Блекаут

03 January 2008

Празноверна инвазија во главните текови на македонските медиуми

Македонското новинарство доживеа нов пад на интегритетот како средство за критичко размислување со ставањето на гатање на местото за вести од Македонија на третата страница од „Дневник“ од 2.1.2008. Беа објавени непотпишани годишни хороскопи за Никола Груевски и Бранко Црвенковски. Во крајна линија, се работи за изразување на нечие лично мислење кое според основни новинарски стандарди максимално би можело да влезе во колумна:
Меѓутоа, неговиот владетел и ковладетел Меркур, кој е најнагласен во хороскопот, е во конјунукција со Плутон и го обдарила со рафинираност и со мудрост, брзина на рацете и мислите и дипломатичност.
За ова лековерно известил и ББЦ, кој авторот на овие небулозни написи ги означил како „астролозите“. За жал, „Дневник“ не е осамен во овој тренд. Како една од главните вести на 31.12.2007, „Канал 5“ ги пренел црните предвидувања на „јасновидката“ Глорија.

Како што може да се види од примерот на минатата година, предвидувањата за катастрофи ептен утнале. Сега особено морничаво звучат августовските предвидувања дека „Тоше ќе се ожени на 33 години со постара жена“. Зошто уредниците на овие „мејнстрим“ изданија решиле да промовираат таков неефективен начин за осознавање на иднината - кој попат и влијае на заглупавување на публиката - е отворено прашање.

Башка што и според официјалното христијанство и исламот, гатањето (во кое спаѓа и астрологијата) е магија во служба на Лукавиот, што би рекла покајничката, бивша гатачка и сегашна блогерка Мина. Според црковните великодостојници кај нас:
Нема социјална категорија со поголема концентрација на суеверие, денес, од еснафот на интелектуалците.
Како и во Таџикистан, злоупотребата на празноверните достигнува размери на нова стопанска гранка, не само „во провинција“ туку и во Скопје. Пред некое време беше најавена државна интервенција против гатачите, но никому ништо - во тоа сме и зад Босна, Србија и Русија. Дури некои имале шанси да станат туристичка атракција, па Топаана да се дигне на ниво на Барајево и тоа не во иронично-пародичната турска варијанта.

Во комбинација со десекуларизацијата на државата, ни останува само да си посакаме добредојде (назад) во средниот век.

6 comments:

Развигор said...

Фуснота:

Лопез е опседната со гатачи

Anonymous said...

Ту, ист хороскопски знак и подзнак сме биле со Груевски, бе :)
Навистина изненадија медиумите, не со хороскопите(вообичаена пракса им се околу секоја нова година тие анализи) колку со „предвидувачите“. Премногу шарлатански. Зарем нашата иднина ќе ја препуштиме на нивното гатање?!
И, како се вклопува тука онаа рекламата со зелената полјанка(парафразирам, не ми текнува точно како беше) - Ако не можеш да ја видиш својата иднина тука, ќе ја види некој друг!
А ние не гледаме подалеку од носот, ни требаат јасновидци да ни кажуваат.......

Развигор said...

Би било баш интересно да се најдат луѓе родени во исто време со некои јавни личности (како горенаведените), па да се испита зошто нив Уран не ги владеел еднакво.

Идејава ваистина може да послужи како основа за научен експеримент, the ultimate mythbusting.

minimoog said...

Веќе е mythbusted. Ама ај...

http://youtube.com/watch?v=3Dp2Zqk8vHw

http://youtube.com/watch?v=haP7Ys9ocTk

Немој некому да сте покажале клипчињата, многу астролози, хироманти ќе останат без работа. Хехе.

А се се базира на Forer/Barnum ефектот и ладно читање.

http://skepdic.com/barnum.html
http://skepdic.com/forer.html
http://skepdic.com/coldread.html

Anonymous said...

А што се разликува црквата од нив? Гата, се меша во политика, искажува лични мислења. Ортодоксно нема што.

Anonymous said...

А бе, веројатно е до „конјукциите“, „тригоните“, „квадрантите“ и појма неам уште шпто :) Затоа Уран не делува исто кај сите ;)
Ама, ми е гајле, вака покрај премиерот - и јас си добив бесплатен годишен хороскоп :)
п.с. има ли некоја Вага со подзнак Водолија? Не за друго, туку да видиме дали ќе ни оди муабетот (кохабитација, де) :))))))