Ме интересираше дали блогерите ќе го прочитаат и коментираат Извештајот за напредокот на Европската комисија оти веднаш по неговото објавување беше една од главните теми во традиционалните медиуми. За жал, мислам дека тоа не се случува... Од оние неколку блогерски реакции кои претежно беа во врска со спорот со името не можев да увидам дека некој решил да се задлабочи малку и во прашањата кои ЕУ ги бара од нас да се решат и кои имаат директно влијание врз квалитетот на животот на луѓето во Македонија.
Нејсе, затоа решив да ставам линк до оригиналната верзија на извештајот, како и напомена дека треба да се очекува и негов превод на сајтот на Секретаријатот за европски прашања при Владата на РМ. Тоа е пракса секоја година и мислам дека навистина има потреба од премостување на јазичниот јаз. Исто така објавувам линк и до анализите на Македонскиот центар за европско образование и емисијата Ние кои беа објавени на блогови.
- Европска комисија: Стратегија за проширување на ЕУ и извештаи за напредок за 2010 (англиски)
- МЦЕО: Компаративна табела за новиот Извештај на Европската комисија π
- Емисија „Ние“: Каков ли ЕУ извештај? π
Најголем дел од нашето население не чита. Плус, најголем дел од нашето население не може да чита на англиски. Плус, извештајот е напишан со дипломатски јазик во кој нема место за „ова ептен не го бива“ туку ќе стои нешто како „забележан е многу мал напредок“. Нели поентата на целава државна активност е да се постигне голем напредок. Затоа решив да ги пренесам и описните оценки од извештајот според ниво на тежина, ако некој навистина сака да чита да знае што пишува.
- significant progress (значаен напредок = петка? четворка?)
- good progress (добар напредок = тројка?)
- some progress (извесен напредок = ...)
- limited, uneven, partial progress (ограничен, нерамномерен, делумен напредок)
- no progess (без напредок)
Ако стои зборчето напредок тоа не значи дека се напреднало. Исто како кога некој политичар ќе каже „ценетиот колега“ не значи дека мисли дека тој на кого се однесува фразата навистина смета дека е ценет или дека вреди. Форма и обичај. Башка пристапот на ЕУ не е да го уништи оној кој и се спротивставува со деструктивни пориви, туку да му помогне и да го охрабри да се промени, да постигне напредок.
Бидејќи јас многу сакам аргументи со факти, читањето секогаш го почнувам од позади (стр. 78+), каде што се статистичките показатели. Ќе забележите дека за некои многу важни фактори кај нас воопшто не се врши мерење иако тоа е обврска заради споредба со другите земји од ЕУ, на пример:
- каматни стапки за депозити
- македонски инвестиции во странство во земјите на ЕУ
- степен на прерано напуштање на образованиот процес
- трошење за човечки ресурси за иновации и истражувања
- емисии на гасови на стаклена градина (јаглерод диоксиод)
- ...а за 2009 г. недостасуваат и низа други еколошки и енергетски параметри кои се мереле претходно
1 comment:
Great blog I enjoyed readingg
Post a Comment