Блекаут

01 December 2006

Предозирање со филмови за филмови

Вчера вечер имав прилика да гледам два целовечерни документарни филма чија тема е филмот како медиум:
Начелно, обата ми направија кеиф, а коинцидентно имаат и слична структура и тема - објаснување на функционирањето на филмот како медиум на симболичко и психолошко ниво, со примери од сцени од познати филмови. Арно ама, со значајни разлики:
  • „Едукаторот“ ги изложува методите на раскажување и начинот на размислување карактеристични за „западната цивилизација“, поточно оној дел на светот под влијание на римското царство и христијанството. Ова може да се прошири и на другите две сродни религии - јудаизмот и исламот, но ми се допадна што заклучоците не се наметнуваат на универзално ниво.
  • Жижек за основа на своите анализи ја зема психоанализата, гранка на психологијата која е прилично дискредитирана во последните шеесетина години (оти не почива на строго почитување на стандардите на научниот метод), па претежно ја користат слободните мислители како филозофите и аналитичарите на книжевноста. Не ми се допадна што објасненијата беа прилично генерализирани.
Дополнителен контраст даде и тоа што во првиот филм нема класичен наратор, туку текстот го чита компјутерска програма, додека во вториот личноста на нараторот е сеприсутна и му дава особен шарм. Иако се прилично долги, првиот 1:40, а вториот 2 часа, нивното гледање не го сметам за губење време, туку за многу корисна и забавна активност.

2 comments:

ASN said...

"Не ми се допадна што објасненијата беа прилично генерализирани."

Претерано генерализирани...Неколку базични Фројдовски (Лакановски) концепти растегнати во 150 мин...Жижек можел и морал подобро...

Искра Гешоска said...

се согласувам, навистина може да се каже дека нараторот, коментаторот или како сакате наречете го делува површно, и фатен во замката на шоу-бизнисот. од друга страна, зар не е тоа и едниствената алатка за метанарацијата, квазитеоретизирањето на филмската уметност. мислам дека само со теориска симулација, со указ и инсистирање на хипотетичноста при анализата на оваа врван попуметност може да филмувано да се зборува за филмот. и покрај редундантноста во ставовите на Жижек, сепак фасцинантна ми е посветеноста и увидот во светската кинематографија што тој ги има. голема работа бара да се направи консеквентна нарација од онолку многу филмови и секвенци...