Блекаут

15 July 2008

Каролина Гочева на Мајспејс (не Фејсбук)

Прво да се извинам што во насловот на постот Каролина Гочева на Фејсбук го погрешив името на сервисот за социјално вмрежувања на кој таа се жали во написот од „Вечер“. Веројатно несвесно ми проработела пристрасноста кон сајтот на кој имам профил наспроти оној на кој немам. Плус открив дека на Мајспејс има не еден, туку неколку профили за Каролина.

Второ, се обратив до ДЗЛП и како одговор експресно добив соопштение со препораки за користење на сервисите за социјално вмрежување, или како што тие ги нарекуваат портали за социјална интеракција:

Во последно време до Дирекцијата за заштита на личните податоци се почесто стигнуваат известувања за злоупотреба на личните податоци на интернет, конкретно на порталите за социјална интеракција. Креирањето на лажни профили на порталите за социјална интеракција не е во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци и со основните принципи за заштита на личните податоци.

Дирекцијата е во постојана соработка со тимовите на порталите од ваков тип што придонесува за брзо и ефективно откривање и решавање на проблемите врзани со повредата на личните податоци, но сепак, најважно е сите оние кои ги користат ваквиот тип на веб страници и портали да внимаваат кога објавуваат свои, но и туѓи податоци на интернет.

Целиот текст на ставот на ДЗЛП за користењето сервиси за социјално вмрежување содржи и конкретни препораки за фирмите што нудат вакви услуги и граѓаните - нивни корисници. Објавен е на веб-сајтот на Метаморфозис, а ќе го има и на други места. Доколку сметате дека е важно и полезно, ширете го линкот преку ваши постови, со гласање на Кајмакот, по форуми и сајтови за социјално вмрежување.

Дополнително, треба да се има на ум дека ДЗЛП има надлежност за постапување само на територијата на РМ и дека ако некој врши злоупотреба преку странски сервис или случајот се решава преку неофицијална соработка со фирмата или жртвата мора да се обрати директно до надлежните за заштита на лични подоатоци во фиљан-земјата.

Во тек е процес со кој во нашето законодавство ќе се доразрешат разни отворени прашања за додефинирање на надлежностите и постапките за истрага и прогон во случај на нарушување на приватноста. За жал тој процес трае со години затоа што зависи од политичката волја на властите која не е секогаш на ниво на задачата...

1 comment:

Tome said...

Дирекцијата ти одговори - ништо. Незаинтересирана е за темава, комплетно!

Прочитај повнимателно што пишуваат:

- „креирањето лажни профили на порталите не е во согласност со одредбите на ЗЗЛП“? Обично се кажува дека е во спротивност со законот, и со кој член е спротивноста. Веројатно тешко им одело да ја поврзат оваа активност со некоја конкретна одредба од законот и заради тоа одговорот е таков каков што е. Веројатно и премалку време посветиле на темава (што ми е и основна претпоставка во овој коментар).

- „дирекцијата е во постојата соработка со тимовите на порталите“? Gimme a break! Кои тимови? Што прави, им се обраќа на фејсбук и им бара IP адреси, па оди кај ISP, па МВР? Gimme a *** break! Дирекцијата нема надлежност за тоа, може или да ги опомене порталите (меѓутоа само тие во земјава) или да покрене кривична пријава против непознат сторител, која ќе го задвижи МВР. На крај, ако дирекцијата врши толку брзо и ефективно откривање и решавање, зошто се потребни толку предупредувања и долги листи на превентивни мерки? Или, зошто тие случаи, откриени и решени, не доживеале свој публицитет како многу други случаи?

- погледни во текстот кои им се препораките до провајдерите. „Лесно достапни поставки (settings) за уредување на политиката на приватност на веб страницата.“? Што конкретно тоа значи?

- „Исполнување на ветувањата дадени на корисниците.“ - Молам? На пример, ветувањето на порталот кон крајниот корисник - лажната Каролина - би било дека по секоја цена ќе ги заштити нејзините податоци, нејзиниот анонимитет и/или идентитет! Откај знае порталот која е правата Каролина? И откај му право да знае?


Да не бидам негативен до крај :), единствено упатствата до корисниците имаат некаква смисла,... меѓутоа тоа веќе сме го виделе од нив, нели, од една претходна иницијатива?