање на децата од мали од семејството за да работат за интерес на државата) на Балканот, испаѓа дека е многу возможно такво нешто да се случувало не само во СССР, туку и во СФРЈ.
Ако се прифати оваа претпоставка, тогаш како соработници на тајните служби од комунизмот ќе може да бидат посочувани и лица кои не биле ни полнолетни кога Југославија се распадна. Доволно да биле родени пред 1991 г. за да може да се посочи дека биле „програмирани“ соодветно.
Со ова ќе се прошират можностите за дискредитација и уцена за уште една генерација, без разлика дали се тоа комуњари или ретро-комунисти (самонаречени левичари или десничари), а богами имаме и изговор за да ја споменуваме госпоѓа Џоли во врска со Македонија (ко-брендинг).
Значи, очекувам за вакво нешто наскоро да се дознае на дежурните емисии за сеење страв, омраза и теории на заговор, штом некој од големите интелекти на македонската преродба го изгледа филмот. Секако, за тоа време никому не му е гајле кој сè од тековниве дрматори бил на кои функции во стариот систем, а и зошто би му било.
А филмот сам по себе го гледам како еден обид да се креира нова франшиза со елементи на темелите поставени од серијалот за Џемс Бонд, нешто како женски Џејсон Борн, со користење на авто-мото елементи од Матрикс, без толку добро објаснение за тоа како се останува жив при смртоносни акробации.
No comments:
Post a Comment