Два примера за потреба на обраќање до колешките од блогот Лектор, од нашиот јавен живот.
Пример 1: Фајромизирање на ФИООМ во „СОРОС“
Луѓе од владеачката политичка партија во РМ и нејзини блиски медиуми, фондацијата основана од унгарско-американскиот бизнисмен и филантроп Џорџ Сорос (анг. George Soros) ја нарекуваат СОРОС – со сите големи букви како акроним. За тие што не знаат, цитат од Википедија:
Акроними се кратенки составени од првите букви од некоја фраза или име. Под „први букви“ може да се подразбира само по една буква од секој збор (како во САД) или неколку почетни букви од секој збор (како во Бенелукс).
Конкретно
- Изјава за медиуми на ВМРО-ДПМНЕ: „СОРОС Македонија“
- Вечер: исто „СОРОС“, „СОРОС Македонија“ или ѓоа пописмено „Фондацијата Сорос“
Всушност фондацијата се вика Институт Отворено општество (на светско ниво, на англиски името е Open Society Institute – OSI), а македонската фондација која е дел на таа мрежа се вика Фондација Институт Отворено општество – Македонија и го користи акронимот ФИООМ (анг. Foundation Open Society Institute Macedonia – FOSIM).
Да се нарекува една институција што си има свое име друго е форма на фајромизација (обид да се наметне друго име наспроти сопственото), па уште кога името се пишува со големи букви како акроним, изгледа без врска… Аналогно, нели би било смешно ако:
- ВМРО би се нарекувало Организација ХАЏИ НИКОЛОВ,
- или ВМРО-ДПМНЕ да се нарекува Партијата ГЕОРГИЕВСКИ,
- ТВ Сител да се нарекува – ТВ ЅИНГО,
- а весникот Вечер – весникот БОЈО.
Пример 2: Зоолошка не се скратува со ЗОО
Зоолошка градина Скопје нејзините вработени ја нарекуваат „Скопје ЗОО“ (на лого) или на латиница „ZOO Skopje“ на официјалната страница на Фејсбук. Во било кој случај оние буквине „оо“ не треба да бидат големи, туку мали – на англиски „Zoo“ како дел од наслов, „zoo“ во сред реченица.
Вака излегува дека тоа ЗОО е акроним, а не проста кратенка од „зоолошка“. Јас лично ги поздравувам и низ цел свет ги фалам позитивните промени во зоолошката, но мора да напоменам дека за сите нивни изданија, особено официјалниот веб-сајт, има потреба од лекторска интервенција. И тоа е дел од брендирањето и односите со јавноста.
2 comments:
Мнооогу добра статија! :)
Koj degen se zanimava so ova?
Post a Comment