Блекаут

14 May 2007

Како помина трибината за промоција на Македонија во светот преку е-содржини

tribina_wsa.jpgТимот на Метаморфозис го објави извештајот за трибината „Промоција на Македонија во светот преку е-содржини“ која се одржа минатиот петок.

Иако во функција на идните можности, како учеството натпреварот за Наградата на Светскиот самит, дискусијата воглавно се насочи кон минатите конкретни искуства на издавачите на дигитални изданија.

Она што ми беше особено интересно е нешто што го споменав и во долгиот напис за употребливост - на издавачите често им недостасуваат информации за сите аспекти на технологиите, па во голем број случаи ги прифаќаат решенијата понудени од техничките лица што ги најмуваат. Како резултат на тоа, репрезентативните изданија на ЦД-РОМ се непогодни за употреба на други оперативни системи освен Виндоуз, со што се намалува потенцијалната публика.
Дамјан Георгиевски забележа дека ако припадниците на византиската цивилизација и другите автори за кои дела зборуваат ЦД-ромовите ги користеле системи за заштита од „пиратство“ како денешниве, меѓу кои и ДРМ, современиве издавачи, вклучително и присутните, не би можеле да ги направат претставените ЦД-ромови.
Ова е исто така важен аспект. Како што Лоренс Лесиг наведува во неговото познато предавање за вовед во слободната култура (фала Би), денешните рестриктивни закони за авторски права обезбедуваат никој да не може на Дизни да му го направи она што Дизни им го направил на браќата Грим.

Од друга страна, македонските издавачи мораат да вложуваат големи иницијални суми во продукција или откуп на фотографии, а државните институции чија намена е заштита на културното наследство немаат архиви со такви материјали. Би додал, таквата архивска дејност не само што мора да се возобнови и систематизира, туку и материјалите мора да ги направат јавно достапни (оти работат со пари на граѓаните), под слободни лиценци. Тоа би бил најдобар придонес за сите идни проекти поврзани со претставување на нашето културно наследство.

Издавачите не покажаа спремност за користење на Википедија за промоција, без разлика на тоа што ако придонесат енциклопедиски единици тие страници потоа ќе мора да референцираат кон нивните сајтови, носејќи им свежа публика и потенцијални муштерии.

Трибината беше многу полезна за мапирање на точките на разидување во начинот на размислување на издавачите и компјутерџиите, оние кои живеат од продажба на авторски дела и оние кои се залагаат за слободна култура. Оти, тоа истовремено може да бидат и точки на поврзување, односно основа за наоѓање излез.

Да генерализирам и малку поопшто од трибината, барем во јавни истапи, пиратството сеуште се претставува како баук, а не како симптом на посуштински проблеми во системот. Има потреба од јакнење на јавната свест и ширење знаења за последиците и алтернативите од областа на авторските права и интелектуалната сопственост. Особено ми се чини дека има потреба за дополнително ширење знаења за поимот слободен софтвер во универзитетските средини, како и конкретни решенија од оваа област што би ги задоволиле потребите на сите заинтересирани за создавање и ширење знаење преку е-содржини.

No comments: