Блекаут

24 April 2007

Употребливоста обезбедува поуспешни веб-сајтови

Употребливоста е дел од кој било процес на изработка што обезбедува корисникот да може лесно да го користи крајниот производ. Особено е важна при изработката на компјутерски апликации, оти експлозивниот развој на новите технологии понекогаш оди толку брзо што се занемаруваат потребите на самите корисници

Филип Стојановски

За жал, употребливоста не е голем приоритет за дизајнерите на веб-сајтовите во Македонија. За тоа има две основни причини, кои природно потекнуваат од карактеристиките на луѓето што ги нарачуваат веб-сајтовите и карактеристиките на луѓето што ги извршуваат тие нарачки.

Да не се остане покусо

Основен фактор за успешност на еден проект е тој да има јасна и мерлива цел. Во голем број случаи при одлучување да се изработи веб-сајт, сопственикот нема јасна претстава што сака да добие од таа операција. Тоа се должи на се уште ниското ниво на свест за придобивките од користењето на Интернет, но и на објективно се уште неразвиените можности за е-трговија во Македонија.

Во голем број случаи основен мотив за изработка на веб-сајт не е да се унапреди работењето на фирмата, туку да не се остане покусо од конкуренцијата, односно барем формално да се покаже дека фирмата или организацијата користат нови технологии. Поради тоа, голем дел македонски комерцијални веб-сајтови ги содржат основните информации за организацијата и можеби еден вид каталог со основните производи и услуги. Нивото на презентирани информации е она на визит-карта, оглас во весник, леток или, во најдобар случај, брошура за брзо претставување на фирмата.

Често, раководителите не планираат вложување ресурси во ажурирањето на веб-сајтовите, па тие оставени сами на себе играат улога на своевидни реликти, негибнати со години, кои сведочат за степенот на развој на фирмата во моментот на поставување. Многу често се случува бизнисмените воопшто да не ги посетиле сопствените сајтови, а во случаите кога ја увидуваат потребата за нивна изработка или ажурирање попрво да посегнуваат по барање надворешна помош, а не развој на капацитет во сопствената организација. Тоа што минимално го користат во секојдневната работа им оневозможува да проценат дали производот што го добиваат исполнува какви било критериуми за употребливост.

Опортунистички и приучени занаетчии

Од друга страна, употребливоста како концепт не е голем приоритет ни кај голем дел од македонските фирми што изработуваат веб-сајтови. Дел дизајнери доаѓаат од светот на ликовната уметност или графичкото уредување на печатени медиуми со многу мала или никаква образовна подлога за потребите и техничките аспекти на употребливоста. Главен приоритет на ваквите дизајнери е да направат производ што ќе изгледа како што сакаат, без притоа да потрошат време да научат нови техники и алатки, што често доведува до изработка на решенија што се „убави“, но не се оптимизирани според потребите што се дел од комуникацијата преку Интернет.

Основен резултат во овој поглед е создавањето огромни датотеки што се вчитуваат многу бавно, што е основна пречка при гледањето еден веб-сајт. Ако вчитувањето не е доволно брзо, корисниците ќе си отидат на друго место, кое повеќе ќе го цени нивното време. Многу често ваквите веб-сајтови не се тестираат преку Интернет, туку на локалниот компјутер на дизајнерот, каде што нема проблеми со брзината. Како такви им се прикажуваат на муштериите, кои дури откако ќе ја платат фактурата и ќе решат да го погледнат поставениот веб-сајт дознаваат дека е пребавен.

Некои дизајнери се правдаат дека со воведувањето широкопојасен Интернет (АДСЛ) се губи потребата од обрнување внимание на оптимизирање на големината на датотеките, оти тие сеедно се вчитуваат доволно брзо. Ваквиот однос покажува елементарна негрижа за доброто на посетителите на сајтот, кои плаќаат за определени квоти на пренесени податоци и кои трпат финансиска штета ако примат повеќе податоци од оние што им се потребни.

Остатокот од веб-дизајнерите претежно доаѓа со програмерска образовна подлога и искуство. Ваквите дизајнери пак често не се мешаат многу во графичкиот дел на работата и во таа област се потпираат на готови решенија од горенаведените колеги или штанцаат нови производи врз основа на постојни шаблони. Образовниот процес на овие лица им нема обезбедено доволна подготвеност и за решавање на проблеми од областа на употребливост, која се базира на психологијата, како и од областа на комуникација со муштериите. Во случаите на „краток спој“ од овој тип, дизајнерот е најчесто вљубен во некое технолошко решение кое му го наметнува на муштеријата, без разлика на тоа дали тоа навистина одговара на неговите потреби.

Подвид на ваквите дизајнери се оние што сакаат да експериментираат и учат на сметка на клиентот, па преземаат изработка на веб-сајтови со техники што не им се доволно познати, но претставуваат нешто ново и интересно. Така, на пример, пред неколку години кај нас се појавија многумина „флеш-дивелопери“ што недоучено ја промовираа употребата на алатката за анимација и мултимедија Флеш и кај што треба и кај што не треба.

Заведени од едноставната блескавост на ефектите, голем број клиенти имаат прифатено поставување на флеш-апликации на нивните веб-сајтови, особено во вид на банерчиња или анимации на воведниот екран што не пренесуваат никакви полезни информации. Всушност, ваквите џиџи-миџи често и го попречуваат пристапот од машините за пребарување до страниците што содржат информации во вид на текст или само служат да го одвлекуваат вниманието на читателот од нив, ако се вградени во дизајнот на таквите страници.

Така на пример, голем број веб-сајтови на македонските музичари имаат облик на мали сликовници, во кои иницијално се поставени неколку основни информации, фотографии и звучни записи, завиткани во непробојна обвивка од Флеш, која оневозможува поставување длабински линкови до индивидуалните страници. (Примери: Бојана и Дани - прим. ав.). Згора на тоа, тие многу ретко имаат оддел за вести, а тие уште поретко се ажурираат. Зачудува тоа што музичарите ја пропуштаат можноста на своите фанови да им ги најават барем своите наредни настапи, со време и локација, но тоа е македонската реалност.

Некои од најкатастрофалните примери на лошо изработени или почнати, па недовршени веб-сајтови доаѓаат поради желбата на муштериите да поминат евтино. Наместо да инвестираат во професионална услуга, многумина на помош го викаат братучедот или внукот кој „растура компјутери“. Ваквите роднини бараат многу пониска цена, а обезбедуваат уште понизок квалитет. Во слична ситуација се и оние што добиваат спонзорирани веб-сајтови, при што подарокот е нефункционален, но „се брои“. Со ваквите постапки се прави дополнителна штета, оти кај разочараните нарачатели се создава одбивност во врска со интернет.

Употребливоста не е дополнителен товар, туку сојузник

Главен промотор на модерното сфаќање на употребливост е Американецот Јакоб Нилсен, кого често го прогласуваат за гуру на оваа област. Неговиот веб-сајт е честа појдовна точка при испитувањето на прашања од оваа област, а угледот го има стекнато со повеќедецениска континуирана работа како научник-истражувач и консултант во повеќе гранки на софтверската индустрија.

Во последните неколку години, покрај приватните иницијативи употребливоста стана актуелна и на ниво на влади, особено во развиените земји каде што поголемата употреба на Интернет доведува и до поголема потреба од употребливост. Ова е проследено со донесување политички одлуки и конкретни препораки во чија основа се резултати од научни истражувања и анализи на однесувањето и потребите на корисниците. Употребливоста се споменува и како дел од формалните ИСО-стандарди за квалитет на софтверски производи (ISO IEC 9126, ISO 9241-11).

Најчестите утки против употребливоста кои ги споменува Нилсен во неговата легендарна листа на „10 најчести грешки во веб-дизајнот“ често се забележуваат и на видни македонски веб-сајтови.

Така на пример, повеќето медиумски-веб сајтови немаат добар систем за пребарување. За среќа, некои од нив имаат воспоставено соработка со пребарувачот Најди!, кој им обезбедува целосно индексирање и пребарување на нивните содржини како бесплатна услуга. Оваа шанса ја користат и многу македонски блогови.

За жал, на голем број владини веб-сајтови, како што е порталот за услуги, како и невладини веб-сајтови наменети за дистрибуција на документи, како што е Право, документите се достапни само во форматот ПДФ (поточно во ПДФ и во Ворд, формат кој како исто така не наменет за на веб - прим. ав.). Во најлошите случаи се работи за скенирани хартиени верзии, кои се всушност слики а не текст. Таквите документи се огромни, тешки за симнување и невозможни за обработка од типот копирање делови на текстот, цитирање и слично.

Според искуствата од рубриката „Веб-сајт на денот“, која функционира од основањето на весникот „Време“ - речиси три и пол години, покрај горенаведените неменувањето на бојата на посетените линкови и отворањето нови прозорци се веројатно најчести грешки на македонските дизајнери. Отстранувањето на овие недостатоци не само што му обезбедува на корисникот подобро снаоѓање во рамките на веб-сајтот, туку и ментален континуитет.

Среќа е што кај голем број македонски сајтови веќе не се користат рамки (фрејмови), една демоде-практика, која Нилсен строго ја осудува. Оние што користат со право се незабележителни на Интернет, и како брендови и како производи. Работите полека се менуваат, но сепак и природниот тек на прогресот ги подига стандардите на квалитет. Тука голем удел има и тоа што употребливоста е приоритет при изработката на системи за раководење со содржини (CMS), кои често доаѓаат во форма на слободен софтвер (Joomla, PHP Nuke, Drupal).

Некои дизајнери се спротивставуваат на овие ставови поради тоа што тие „отсекогаш“ работеле на тој начин. Најдобро решение на ваквите дилеми е ако секој се запраша не дали да го примени она на што е навикнат/а, туку она што го применуваат најуспешните. Едноставноста често е поефективна. При донесување одлуки, најполезно е човек да се праша што би направил Гугл. Не случајно е што веб-сајтовите на Гугл, и на Јаху, и на низа други успешни профитабилни лидери на пазарот на Интернет ги следат препораките за употребливост во случаите кога не се придржуваат слепо до нивната основна форма, тоа го прават со добра причина и во функција на конкретната задача. Така, на пример, делот на Гугл за пребарување слики користи рамки, но со можност веднаш да се излезе од нив штом се најде потребниот податок.

Што треба да се направи

Поголемото интегрирање на употребливоста во изработката на македонските е-содржини ќе придонесе кон нивна поголема видливост и влијание на Интернет, а со тоа ќе се зголеми и моќта на македонските граѓани, институции и фирми.

И нарачателите и изработувачите на веб-сајтови треба да станат посвесни за предностите што ги нуди оваа област со континуирано самообразование и неприфаќање на спуштање на нивото на квалитетот на изработка.

Текстов е објавен во „Неделно Време“ (21.04.2007).

5 comments:

Anonymous said...

Ашколсун за муабетов, само би сакал да знам што ќе кажеш за сајтот од Време и од Шпиц.

dasaf said...

Одличен пост, што особено ме замисли затоа што се занимавам со изработка на веб страни. Сигурно ќе прифатам многу од муабетите...

Anonymous said...

Мислам дека е тотално смешно да пишеш употребливост, кога постои многу посоодветен англиски термин за тоа - Web Usability. Не треба баш се да се преведува на македонски нели?

Текстов не го прочитав цел искрено, бидејќи ми беше премногу општ. Чоече изворите се само твои, дај молим те користи малце странска литература и линкови(има све напишано на интернет многу одамна пред тебе, немора да им џвакаш на луѓево).

Дизајнер сум на вебсајтови и можам да кажам дека книгата на Steve Krug - A Common Sense Approach to Web Usability многу ми помогна. Успат претходно го прочитав цел alistapart.com и The Principles of Beautiful Web Design(ептен нова книга) од Jason Beaird за кој можам да кажам само пофални зборови. Книгата му приоѓа на дизајнот од уметнички аспект, а не од оној ботовскиот програмерски како што и се прават сајтовите кај нас(па не е ни чудо што така изгледаат).

Тоа е тоа на кратко, убаво ти е напишано све на блогов, ама треба малце да отвориш очи и да престанеш да бидеш толку егоцентричен.

Поздрав,
Соле

Igor Stojanovski said...

Se soglasuvam so Sole, mislam deka povekje tuka zboruva tvojata odbivnost kon Falshot i tvojot estetski vkus, otkolu nekoja racionalna analiza. Fakt e deka sekoj moze (a bogami i treba ) da bide web dizajner i ne mora da se konformira kon web standardite na web industrijata. So wtf?

Ne mora sekoj sajt da ima P forma , kodot da bide w3 validen i shto ti ja znam, premnogu puritanski gledash na rabotive a nevidov nikakva nasoka kade bi mozelo da bide resenieto.

Sho ako jas ti kazam deka tvojata muzika e sranje poradi toa shto snimash na Cubace a ne preku nekoja 10 kanalna profi miskita na nekoj lentash koj spored lokalniot audio guru najprirodno go snima zvukot?

Don't hate the media, become the media. So chill the fuck out ! :)))

Anonymous said...

Skoro celosno se soglasuvam so napishanoto vo ovaa statija za situacijata vo Makedonija okolu upotreblivost na veb stranite. Barem moeto iskustvo pri posetata na mnogu makedonski stranici, iako se podobruvaat so vreme, e deka mnogu malko se posvetuva vnimanie na interesite na korisnikot. Mozebi prichinite lezat vo "sozreanosta" na samite firmi kako shto objasnuva Jacob Nielson vo statijata Corporate Usability Maturity.

Se izvinuvam shto ne sum vo moznost da ja prevedam na Mak. Eve Razvigor moze da ja prezeme ovaa ponuda :)