Блекаут

31 January 2008

Табелата за пенетрација на Интернет Македонија - потреба од дополнување

НВО Интернет Македонија има објавено табела за интернет-пенетрација на Балканот во периодот од 1999 до 2007 година.

Во текот на 2007 во Македонија беа направени барем две истражувања поврзани со интернет-пенетрација,
Првото вели дека 24% од популацијата на возраст над 14 години користело интернет, второто дека 32% од популацијата на возраст над 4 години користело интернет во моментот кога биле прашани - пред околу една цела година.

Ме чуди зошто тие резултати не се споменати, ниту земени предвид во постот, како ни резултатите од низа истражувања направени во периодот пред тоа. Иако тие не се правени врз еднозначен примерок или со исти критериуми, сепак по прашањето за користење интернет (во било која форма), сите „се вртат“ околу триесетина проценти.

Тоа што е користен само еден извор, без притоа да се аргументира зошто оние што исто така се достапни не чинат, мислам дека не може да го квалификува овој пост на Интернет Македонија како „истражување“.

Дополнително, тој едниот извор директно се референцира на друг извор, кој тврди дека во Македонија во 2006 година пенетрацијата била 19,1%. Е сега, овој другиов се повикува на погрешно пренесени податоци од Завод за статистика на РМ (пдф, 211КБ) од 27.07.2006. Во документот на страница 3 стои дека за популацијата на возраст 15-74:
  • Корисници на интернет (кои било кога употребиле интернет)
    за 2004 - 26,9%,
    за 2006 - 31,3%.
Препорачувам поригорозен пристап при собирањето и обработката на податоците, за да се зголеми релевантноста на оваа НВО, оти сосем ја поддржувам нејзината декларирана кауза во нашата земја да има подобар интернет. За да се подобри, треба да се знае каква е всушност состојбата. Да се има почетна (тековна состојба) и крајна точка (посакуваниот исход).

4 comments:

Алек said...

си ме натерал да барам акаунти и лозинки :)

Прво, ниедна од бројките за интернет пентрацијата што била објавена од „нас“ немала за цел да ги обезвредни несомнено огромните постигнувања во оваа сфера. како што веројатно ни твојот пост нема за цел беспотребно да ги глорификува. уште вчера пратив до волан други бројки, со кои тој го дополни постот, но графиците не беа прикажани од технички причини и затоа ги објавив пред некое време во нов пост:
http://internetmakedonija.blogspot.com/2008/01/blog-post_4294.html

Второ, методологиите на двете истражувања кои ги имаш спомнато се благо речено проблематични и за тоа се имам произнесено во неколку наврати, исто како и за фалшливата бројка на ИТУ/internetworldstats. Ајде да повторам некои од работите. Колку е разумно за интернет корисник да се смета секој што било кога пристапил на интернет? Во кои европски земји долната старосна граница во ваквите истражувања е 4 години, а во кои е 16 години? Споредувањето на податоци од значително различни извори и добиени врз основа на битно различни методологии би било несериозно. И зошто да не...Дали нарачателите на овие истражувања имале интерес бројките да бидат овакви или онакви?

Трето, зошто кај ИТУ и на internetworldstats, кои се најчесто користени извори за вакви податоци, фигурираат бројките што фигурираат? Што ја спречува АЕК, која е членка на ИТУ и таму плаќа членарина да издејствува објавување на бројки за кои смета дека се порелевантни?

Четврто, во услови кога нема систематска акција од надлежните органи за да стигнеме од „тековната до посакуваната состојба“ следењето на овие бројки ја губи основната смисла. Затоа постојано ме изненадува привлечноста на ваквите расправии за „точните бројки и мотивите за нивно објавување/необјавување“.

Photo Volan said...

Идејата на таа анализа е да ја упозори јавноста - домашната дека некој тука дома не си ја работи работата за која прима плата од нас даночните обврзнци ...

Зошто институциите кои се надлежни ги спонма Алек погоре не се потрудиле да ги корегираат бројките ... и зошто сите имаат потреба да кажат дека се е така супер со користењето на интернетот во Македонија ... дека незнам толку се корисници ...

Сите што сме на интернет знаеме кои ни се проблемите и ако сите си ќутиме нема да си помогнеме ... Не се должни НВО-а и фондации да прават анализи на бројките ... тоа е задача на заводот за статистика ако го има државата а ние имаме таков ... и секако АЕК ... кој ги има бројките ... зошто ги нема на неговата интернет страница ...

По некоја случајност токму ден по мојата табела искочи соопштението на заводот за статистика ... :)

Photo Volan said...

А да ке заборавев ... човек странец ... ај да речеме странски инвеститор од кај ке се информира од светските статистички табели или од истражувањата кои ти ги споменуваш ....

Ванчо said...

Општо земено, состојбата со статистичките истражувања во ИКТ сегментот е катастрофална. Нема сигурни и верни податоци, на пример, ниту за бројот на персонални компјутери, пенетрација на ИТ технологиите кај компаниите, да не споменувам оперативни системи или текст-процесори ...
Државниот завод за статистика (ДЗС), со прилична помпа, неодамна објави некаков петгодишен план во кој се предвидуваат посуштински следења на овие состојби. Но, сметам дека се` тоа е некомплетно, волунтаристички и аматерски. ИКТ Комората на Македонија се обиде да даде некаков инпут и да влијае на ДЗС, но не верувам дека нешто сериозно ќе испадне од сето тоа.
Единствен кој прави научни истражувања на ова поле во Македонија, применувајќи европски методологии (за да имаме компаративни податоци) е проф. Марјан Гушев од ПМФ. Присуствував не едно негово предавање (всушност, keynote speech) во кое изнесе интересни податоци, релевантно и стручно обработени.